Мислења
„Како бити херој у ова шугава времена?“
Петар Арсовски
Најголем проблем со анкетите е што се користат како средство за влијание на електоратот наместо како алатка за создавање политики
Повеќе анкети не' бомбардираат со разни податоци за рејтингот на партиите, од кои последната е анкетата на Меѓународниот републикански институт - ИРИ. Како и последните неколку во серијата анкети на ИРИ (овој институт континуирано го следи расположението на гласачите во Македонија веќе 14 години), и оваа анкета покажува продолжување на постојните трендови во расположението на македонскиот електорат. Нема потреба да се коментираат конкретните бројки, туку поинтересно е да се анализираат генералните трендови и како тие влијаат врз политичкиот дискурс во државата. И оваа анкета покажува засилување на опозициското расположение по неколку основи: правец во кој се движи државата, дали граѓаните живеат подобро од лани, личната состојба и довербата во политичарите – тоа се индикатори за континуиран тренд на зголемување на опоз��циската енергија кај електоратот. Сепак, овие трендови по се' изгледа не се реперкуираат ниту во толкава мера ниту со толкав интензитет кај рејтинзите на партиите. Во таа батерија прашања се забележува раст на опозицијата и пад на власта, но со побавно, повнимателно темпо.
Најголемиот проблем со анкетите моментално е што партиите ги користат како средство за влијание на електоратот наместо како алатка за анализа и создавање политики и стратегија. Тоа е детска болест на политиката во државата што ќе мора да ја прележиме. Практиката покажува дека објавувањето анкети генерално нема влијание врз расположението на електоратот, но таа лекција допрва треба да ја научат партиите во Македонија. Граѓаните во основа имаат доволно здрав разум да ги разликуваат точните од неточните трендови, бидејќи податоците од анкетите ги реперкуираат низ основните социјални групи, па така имаат увид во тоа дали расположението од анкетите соодветствува со реалноста во нивниот најблизок круг. Така, анкетите се само индикатор, но не и податок што може да влијае врз гласачкото расположение. За жал, партиите во Македонија се' уште ја немаат надраснато таа фаза: тие по правило или на анкетите не им веруваат или ги инструментализираат.
Сепак, ако се анализираат бројките и трендовите што ги гледаме во последно време, заклучокот сам се наметнува: расположението на електоратот говори дека власта ја губи довербата кај гласачите, а дека опозицијата се' уште не расте со еднаков интензитет, туку дека поголемиот дел од бившите разочарани поддржувачи на власта одат или во неопределени или во апстиненти. Ако се' остане исто во текот на 2011 (значи ако нема некое големо политичко поместување), на редовни избори во 2012, фаворит ќе биде сегашната опозиција, но со мала излезност и со мала маргина. Постојат неколку варијанти на ова сценарио (тесна победа на опозицијата, многу близок резултат или тесна победа на власта), но во секоја од овие варијанти опозицијата е фаворит за формирање влада. Но, во секој случај, најголемото поместување кај електоратот во овој период најверојатно ќе биде кон разочарување од двете големи македонски партии и излезноста ќе биде ниска. Во наредниот период движењето на електоратот најверојатно ќе биде обликувано од две дијаметрално спротиставени варијабли: првата е оската на поделба околу брзите евроатлантски интеграции со решение на проблемот со името, а втората е генералната разочараност во двете големи партии и во политиката воопшто.
Овие две варијабли имаат спротивен ефект на гласачкото тело: првата (оската ЕУ/НАТО и решение за името) има ефект на биполарна центрифугална сила – таа го дели електоратот на половина, терајќи ги гласачите да се определат за една или друга опција, па така ги засилува позициите на двете големи партии, бидејќи не остава простор за неопределеност. Втората, пак, варијабла, генералната апатија и дефетизам, има обратен ефект: таа одзема енергија од двете крајни страни на политичкиот спектар и остава голем број неопределени и апстиненти, односно фаворизира трета, свежа опција. Прашањето е како овие две варијабли ќе се испреплетат и каков реален ефект ќе имаат врз гласачите. Лично сметам дека најверојатниот расплет е оној во кој двете влијанија ќе имаат свој резултат. Оската на поделба околу иднината на државата нема да остави простор за трета опција, но истовремено разочараноста ќе ги намали бројките на политички ангажман на електоратот, па така, најверојатен исход е борба за мал број гласачи во која организацискиот капацитет за мобилизација на сопствената база ќе биде решавачки.
ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во незавидна позиција. Доколку се расплете оваа позиција вака како што сега е поставена, тие се сигурни губитници. Нивниот најголем проблем е што со текот на владеењето ги изгубија сите позитивни карактеристики поради кои ја добија довербата на граѓаните во 2006. Ако во почетокот на нивното владеење тие се претставија со имиџ на млада, реформирана партија, со нова енергија и желба да се соочат со реформите на општеството, притоа однесувајќи се чесно и отворено кон сите проблеми со кои се среќаваа во од, сега таа слика е променета. Со текот на времето, заробени од сопствената зависност од рејтинг, тие се вратија во традиционалната зона на комфор на ВМРО-ДПМНЕ: национализам, илузии на величина, масовна корупција и однос на омраза кон медиумите и неистомислениците. Оваа партија има кус прозорец во кој може да се поврати, но потребна ќе биде тектонска промена што ќе го шокира електоратот, а то�� може да биде само решение на проблемот со името. Нивната политичка иднина ќе зависи од нивната храброст до тој проблем да се зафатат директно. Мислам дека тоа ќе биде за нив многу тешко, зашто ќе мораат како популисти да направат непопуларен потег. Ако успеат таа да ја надминат блокада, имаат шанса.
СДСМ, од друга страна, е исто така во незавидна положба. Со изгубена база гласачи, без реална понуда како алтернатива на власта, заглавени во негативна кампања, за оваа партија најголем предизвик ќе биде да се повлече од ниската, плукачка кампања во која се наоѓаат со својот опонент. Како што ќе поминува времето, тие ќе мораат да покажат суштинска разлика од власта, не само декларативно, туку и во начинот на комуникација и однос кон јавноста. Дополнително, тие се во проблем со кадровски решенија, имајќи предвид дека проверените кадри на еден или на друг начин ги потрошија, а новите се' уште не се доволно етаблирани. За нив, најголемиот предизвик ќе биде да се издигнат над нивото на кое досега ја водат кампањата, односно да најдат сили да промовираат нов тим, нови решенија и да се борат не против власта, туку за државата, притоа покажувајќи на дело дека се суштински различна опција.
Така, на крајот доаѓаме до суштината, а тоа е дека за двете големи македонски партии успехот во наредниот период ќе биде директно поврзан со нивниот капацитет да најдат храброст и да се надминат самите себе излегувајќи надвор од она што им е моментално удобно, туку со нова, различна понуда. Кој ќе успее во тоа, ќе биде вистинскиот херој. Но, како што пееше „Бијело дугме“: „Како бити херој у ова шугава времена?“
(Авторот е експерт по политичка комуникологија) |