Девет години грижлива обука
Катица Ацевска, координатор на програмата ЕЦЕСП за Македонија
Едукативната програма за Централна и Источна Европа (ЕЦЕСП) на Универзитетот „Џорџтаун“ од Вашингтон, САД, е првата едукативна и тренинг-програма иницирана од Американскиот конгрес и УСАИД. Македонија и земјите од регионот (Албанија, Бугарија и Романија) беа вклучени во оваа програма во 1999 год. Во период од 9 години од Македонија во САД беа испратени на усовршување 80 експерти од одредени области (банкарство и финансии, јавна администрација, образование, здравство, регионален развој, невладин сектор). Во земјава беа одржани повеќе тренинг- курсеви (менаџирање со здравствени установи, корупција и перење пари, права на пациентите итн) во која беа опфатени 218 учесници.
По повод завршување на програмата на 27 мај во културниот центар „Точка“ се одржа средба на досегашните учесници во програмата. На средбата присуствуваа директорката на ЕЦЕСП – д-р Марија Пришлак, проф. д-р Бил Колклоу, декан на Универзитетот „Висконсин- Ла Крос“, претставници на УСАИД- Македонија, претставници од американската амбасада, претставници на Македонско-американската алумни асоцијација, како и претставници од ресорните министерства, банки и сите други институции кои беа инволвирани во програмата ЕЦЕСП. |