Поглед
Забоболка, па што?
Јасмина Јовановска
Ако те заболи заб на одмор, нема барање стоматолог. Сам ќе си ја лекуваш забоболката. Затоа што ако побараш стоматолошка помош, ќе мора сам да си ја платиш од сопствен џеб. Фондот за здравствено осигурување повеќе не им признава трошоци на годишноодморците направени за стоматолошки услуги во земјата каде што летувале. Не помага ни ако имаш двојазична привремена книшка издадена од Фондот како гаранција дека ќе се рефундираат парите потрошени за лекување.
За Фондот, лекувањето забоболката не е итна состојба. И затоа решиле повеќе да не враќаат пари на годишноодморците ако платиле за лекување забоболка во странство. Забоболката можеби не е опасна за живот, но може да биде исто толку тешка како кога би се скршила рака или нога, да добиеш јака настинка, труење. Но, за Фондот забоболката не е толку страшна. Па, таа може да се смири и со таблети. Од Фондот уште и велат дека забоболката може и да се предвиди. Читај - кој ти е виновен ако не одиш редовно на забар?
А што ако и покрај редовните проверки некоја пломба проработи или случајно од пад се повреди заб. И за тоа ли Фондот ќе препишува таблети само за да не го одврзе ќесето? Изгледа на болниот не му останува ништо друго освен да трпи болка или, пак, да плати ако има пари за забар. Се знае колку се скапи стоматолошките услуги во странство. Доволен доказ е што кај нас доаѓаат странци и иселеници да лекуваат заби.
Веројатно, и скапите забарски услуги во странство се една од причините што Фондот решил да штеди на овие услуги. Затоа, ако тргнеш на одмор, подобро е да ги провериш дали сите заби се во ред. Слушајте го Фондот, тој дејствува превентивно. Зошто ако не дај боже ве фати забоболка на одмор, тогаш може скапо да ве чини одморот. |