Десел победник на 16. етапа, Шлек и натаму лидер на трката
Францускиот велосипедист Сирил Десел, е победник на 16. етапа на популарниот Тур де Франс, која се возеше од италијанскиот дел на Алпите, односно местото Куне па се' до францускиот Жосије во должина од 157 километри. Жолтата маичка која му припаѓа на водечкиот во генералниот пласман и натаму ја задржа Франк Шлек од Луксембург кој има седум секунди предност пред второпласираниот велосипедист од Австрија, Бернард Кол. Десел исклучително тешката планинска етапа ја помина за четири часа, 31 минута и 27 секунди и притоа возеше со просечна брзина од 34,70 километри на час. Со овој резултат тој стигна до најголемиот успех во кариерата, имајќи го предвид резултатот кој Десел го постигна во 2006 година, исто така на Тур де Франс, кога еден ден, односно една етапа беше на чело на карванот.
По спринтот на четворицата водечки велосипедисти на 16. етапа на Тур де Франс, второто и третото место го зазедоа Санди Касар сонародникот на Десел и Шпанецот Давид Аројо кои низ целта поминаа со исто време. Четвртопласиран беше Украинецот Јарослав Попович кој заостана три секунди зад победникот. Водечкиот Шлек го освои 12. место со заостаток од 1,28 секунди зад Десел. |