Мислења
Алтернативи на штедењето
Јозеф Штилиц
Америка во краток рок веројатно нема да прифати големи намалувања на буџетот
Во периодот по големата рецесија, земјите останаа со незабележани дефицити во мирно време и растечка вознемиреност за нивните се' поголеми национални долгови. Во многу земји тоа води до нова рунда штедење - политики кои речиси сигурно ќе доведат до послаби национални и глобални економии и видлив застој во темпото на закрепнување. Оние што се надеваат на големи намалувања на дефицитот ќе бидат длабоко разочарани, бидејќи економскиот застој ќе ги намали даночните приходи и ќе ги зголеми барањата за осигурување при невработеност и други социјални бенефиции.
Обидот да се ограничи порастот на долгот служи да се концентрира вниманието - ги присилува земјите да се фокусираат на приоритети и да проценуваат вредности. Америка во краток рок веројатно нема да прифати големи намалувања на буџетот, а ла Обединетото Кралство. Но, долгорочната прогноза - особено поразителна поради неспособноста на реформите во здравствениот систем да ги намалат се' поголемите медицински трошоци - е доволно мрачна што постои растечки импулс кај двете партии да се направи нешто. Претседателот Барак Обама назначи двопартиска комисија за намалување на дефицитот, чиј претседател неодамна даде увид како би можел да изгледа нивниот извештај.
Технички, намалување на дефицитот е едноставна работа: или треба да се намалат трошоците или да се зголемат даноците. Сепак, веќе е јасно дека агендата за намалување на дефицитот, барем во САД, продолжува понатаму: тоа е обид да ослаби социјалната заштита, да се намали прогресивноста на даночниот систем и да се скрати улогата и големината на владата - а во исто време утврдените интереси, како што е воено-индустрискиот комплекс, да останат што е можно помалку погодени.
Во Америка (и во некои други напредни индустриски земји), агендата за намалување на дефицитот треба да биде поставена во контекстот на она што се случувало во последната деценија:
- масовно зголемување на трошоците за одбрана, поттикнато од две залудни војни, но и надвор од тоа;
- пораст на нееднаквоста, при што главните еден отсто собираат повеќе од 20 проценти од приходите на земјата, проследено со ослабување на средната класа - приходот на просечно американско домаќинство опадна повеќе од 5 отсто во изминатата деценија, а беше во опаѓање уште пред рецесијата;
- недоволно инвестирање во јавниот сектор, вклучувајќи ја и инфраструктурата, драматично докажано со пропаднатото собирање на средства во Њу Орлеанс;
- пораст на корпоративната социјална помош, од банкарски спасувања до субвенции за етанол, до продолжување на земјоделски субвенции дури и кога тие се прогласуваат за нелегални од Светската трговска организација.
Како резултат на тоа, релативно е лесно да се формулира пакет за намалување на дефицитот што ја зголемува ефикасноста, го зајакнува развојот и ја намалува нееднаквоста, за што се потребни пет елементи.
Прво, треба да се зголеми потрошувачката за јавни инвестиции со висока заработувачка. Иако тоа го продлабочува дефицитот во краткорочни рамки, ќе го намали националниот долг долгорочно. Кои компании не би ги искористиле можностите за инвестирање што носат заработувачка од над 10 отсто ако можат да зајмат капитал - како што може американската влада - со камата помала од 3 отсто?
Второ, мора да се намалат воените трошоци - не само финансирање на залудни војни, туку, исто така, и за оружјето кое не функционира против непријатели кои не постојат. Ние продолживме како студената војна никогаш да не заврши, трошејќи на одбрана како останатиот свет заедно.
Потоа следува потребата да се елиминира корпоративната социј��лна помош. Иако Америка ја отстрани безбедносната мрежа за народот, таа ја зајакна безбедносната мрежа за фирмите, што беше евидентно во големата рецесија со спасување на АИГ, „Голдман Сакс“ и други банки. Корпоративната социјална помош опфаќа речиси една половина од вкупните приходи во некои делови на американскиот агробизнис, при што, на пример, милијарди долари од субвенции за памукот завршуваат кај неколку богати фармери - а во исто време се намалуваат цените и се зголемува сиромаштијата кај конкурентите во земјите во развој.
Посебно незабележана форма на корпоративен специјален третман е оној што можат да си го дозволат компаниите за лекови. Иако владата е најголемиот купувач на нивните производи, не е дозволено да преговара за цени, а со тоа се поттикнува зголемување на корпоративните приходи - и трошоци за владата - кои достигнаа еден билион долари за една деценија. Друг пример е шведската маса на специјални бенефиции за енергетскиот сектор, особено нафтата и гасот, со што истовремено се ограбува богатството, се нарушува распределбата на ресурси и се уништува животната средина. Потоа, тука се, како што се чини, бескрајните оддавања на националните ресурси - од слободниот спектар за медиумските куќи до ниските хонорари за рударските компании, до субвенции за компаниите од дрвната индустрија.
Потребно е, исто така, создавање поправеден и поефикасен даночен систем, преку елиминирање на специјалниот третман на капитални добивки и дивиденти. Зошто оние што работат за да преживеат треба да подлежат на повисоки даночни стапки отколку оние кои ја остваруваат заработувачката од шпекулации (често пати на штета на други)?
Конечно, кога повеќе од 20 отсто од сите приходи завршуваат кај главните еден отсто, мало зголемување на даноците, на пример од 5 проценти, би донело повеќе од еден билион долари во текот на една деценија. Пакетот за намалување на дефицитот, подготв��н во тие насоки, би ги задоволил, па и повеќе од тоа, најголемите барања за дефицитот. Тоа би ја зголемила ефикасноста, би промовирало развој, би ја подобрило животната средина, и би било од полза за работниците и за средната класа. Има само еден проблем: нема да биде од полза за оние на врвот, или за корпоративните и други специјални интереси што доминираат во креирањето на политиката на Америка. Таа задолжителна логика е вистинската причина зошто постојат мали шанси таков разумен предлог некогаш да биде прифатен.
(Авторот е професор на Универзитетот Колумбија и добитник на Нобеловата награда за економија. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата
на „Проект синдикејт“) |