Пакистан тајно им помага на талибанците
КАБУЛ, ВАШИНГТОН - Пакистан активно соработувал со талибанците во Авганистан, а во исто време прифаќал американска помош, покажуваат новите извештаи на американската армија. Таа информација веројатно ќе го зголеми притисокот врз сојузникот на Вашингтон. Обелоденувањето на информациите од страна на организацијата „Викиликс“ се случи откако адмирал Мајкл Мулен, началник на Генералштабот на здружените сили, предупреди дека се можни поголеми жртви на НАТО во Авганистан, бидејќи насилството се зголемува во текот на летото. Исто така, информацијата е објавена во услови кога талибанците истакнуваат дека држат во заложништво еден од двајцата американски војници кои заскитале на бунтовничка територија, а оти другиот е убиен. Наводното заробување уште повеќе ќе ја наруши поддршката во земјата за деветгодишната војна на Америка.
Документите објавени од „Викиликс“ покажуваат дека претставници на внатрешната разузнавачка служба на Пакистан директно се состанувале со талибанците на тајни стратегиски средби, за да се организираат милитантни мрежи, кои ќе се борат против американските војници. Белата куќа го осуди објавувањето на информациите, истакнувајќи дека тоа би можело да ја загрози националната безбедност и да го доведе во опасност животот на Американците. Пакистан соопшти дека објавувањето необработени информации од бојното поле е неодговорно. Американскиот советник за национална безбедност, Џим Џонс, изјави дека објавувањето на информациите нема да влијае на „нашите тековни заложби за продлабочување на партнерството со Авганистан и со Пакистан“.
Информациите се содржани во доверливи документи на над 90 илјади страници, кои американски претставници ги фокусираа на периодот што доведе до стратегијата на претседателот Барак Обама за Авганистан во декември минатата година, кога тој овласти распоредување на 30.000 дополнителни војници. Насилството во Авганистан е на највисоко ниво во деветгодишната војна, бидејќи илјадници дополнителни американски војници ја интензивираа нивната кампања за протерување на бунтовниците од нивното традиционално седиште на југ. „Додека продолжуваат степенот на нашите сили и операциите, веројатно, во текот на летото ќе има повеќе жртви и поголемо ниво на насилство“, изјави адмирал Мулен за новинарите во Кабул.
САД повеќе пати бараа од Пакистан да ги спречи милитантните групи, дури и оние за кои се верува дека се поддржани од ИСИ како стратегиски средства во Авганистан и против закоравениот ривал Индија. Исламабад истакнува дека прави се' што може за да ја спречи милитантноста, додавајќи дека и самиот е жртва на тероризам. (Ројтерс) |