Број 3320  среда, 30 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Спорт

Да се гледа тенис и да се биде виден на Вимблдон

За голем дел од гледачите и не е важно кој игра на теренот и за што се лутат играчите

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

Дописникот на „Утрински весник“ од Лондон, Томислав Ивановски, е првиот македонски новинар во 20 години независност на државава што доби акредитација да ги следи натпреварите на неофицијалното светско првенство во тенис на легендарниот Вимблдон. Неколку илјади новинари од целиот свет секоја година аплицираат за акредитација, а добиваат само неколку стотици. Наредните денови ќе ги читате извештаите на нашиот дописник Ивановски од тениските битки на лондонската трева.

ЛОНДОН - Организаторот на годинешниов тениски турнир во Вимблдон, Сеанглискиот клуб за тенис на трева и за крокет, како што гласи неговото целосно име уште од крајот на 19 век, ги предупреди сите оние што сакаат да ги гледаат мечевите на терените во југозападниот дел од Лондон, дека нема да може да влезат доколку се утврди дека имаат купено билет од препродавачи. Ваквото по малку невообичаено предупредување, што уследи во втората недела од овој гранд-слем турнир, доаѓа откако беше откриено дека на „црниот пазар“ за неделното машко финале се нудат влезници по цена од дури 18 илјади фунти, додека на Интернет, „обичните“ карти за Централниот корт, што доколку се купеле навреме би чинеле по 104 фунти, сега се препродаваат за безмалку 200 пати повисока цена од номиналната.

Луѓето од Сеанглискиот клуб се цврсто решени да ја стават под контрола недозволената трговија, инсистирајќи на тоа дека легално купената карта, што потоа се препродава за да се заработи, никого нема да одведе пред суд, или во затвор, но дека препродавањето за нелегален профит е противзаконско, па на таа основа се тргнати во операцијата за откривање на легално купените влезници кои „тргнале“ да се препродаваат. Велат дека имаат начин како да го утврдат тоа, па објаснуваат дека секој оној што ќе се појави со таков билет на еден од влезовите во Вимблдон, нема да може да влезе внатре.

Оваа епизода околу картите ја покажува целата димензија што ја има овој тениски турнир, кој многу одамна, уште пред да се појави Интернатот и пред тенисот да стекне широко „граѓанство“, надвор од редовите на привилегираните во општеството, е повеќе од обична игра во која белото или жолтото топче треба да се префрли преку мрежата и да се заработи поен, да се победи и да се освои некој трофеј. На овие дваесетина тревнати терени кои цела година се негуваат повеќе отколку што се внимава на луѓето кои се грижат за нив, секоја година, во втората половина на јуни и во почетокот на јули, играчи и гледачи од целиот свет се собираат, едните за да играат, да се натпреваруваат и ако може со високиот пласман и да заработат некоја од големите парични награди, додека другите за да гледаат тенис, да уживаат во оваа игра, но голем дел од нив се тука овие две недели за да бидат видени, забележани, евентуално интервјуирани.

Остарената американска пејачка ѕвезда Тони Бенет, се' уште мошне ценет кај музичките гурмани во Велика Британија, затскриен зад големиот бел шешир, достоинствено отседе еден меч. Пред него тоа го правеле познати филмски и телевизиски ѕвезди од земјата, но и од другата страна на Атлантикот, па разни принцови и принцези, многу широко и помалку познати луѓе на белосветскиот џет-сет, или пензионирани бивши политичари, како поранешниот американски претседател Бил Клинтон, на пример, кој во времето кога ќерката Челси студираше во Кембриџ, отседе во една од ложите на централниот корт. Впечаток на вашиот дописник е дека гледано од новинарската ложа, за голем дел од овие луѓе и не е важно кој игра на теренот и за што се лутат играчите и оние навивачи кои се определиле за еден од играчите. На мечевите на Енди Мари и Сем Квори или на Новак Ѓоковик и Лејтон Хјуит, па на Роже Федерер или на Рафаел Надал еден дел од гледалиштето „вооружено“ со чаши розе шампањско, се занимаваше на најразличен начин, најчесто разговарајќи меѓу себе, не покажувајќи ниту момент возбуда дури и во оние моменти кога целото гледалиште воодушевено поздравуваше со громогласен аплауз некој од играчите.

