Што прават денеска
Љупчо Ангелов
актер
Како и сите 28 години наназад, денот редовно ми започнува со семеен кафе-ритуал. Потоа се упатувам во МТВ, каде што работиме на подготовките за снимањето на серијата „Турни ме да кинисам“. Она што останува од денот најмногу сакам да го минувам со внуците Симона и Љупчо, кои му даваат пооптимистична содржина на времето.
Зоран Мирчевски
радио и ТВ-водител
Поради непријатната настинка, денот го започнувам со антибиотик. Сепак, треба да останам на нозе поради сите обврски што ме очекуваат околу водителството на „Скопје фест 2011“ - домашниот „Евросонг“ в недела. Во текот на денот имам состанок со одговорните уредници и режисерот на преносот, а и со колешката - водителката Елена се договараме околу сценариото. Ми останува уште да го одберам костумот.
Јулија
пејачка
Биоритамот ми е како и времето, што значи позитивна нула. Но, не смеам да „потклекнам“ со оглед на тоа дека имам безброј обврски. Секако, морам да бидам на снимање на една ТВ-емисија, како и вечерва на проба со оркестарот, со кој го подготвуваме репертоарот со евергин мелодии за настапи во странство. |