Згасна македонскиот јазик на Би-Би-Си
Програмата на македонски јазик ќе се емитува уште еден месец по што 10 македонски новинари ќе останат без ангажман
Тамара Грнчароска
Би-Би-Си го затвори сервисот на македонски јазик, заедно со уште четири други - на албански, српски, португалски за Африка и на англиски јазик за Карибите, од вкупно 32 сервиса. Сервисите нема да се укинат веднаш, туку секој од нив ќе избере кога ќе го направи тоа во период од две до шест недели. Дознаваме дека програмата на македонски ќе зрачи уште еден месец и од март ќе згасне македонскиот јазик на Би-Би-Си. Со тоа се укинуваат работните места на шест члена на македонската редакција во Лондон и на четворица новинари во дописништвото во Скопје. Во албанската секција, која имаше дописник од Скопје и канцеларии во Тирана и во Приштина, работат дваесетина новинари.
Светскиот сервис беше репер за стандардите во новинарството во Македонија, но и во светски рамки. Сервисот на македонски јазик за 15 години постоење даде голем придонес во нашиот медиумски простор со високите стандарди на информирање што наложуваа�� во секој извештај да има најмалку две страни - за и против, а многу често и повеќе извори. Редакцијата во Скопје во текот на своето работење околу темите што ги обработуваше многу често ги инкорпорираше и ставовите на граѓаните. Сервисот на Би-Би-Си на македонски јазик ги отсликуваше состојбите во земјата на препознатлив начин на кој работеше цела куќа, а некои од темите што ги обработуваше често беа преземани од редакциите на други јазици. Како пример за тоа може да се спомне прилогот за верскиот објект во Македонски Брод каде што на едно место се молат и христијани и муслимани, а кој беше објавен на сајтот на Би-Би-Си на англиски јазик.
Би-Би-Си на македонски јазик изминатите години редовно организираше и обуки за новинари од Македонија и соработуваше со повеќе локални, регионални и национални радиостаници, со што придонесе да се подигне стандардот на новинарското информирање во земјава.
Освен овие пет сервиси, британскиот јавен радиодифузер ќе ја намали и скалата на емитување програми на руски и на кинески јазик. Програмата на руски веќе нема да се емитува како радиопрограма, туку само како онлајн медиум, додека програмата на кинески ќе биде симната едно скалило подолу и ќе се рефокусира само на младата публика во Кина. За овие измени менаџментот на Би-Би-Би нема потреба од одобрение од Министерството за надворешни работи, кое го финансира светскиот сервис на Би-Би-Си.
Укинувањето на петте сервиси на британската влада ќе и' заштеди 46 милиони фунти годишно, но овој потег само во Светскиот сервис на Би-Би-Си ќе остави без работа 650 луѓе, што претставува една четвртина од 2.000 вработени. Директорот на Глобалниот њус сервис на Би-Би-Си, Питер Хорокс, изјави дека затворањето не го отсликува квалитетот на индивидуалните сервиси, туку е потребно поради намалувањето на грантот што се зема од британското Министерство за надворешни работи. „Едноставно, треба да се направат заштеди поради кратењата на финансирањето на Светскиот сервис од Министерството за надворешни работи. Ние треба да ги фокусираме нашите напори кон јазиците кои имаат поголема потреба и каде ние имаме поголем ефект“, вели Хорокс.
Потегот на Би-Би-Си поттикна лавина критики и остар одговор од синдикатите, но и стравување дека медиумската куќа се повлекува од стратегиските делови на светот. Националната унија на новинари веќе им пишала на претседавачот на Комитетот за надворешни работи на Долниот дом, како и на претседавачот на Комитетот за култура, медиуми и спорт, повикувајќи ги да го ревидираат планот на Би-Би-Си за драстичните кратења. Како што објави „Фајненшел тајмс“, луѓе блиски до Форин офисот инсистираат на тоа дека кратењето на Светскиот сервис на Би-Би-Си - 16 проценти за три години - е „апсолутно фер“. „Тоа е институција финансирана од јавни давачки и тие треба да играат улога во намалувањето на дефицитот“, изјавил официјален претставник.
Сепак, критичарите на потегот, како што е професорот по комуникации од универзитетот „Вестминистер“, Стивен Барнет, наведуваат дека со ова се намалува влијанието на Британија што таа го имаше преку „меката моќ“ на Светскиот сервис. „Да се укинат сервиси во толку важни региони не е спротивно само на интересите на слушачите, туку и на британските интереси“, вели Барнет. Светскиот сервис на Би-Би-Си минатата година во телевизиските, радиските и онлајн програмите неделно имал публика од 180 милиони луѓе, додека емитувањето на програмите на годишно ниво чинело вкупно 268 милиони фунти. Вилијам Хејг пресудил за укинувањето
Лондон - Шефот на британската дипломатија, Вилијам Хејг, дал согласност да се затворат програмите на македонски, албански и на српски јазик, правдајќи го тоа и со слаба слушаност од 3,5 милиони луѓе. Во споредба со овие секции, кај програмата на руски јазик е забележано зголемување на посетеноста на Интернет-страницата на сервисот на руски јазик за 120 отсто.
Пратениците лабуристи му забележаа на министерот што ги затвора редакциите на јазиците од Балканот, иако тие во вкупните трошоци на Светскиот сервис на Би-Би-Си не учествуваат ни со 0,5 отсто, и тоа пред Македонија и Србија да и' се приклучат на ЕУ, а во време кога во Албанија е зголемена внатрешната нестабилност.
|