Овие луѓе се гледаат на терасите на скапите ресторани околу тениските терени, или се меѓу оние што чекаат да добијат шампањско со јагоди, со крем, нешто што може да се опише како своевиден заштитен знак на Вимблдон. Но, тоа не значи дека навивачите или, како што овие велат за себе, вистинските љубители на тенискиот спорт ги нема. Тие последниве години ги има во се' поголем број, особено откако на падината на крајот од целиот комплекс со тениски терени се прима публика за поевтини карти од оние за влез на главните терени, е поставен огромен екран на кој луѓето се сончаат, се однесуваат како да се на излет и гледаат тенис. Една група помлади Шпанци, веројатно имигранти, чиј стандард не дозволува да си купат карта за главниот терен, се вооружени со шпански знамиња и со транспаренти на кои пишува „Вамос Рафа“. Тој годинава важи за еден од главните фаворити, а сите, па дури и организаторите, посакуваат тој да се најде во финалето, со Швајцарецот Роже Федерер, а особено со Британецот Енди Мари. Младиот Шкотланѓанец би требало да ги залечи раните, а особено гордоста на овдешните навивачи (фудбалски) гневни и осрамотени по хаваријата на англиските фудбалери во мечот со Германците во Јужна Африка. Мари дејствува сигурно на теренот на кој покажува дека станува збор за раскошен талент што забрзано се развива, но никој не се обложува на неговата психичка лабилност, како што никој не знае што се' може да направи Србинот Ѓоковик. Тој на мечот со Хјуит, наеднаш доби грчеви во стомакот, седна во столот за одмор, а на теренот влета лекар. Изгледаше дека мечот ќе биде предаден, онака како што го направи тоа Јелена Јанковиќ, но српскиот тенисер прими некакви лекови, го загуби третиот сет, но го доби четвртиот и целиот меч. Подоцна ни објаснуваше дека добил „тешки грчеви“ во стомакот, што не се од физичка повреда, како што сите помисливме, а колегите од српските редакции тврдат дека тоа не му е прв пат, како и дека е поврзана со неговата психа, која знае да откаже кога треба да се дојде до врвот на Вимблдон, иако тој и овој пат ни призна дека тоа останува негов сон.

Марија Шарапова одново ги разочара своите бројни навивачи на Вимблд��н, кои се' уште чекаат таа да се врати на тронот што го освои еднаш кога никој не го очекуваше тоа. Германецот Борис Бекер им објаснува на новинарите дека секоја година има се' повеќе нови имиња спремни да му го земат „скалпот“ на некој од славните и патем ги теши домаќините за непризнатиот регуларен гол на светскиот куп во фудбал. Американецот Џон Мекинро, пак, објаснува дека порано често се можеше да се реши со добриот сервис, сега е потребно добро да се мавне по топчето, а тоа, како што вели, можат се' повеќе момчиња, но и девојки. Вимблдон ќе ја памети Бугарката Цветана Пиронкова која по победата во претходното коло над Марион Бартоли се фрли на теренот да ја бакнува тревата.

Надвор од целиот голем тениски комплекс ги нема навивачите кои со шаторчиња и со камп-опрема чекаат трпеливо во ред за да дојдат до карта за влез. Лани некој ме убедуваа дека штедат цела година за да се протнат на Вимблдон, но оваа година таа традиција на долги редови „чекачи“ е растурена откако се откри дека меѓу нив има луѓе што имаат карти набавени од препродавачи.


#
Статијата е прочитана 1577 пати.

Испрати коментар

Од: perica
Датум: 30.06.2010 03:03:13
Bravo, ovoj na cela muka se potegna i do Vimbldon ,duri simpaticno pisue. Mirka ko ja prati Branko u London samo do samoposluga znaese da otide.
Од: N.
Датум: 30.06.2010 05:01:02
InternAtot ili InternEtot??? Otvorete oci - edna nula edna kula...!!!
Од: mene
Датум: 30.06.2010 14:04:47
Светол ден за Македонското новинарство,со радост го прочитавме текстот и се чувствуваме горди заради акредитацјата.Ете како се промовира македонскиот идентитет и народ. Поздрав од Зоки и Еми

Најди! во Утрински
Спорт
Мурињо е последната шанса за Англија?
Дебакл на Италија
Словаците си одат дома како херои од Мундијалот
Бразил авторитативно до четврт-финалето
ФИФА и' се заканува на Франција со суспензија
Тур де Франс 2010 последен за Армстронг
Грабулоски прв рекет со Унгарија
Јотовски не успеа во Белград
Поп Ацев петти на маратонот Капри - Неапол
Секуловски со државен рекорд на 50 метри градно
Пиронкова ја шокира Венус Вилијамс