Што прават денеска
Благица Павловска
актерка
Денешниот ден е важен ден за мене, дел од традицијата во која учествувам веќе со години. Денеска коњивата од Горно Лисиче тргнува на својата традиционална експедиција со коњи за Крушево. Таму треба да пристигнат за Илинден, на 2 Август, а денеска како учесник во програмата за испраќање ќе ја отпеам македонската химна и мојата песна посветена токму на горнолисичаните.
Гораст Цветковски
актер
Летово утрата ми започнуваат со фудбалски тренинг, како дел од подготовката за филмот „Трето полувреме“, што од септември ќе почнеме да го снимаме во режија на Дарко Митревски. По тренингот, имам костимска проба, а потоа треба да се спакувам на одмор. Доцна попладне уште еден фудбалски тренинг и вечер можам да тргнам на одмор.
Владо Овчаровски
музичар во бендот "Калевала"
Вечерва, на платото пред куќата на Мајка Тереза, во рамките на Скопско лето ќе одржиме концерт, со почеток во 21 часот. Преку ден имаме кратка проба со бендот на вечерашната програма, па освежувачки одмор попладне. Во 19 ч. веќе сме на местото на настанот за тонска проба и од 21 ч. започнува концертот за сите што ќе се најдат на улица „Македонија“. |