Мислења
Притисок Назми Малиќи
Некои политичари пред осумдесеттите години градеа политичка стратегија што потоа прерасна и во владин проект за граѓаните што се чувствуваа како торбеши
Вредности се негуваат доколку постои правда и правна држава. Постои и неспорна потреба да се почитуваат, да се негуваат националните чувства и вредности на ентитетот на кој му припаѓаат политичките, културните, верските и научните раководни елити. Тогаш можеби и ќе се создадат услови за почитување на националните вредности, но и на другите вредности на едниот, односно на другиот. Заедничко живеење со признавање на разликите е реалност и државничка вредност. Политичките елити определени да бидат политичари со национален префикс ги сметам за сосема оправдан начин за политичко организирање. Живеејќи со националните, верските и со другите разлики и почитувајќи ги, разбирајќи ги и како реалност, сите можат да се разберат подобро, можат да имаат појдовна точка или своја визија за поубедливо да се поддржи оправданоста за постоењето на Македонија како заедничка држава на сите етнички национални заедници.
Но, повеќе од јасно е дека чувството за етничка, верска и културна припадност, за градење на идентитетот со своите најблиски, со кои човекот се чувствува поблизок и реципрочно го смета како посигурен, не се надминува лесно. Таквото чувство се доживува, а воедно се негува заемен живејачки простор со основа за почит кон другиот, со сите заемни разлики што ги поседуваат. Како што рекол Мартин Л. Хофман: „Вредностите, милосрдието и почитувањето имаат слична етичка смисла“. Чувството за етничка и верска припадност, чувството за градење заеднички вредности внатре меѓу своите, е природна појава. Таквите чувства не можат да се манипулираат и да се политизираат.
Во денешно време живееме во информирано општество. Информациите не можат да се цензурираат. И информирањето, комуницирањето со своите не може да се заѕидува. Заедничките вредности со кои луѓето се поврзуваат со своите, со кои се чувствуваат поблиски, не може да се импонираат, туку тие се чувствуваат. Да се чувствуваш како дел од некоја национална заедница кај нас е загарантирано уставно право и тоа треба да се почитува. Националните и верските вредности, кои ги поседуваат и ги негуваат луѓето, не се по желба на некого. Вредностите, чувството за припадност, заедничките вредности не можат да се доградуваат со сила, со закони, со политички одлуки или репресија, туку, пред се', се градат доколку постојат правда и правна држава.
Крајно е нехумано некому да му предлагаш партиски или политички платформи за тоа како треба или како не треба да се чувствува. Тоа е потценување на личниот дигнитет и идентитет. Зошто би требало некој некого да го научи или да го потсети како тој би требало да се изјасни? Некои политичари пред осумдесеттите години градеа политичка стратегија или проект, кој потоа прерасна и во владин проект за граѓаните што се чувствуваа како торбеши.
Ним им се вршеше државен континуиран притисок да бидат пренасочени на категоријата национална припадност Македонци или македонски муслимани. И никако, истите политичари, составувачи на таквата нехумана стратегија за наметнување на чувството за припадност, не се сетиле дека дел од тоа население за време на нивното владеење, пред нивни очи, или пред очите на нивните родители, до 1960 година со политички притисок беше иселувано од Република Македонија. Ова мое размислување, иако се однесува за еден период на минато свршено време, ме натера да се потсетам на мемоарите на Мартин Лутер Кинг кога зборуваше за судбините на Црнците и велеше: „Белиот либерал мора да види дека на Црнецот не му е потребна само љубов, туку и правда. Не е доволно да се рече дека ние ги сакаме Црнците или дека ние имаме многу пријатели Црнци. Тие мора да бараат правда за Црнците. Љубовта што не ја задоволува правдата воопшто не е љубов. Љубовта во најубава форма е конкретизирана правда“.
За нив правдата речиси не постоеше. Ова мое размислување воопшто не се однесува на оние граѓани и семејства што со носталгија и љубов ги зачувале своите добри соседски односи со тие луѓе. Моето размислување повеќе се однесува на лошата политичка практика на комунистите од тоа време, кои им наметнувале политички притисок на овие луѓе за да не се чувствуваат така како што се чувствувале или да се изјаснат како што сакале.
Во продолжение сакам да се потсетам на една моја средба со група луѓе чии родители некогаш преку ноќ ги иселиле од Македонија. Пред две години бев гостин во информативна емисија на една влијателна турска телевизија, Канал 24, блиска до власта. Пред да почнам со интервјуто најавено во програмата, околу мене се собраа неколкумина новинари и друг персонал од телевизијата, кои не знаеја албански ниту, пак, македонски бидејќи растеле во Турција што, сепак, ми даде знак за блискост. Чекаа да заврши емисијата за да продолжиме со разговорот. Преведувач ни беше Албанец од Корча. Овие луѓе, секој на свој начин, сакаа да го пренасочат муабетот кон своето потекло, кое го зачувале со гордост. Зборуваа како да ги зачуваат контактите со роднините што живеат во различни места во Турција. Тие луѓе беа мотивирани од родниот крај на своите родители, не сакаа да се заборави нивното минато и историја, како и причините, кои ги слушале од нив, за иселувањето или бегањето од Македонија. И овие луѓе, се разбира, имаат проблеми, но раскажуваат и за добри работи, за тоа колку се успешни во своите професии и колку се горди што сега се турски државјани. Исто така, тие сакаат да ги зачуваат в��ските со роднините на своите роднини кои се наоѓаат во селата и во градовите на Република Македонија. По се' изгледа, овие млади луѓе добро ја разбрале пораката: „Ако луѓето развиваат љубов во себе, тогаш ја унапредуваат својата природа и покажуваат како дејствуваат во хумана смисла“. Или можеби се' повеќе се потврдува тезата дека заедничките вредности за едно подобро живеење не се наметнуваат, туку, пред се', се доградуваат и се негуваат.
Нејсе, сигурен сум дека повеќето од граѓаните, поради своите семејни егзистенцијални проблеми, се загрижени и од тоа до кога ќе бидат заложници на политиката на несигурност. Сигурно повеќето од нив, без разлика на чувството на припадност, загрижувачки ги прифатиле и појавите што ги изнесуваше и в.д. претседателот на Хелсиншкиот комитет, при што тој рече: „Имаме флагрантни прекршувања на човековите права од индивидуални лица, од правни лица, од институции, од државни органи. Флагрантно прекршување имаме и во судството, особено во постапката во преткривичното право, каде што има спектакуларни полициски притвори, итн.“. |