Европа - Балкан
Предворје за поделба
Иван Торов
Зошто критичарите на одлуката на СБ на ОН за распоредување на мисијата ЕУЛЕКС предупредуваат дека документот треба да „се чита меѓу редови“?
БЕЛГРАД - Иако мисијата ЕУЛЕКС веќе до крајот на неделава и официјално ја презема „работата во свои раце“, останува целосна конфузија околу тоа дали неодамнешната одлука на Советот за безбедност на ОН за реконфигурација на УНМИК е „уште една сјајна победа на српската дипломатија“, како што ја доживуваат во Белград, или, пак, „е пуст сон на српските националисти“, како што ја толкуваат во Приштина. Задоволни се, со забележителна претпазливост, единствено во седиштето на Европската унија, зашто со „едногласната одлука“ во Њујорк, конечно постигнаа Косово да добие „статус на европско прашање“. Со таа конфузија, како е веќе вообичаена на овие простори, доаѓа и контроверзната дилема: дали легализацијата на ЕУЛЕКС под капата на ОН ќе го стабилизира регионот, како што порачуваат Бан Ки Мун, Хавиер Солана и Борис Тадиќ, или - поради спорната содржина на спогодбата на Белград со Брисел и со Њујорк (не и со Приштина) во форма на „шест точки“ – се' на и околу Косово повторно ќе се разбранува.
Парадоксално е, но така е: се чини дека се во право и во Белград и во Приштина. Првите, зашто се убедени дека со овој план Србија на некаков начин ја суспендирала косовската независност и ја зајакнала својата теза дека, по една подолга „транзициска фаза“, српско-албанските статусни преговори ќе се вратат на почеток. Другите, пак, затоа што се уверени (барем официјално, бидејќи албанската опозиција мисли поинаку) дека дејствувањето на ЕУЛЕКС на целата територија на Косово е во согласност со неговиот Устав и со планот на Ахтисари, кој, патем, освен албанските лидери, повеќе никој не го спомнува. И покрај „решителниот“ став планот од шест точки да не се прифати. Непристрасните аналитичари, меѓутоа, предупредуваат дека целата оваа приказна не треба да се земе здраво за готово, дека постигнатата спогодба на Белград, од една, и Брисел и Њујорк, од друга страна, треба да се чита „меѓу редови“, односно како обид постојната состојба на Косово, која во многу личи на „рамнотежа на немоќ“, да добие меѓународна верификација.
Српскиот државен врв смета дека со овој план, како и претходно прифатената иницијатива Меѓународниот суд на правдата во Хаг да ја процени правната исправност на косовската независност, Србија се „враќа во игра“, што значи дека без неа не може ништо да се помести добро. Тоа последниве денови може да се заклучи и по поднесувањето на уште една „дипломатско-воена“ иницијатива да се „ревидира“ Кумановската спогодба со која Милошевиќ потпиша воена капитулација. За разлика од Белград, албанските официјални личности, останувајќи при ставот дека мисијата ЕУЛЕКС е добредојдена на целата територија на Косово, но планот од шест точки апсолутно е неприфатлив, се надеваат дека со овој потег е нарушена „територијалната целосност на независната држава“.
И едните и другите во сопствените средини се изложени на силни критики и обвинувања. Дел од српската опозиција, собран околу бившиот премиер Воислав Коштуница, апсолутно е сигурен дека белградското „зелено светло“ на мисијата ЕУЛЕКС, всушност, е и директно признавање на независно Косово („зашто, освен планот на Ахтисари, официјално не постои ниту еден друг“), дури и на Русија сериозно и' се префрлува дека со прифаќањето на одлуката на СБ на ОН „ги предала српските национални интереси“. Опонентите на косовскиот претседател Сејдиу и на премиерот Тачи, пак, се огорчени од нивниот колеблив став, но и од одлуката на меѓународната заедница дека, со воспоставувањето на два различни система на територијата на Косово, „практично се откажува од саканата мултинационалност“ и се легализира фактичката состојба, наместо да „помогне да се стабилизира кревката косовска држава “.
Практично што значи тоа? Планот од шест точки предвидува во Косово да се применуваат два меѓусебно конфронтирани система: на север на Косово и во српските енклави за царината, полицијата, правосудството, културното наследство и другите области би се грижел „реконфигурираниот“ УНМИК (барем во првата фаза) според Резолуцијата 1244 и со договорените принципи со Белград за „статусна неутралност“ на мисијата и неприменување на планот на Ахтисари. На преостанатата територија на Косово, ЕУЛЕКС, всушност, би бил она што е и денес, гарант на косовската контролирана независност и реализација на планот на Ахтисари. На една, мнозинска српска територија, практично би важеле законите на Србија под надзор на УНМИК, на друга, на косовската влада под контрола на Брисел. Со други зборови, во оптек би биле два паралелни система, без некакво опипливо заемно преплетување и мешање, што на критичарите на двете страни им дава за право кога тврдат дека сето ова, всушност, е вовед во легализација на некаква идна територијална поделба на Косово. Во првата фаза Србите на Косово и во енклавите би добиле, некои велат, автономија во уставно-правната рамка на Косово, други, пак, статус кој би бил пресликана верзија на Република Српска во БиХ. Според последната, Србите практично би добиле национален ентитет, чии врски со Приштина би биле лабави или неформални, со Белград, пак, суштински. Скептиците предупредуваат дека таквиот концепт би значел уште порадикално оддалечување на косовските Албанци и Срби, постојани тензии во нивните односи, но и замав на екстремните националистички платформи. Албанската страна губењето на северот на Косово го доживува како тежок национален пораз кој, меѓутоа, би можел да се надомести со размена на територии, со Прешевската Долина за просторот северно од реката Ибар или, пак, со присоединување на остатокот на Косово кон Албанија. Српските националисти, пак, свесни за фактот дека поголем дел од територијата е загубен, сметаат дека присоединување на северот кон Србија е единствена реална опција, која, меѓутоа, подразбира откажување од енклавите во внатрешноста на Косово и „хумано преселување“ (изум на „таткото на нацијата“ Добрица Ќосиќ) на српското население на територија под јурисдикција на Белград.
Сите три „вмешани“ страни, логично, официјално и енергично, но и без претерано убедлива аргументација, ја отфрлуваат идејата за поделба. Европската унија смета дека е нејзин голем успех што во преговорите со Белград успеала да издејствува ЕУЛЕКС да го „запоседне“ цело Косово, се надева дека Албанците нема да го опструираат нејзиното распоредување и дека со време ќе сфатат дека „ова решение и не е толку лошо“. Наедно, ги отфрлува критиките дека направила цела низа компромиси со српската страна поради „мир во куќа“, а со цел Белград да биде одоброволен полесно да го прифати губењето на Косово.
Во секој случај, допрва се очекува вистинска дебата за тоа кој е добитник, а кој губитник во оваа најнова меѓународна операција. |