Поп Ацев петти на маратонот Капри - Неапол
Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев го освои петтото место во конкуренција на осум учесници што го завршија маратонот од Капри до Неапол, со должина од 36 км и со награден фонд од 20.000 долари. Во петтата трка од годинашната Гран-при серија на ФИНА единствениот претставник од Македонија оствари време од 7:06,09 часа.
Победи Аргентинецот Дамјан Блаум како единствен што патеката ја преплива за помалку од седум часа (6:58,05 ч.). Втор заврши Брендан Кејпел од Австралија со 7:02,02 ч., а трет беше Андреа Волпини од Италија со 7:03,47 ч. Во женска конкуренција триумфира Италијанката Алесандра Ромити со 7:26,58 ч.
Со новите десет поени, вкупно 18, Поп Ацев се искачи од 13. место на шестото во вкупниот поредок кај мажите. Блаум е нов лидер со 47 бода, сега втор е Волпини со 36, а трет неговиот сонародник Родолфо Валенти со 35.
Следна дестинација на Поп Ацев е Канада, каде што прво ќе настапи на Светското првенство во маратонско пливање во Робервал од 15 до 23 јули, а потоа и во гран-при трките на езерата Сен Жан и Магог. (Р.Д.) |