Потребите на преубавиот Охрид
Коле Јордановски, Скопје
Охрид е бисер на Македонија, преубав е и има светски вредности. За убавините и за потребите на Охрид треба постојано да се пишува. Охридското Езеро е едно од трите најубави езера во светот (Бајкалското, Титикака и Охридското Езеро). Вредноста на Охридското Езеро и на градот се наша гордост, но и од одговорност. Македонија со своите скромни можности не е во можност во целост да ја заштитува и развива оваа убавина. Грижата дури и одговорноста за Охрид и за езерото треба да биде и на ЕУ, на САД и на ООН. Ние треба да молиме, но и да настојуваме овие убавини и вредности заеднички да ги зачуваме за користење од идните генерации од целиот свет.
Охридското, Преспанското и Дојранското природни езера, како и Мавровското, Глобочица, Тиквешкото, Стрежево, Козјак со Матка, Глажња и други планирани, но се' уште нереализирани, вештачки езера, како и езерата во Егејска Македонија и' даваат за право на Македонија да се нарекува езерска земја на Балканот.
Потребите на Охрид се огромни. Потребно е зачувување на чистата езерска вода (длабочина близу до 300 м, видливост на длабочина од 18 м). Присутно е загадување на водата. Насипување од Сатеска, некомплетираниот колектор, неконтролираното испуштање на загадени води и фрлање ѓубре во езерото, употребата на пловни објекти со погон на нафта, и други појави придонесуваат да се загадуваат езерските води.
Во Охрид како и во сите други градови во РМ многу тежок проблем претставува и чистењето, собирањето, депонирањето и рециклирањето на градското ѓубре. Во Охрид посебен проблем претставува расфрлањето и депонирањето на ѓубрето и на шутот. Тоа не е само грдо туку е и опасно за сообраќајот. Се прашувам како непознат граѓанин успеал со запрежна кола да фрли ѓубре и шут во болничкиот круг? Работењето на свеста за поинаков однос со ѓубрето е подолгорочен процес. Потребни се ригорозни мерки и висока казнена политика.
Цела Македонија е преубава. Тоа треба да биде наше задоволство, гордост и одговорност колку таа убавина ќе ја чуваме и негуваме. Покрај усилбите што ги правиме за наш економски социјален и физички развој, покрај нашите желби за евроатлантски интеграции, многу важна цел треба да ни биде како да ги зачуваме и развиваме овие наши македонски убавини. |