Само со решено име може да се влезе во НАТО

Роберт Гејтс порача дека ако се одолжува околностите ќе бидат полоши, а не подобри за Македонија
Тамара Грнчароска
Охрид - „Постои само еден пат кон членство во НАТО, а тоа е едногласна согласност на сите земји-членки“ - и' порача вчера на Македонија секретарот за одбрана на САД, Роберт Гејтс, отфрлајќи на тој начин можни алтернативни патишта за влез во Алијансата.
Гејтс, кој вчера присуствуваше на годишниот состанок на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа -СЕДМ, со тоа само го повтори ставот на НАТО дека без решение за спорот со името меѓу нашата земја и Грција не можеме да се надеваме на прием во Алијансата. Во контекст на блокираното зачленување на Македонија во НАТО, Гејтс рече дека „иако ситуацијата е комплицирана, сите земји-членки треба да работиме на решението“.
Гејтс вчера во рамки на состанокот одржа заедничка средба со претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и министерот за одбрана, Зоран Коњановски, по која во изјавата за медиумите ја повтори американската поддршка за македонските аспирации за зачленување во НАТО, како и разочараноста на САД од она што се случи со нашата покана на Самитот во Букурешт.
Гејтс вчера ги охрабри и Македонија и Грција „да најдат итно решение за името, кое е битно за двете земји, но и за регионот“.
На средбата со државниот врв, како што се дознава неофицијално, Гејтс отворено изразил загриженост како се одвиваат преговорите за името во Њујорк, со совет Македонија многу сконцентрирано да го разгледа новиот предлог на медијаторот Метју Нимиц и да се обидеме да ја искористиме шансата и веќе во декември да станеме членка на НАТО. Американскиот државен секретар за одбрана ни порачал дека ако ова прашање го одолжуваме, околностите ќе бидат полоши, а не подобри за Македонија. Негов став бил дека, и покрај американската целосна поддршка за наш влез во НАТО, САД нема да можат ништо да направат ако не најдеме решение за името. Гејтс на претседателот, премиерот и на министерот за одбрана им рекол оти не е сигурен дека наследникот на актуелниот американски претседател Џорџ Буш ќе се залага за Македонија како Буш.
Груевски, како што се дознава, не спомнувајќи ја двојната формула како решение за името, заедно со Црвенковски го убедувал Гејтс дека нашата земја активно ќе учествува во процесот и дека ќе даде се' од себе да се најде решение, притоа водејќи сметка за македонскиот национален и културен идентитет. Тие побарале од Гејтс да се изврши притисок врз Грција, позити��но да пристапи кон новиот предлог на Нимиц.
По средбата, министер за одбрана, Коњановски, во име на Македонија му се заблагодари на Гејтс за поддршката што ни ја даваат САД за НАТО. „Имаме јасно трасиран пат за целосно членство во НАТО, како врвен приоритет на Македонија и секогаш ќе сметаме на несебичната поддршка од САД“, изјави Коњановски.
Гејтс со македонските претставници разговарал и за учеството на нашите војници во Ирак и во Авганистан, за кои упатил пофални зборови. Коњановски, еден ден откако објави дека македонските војници во декември ќе се повлечат од Ирак, вчера изјави дека Македонија ќе продолжи да партиципира во сите мировни мисии во светот каде што ќе биде потребно. Гејтс во тој контекст побара од земјите на СЕДМ, поради подобрувањето на ситуацијата во Ирак, да размислат за испраќање на своите војници во Авганистан како инструктори на авганистанската армија.
Во своето обраќање на состанокот на министрите за одбрана од Југоисточна Европа, премиерот Груевски порача дека Македонија „трпеливо чека да биде исправена неправдата од Букурешт, а паралелно на тоа нашите војници ќе продолжат да учествуваат рамо до рамо со своите колеги од НАТО во задачите за воспоставување мир и демократија во светот“. „Притоа, трпеливо ќе чекаме да дојде моментот кога нашите политичари ќе бидат во состојба рамноправно, на една маса, да седнат со своите колеги од НАТО“, рече Груевски.
Министрите за одбрана од 12 полноправни членки на СЕДМ - САД, Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија, Турција, Украина, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, и четири земји набљудувачи - Грузија, Молдавија, Црна Гора и Србија, вчера на годишниот состанок во Охрид не разговараа за признавањето на Косово како независна држава, велејќи дека тоа е билатерално прашање на секоја држава. На состанокот на која било разговарано за унапредувањето на мирот, безбедноста и соработката во регионот, како и понатамошното интегрирање на регионот во НАТО, било разговарано и за оперативното засилување на силите на земјите од Југоисточна Европа СЕЕБРИГ, за учество во мировни мисии.
Министрите од СЕДМ усвоија и заедничка изјава во која ја повлекуваат политиката на „отворена врата“ на СЕДМ, изразувајќи ја својата желба во скора иднина да ги видат Србија и Црна Гора како полноправни членки.
Вечерта пред официјалниот почеток на состанокот во Охрид се сретнаа македонскиот и грчкиот министер за одбрана, Коњановски и Евангелос Меимаракс. Коњановски од својот грчки колега побарал да продолжи соработката меѓу армиите на двете земји како пред Самитот на НАТО во Букурешт. „До пред една година имавме одлична соработка, се' што беше предвидено на билатерален план во односите меѓу двете армии беше стопроцентно остварено“, изјави Коњановски. Грчкиот министер, пак, вчера на прес-конференцијата изјави дека прашањето на името, кое е старо повеќе од една деценија, досега не ги попречило двете земји во соработката, особено во областа на одбраната. |