Тројца загинати во две сообраќајни несреќи
Три лица загинаа во две сообраќајни несреќи што се случија завчера во земјава. Двајца ги изгубија животите во стравотна сообраќајна несреќа што се случила завчера околу 10,30 часот на магистралниот пат Демир Капија -Гевгелија. Во близина на Аразлиска Река се судриле „форд галаксија“, управувана од хрватскиот државјанин А.Е.(49), и „сузуки“, управувано од Гоце С.(55) од Скопје. Во незгодата на самото место починале Гоце С. и неговата сопатничка Мими К.(32) од Гевгелија, додека тешко бил повреден А.Е. и пренесен е во болницата во Гевгелија.
Како што соопшти МВР, завчеравечер околу 21,20 часот на раскрсницата од „Партизански одреди“ и „Васил Главинов“ во Скопје, „крајслер“ управуван од Ѓ.Ѓ.(60), удрил во метален столб, а потоа во двајца пешаци и во „мерцедес“, управуван од С.Х.(27) од Скопје. Во незгодата тешко бил повреден пешакот Беким Ш. кој им подлегнал на повредите во Ургентниот центар. Повредените С.О., С.Х. и А.С. се пренесени во Градската болница. (Х.Р.) |