ДУИ ќе одржи протест на плоштадот „Скендер-бег“
Шестгодишнината од основањето на Демократската унија за интеграција, партијата ќе ја одбележи денеска со протест кај плоштадот „Скендер-бег“ во Старата чаршија во Скопје.
На протестот ќе му биде оддадена и почит на Насер Ајвази, кого од ДУИ го нарекуваат „херој на демократијата“. Околу 15 илјади граѓани присуствувале на погребот на Ајвази во скопското село Арачиново. Тој загина во престрелка со полицијата на излезот од селото на самиот почеток на изборниот ден. Четириесетгодишниот Ајвази бил семеен човек и се занимал со земјоделство, велат неговите соселани.
„Ајвази беше резервен полицаец во 2003 година и ја смируваше ситуацијата во селото“, вели градоначалникот на Арачиново Музафер Беслими.
Тој тврди дека полицијата привела погрешни луѓе место да почека и да ги уапси оние кои навистина предизвикале инциденти во селото Грушино. „Насер Ајвази и неговиот татко Реџеп, кој сега е во притвор, немаа никаква врска со инцидентите. Насер доаѓаше со гласачкиот материјал од Грушино кон Арачиново, откако се случи оружениот инцидент, кога конвојот беше пресретнат од ’алфите‘. Неговиот татко се обидуваше да ја смири ситуацијата, но беше притворен“, вели Беслими.
Полицијата тврди дека Ајвази бил дел од групата која им поставила заседа на полицајците и пукале кон нив на излезот од селото. (Д.Т.)
|