Само постаменти во Алејата на хероите
Спомениците од НОВ во Гостивар повеќе пати беа мета на вандали, а никој не ги санира штетите
Киро Кипроски
Гостивар - Само постаментите на кои се наоѓаа бистите на народните херои од Гостиварско, искршени плочки на скалите и на алејата, сведочат дека покрај кејот на реката Вардар, во Гостивар, некогаш постоел монументален споменик Алеја на народни херои. Овој меморијален споменик беше подигнат во 1989 година, во чест и во спомен на народните херои: Панче Попоски, Чеде Филиповски-Даме, Видое Смилески-Бато, Тихомир Милошевски-Тиќо и Злате Малаковски, кои се бореа , а некои од нив животот го дадоа на фронт со фашистичкиот окупатор и домашните предавници, за денешната слобода.
Во последните години, во неколку наврати, Алејата беше вандалски сквернавена од непознати сторители, со вадење на бистите на народните херои од постаментите, кои беа фрлени во реката Вардар. Исто така, пред тоа , а и по повторното поставување, бистите на хероите беа бојосани со разни бои, а на постаментите беа испишувани графити со погрдна содржина... Гостиварскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи успеваа да ги санираат отштетувањата на бистите и да ги вратат на постаментите.. Но, есента 2007 година Алејата, по којзнае кој пат, беше мета на вандалите. Од постаментите беа откорнати бистите на народните херои: Чеде Филиповски-Даме, Злате Малаковски, Видое Смилевски-Бато и Тихомир Милошевски-Тиќо и беа однесени во непознат правец. Две години потоа и единствената биста на народниот херој Панче Поповски, која се наоѓаше во Алејата, вандалите ја откорнале од постаментот и ја зеле со себе. Кај граѓаните што секојдневно шетаат на кејот, Алејата, која остана без бистите на народните херои, побудува непријатни чувства и негодувања. Од Општинскиот одбор бараат да се реновира Алејата, на постаментите да се постават нови бисти од народните херои и таа да претставува достојно катче за нашите борци што ни ја донесоа слободата.
И покрај тоа што се изминати повеќе години од кражбата на бистите, истрагата тапка во место. Вандалите се' уште не се откриени. Гостиварската чаршија плете разни приказни.
Во Општинскиот одбор на СБ од НОБ ни рекоа дека неколку пати побарале материјална помош од Министерството за култура. Првиот пат им побарале да подготват пресметка колку финансиски средства ќе им бидат потребни да ги обноват бистите. На нивно изненадување, кога очекувале конкретна помош, добиле писмо со кое барањето им било одбиено со образложение дека Министерството за култура не е во состојба финансиски да ја поддржи иницијативата, бидејќи не е во согласност со Законот за меморијални споменици и спомен-обележја и поради сомневања дека е можно повторување на кражбите и оштетувања на новите бисти.
Во гостиварската боречка организација се разочарани од ваквиот одговор од Министерството за култура, како и од односот на гостиварскиот градоначалник, Руфи Османи, кој, како што велат, арогантно и потценувачки се однесувал кон нивната организација. Како што ни потврдија, во двете години откако Османи ја извршува градоначалничката функција од буџетот на општината не е доделен ниту денар за одржување на спомениците и на спомен-обележјата. Борците потсетуваат дека општините со Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се обврзани материјално да ги помагаат иницијативите за одржување на спомениците и на спомен- обележјата што се подигнати на нивната територија. |