Ни по 18 месеци никој не знае од што почина Ангела од Дуње
Според Обвинителството, случајот се' уште е отворен, но нема индиции дека некој е виновен за смртта на девојчето
Горан Адамовски
Идната недела ќе изминат 18 месеци откако исчезна шестгодишната Ангела Ѓорѓиеска од мариовското село Дуње во близина на семејниот дом. Шест месеци подоцна, надлежните утврдија дека на ридот во близина на селото се пронајдени остатоци од нејзиното тело. Но, остана мистерија дали е можно шестгодишно девојче среде лето на плус 40 степени да изоди седум километри по непристапен планински терен кога цела држава трагаше по неа. Дали Ангела била убиена, киднапирана или, пак, починала во несреќен случај? Кој би ја грабнал, би ја убил и зошто? Имал ли помош кај некој од блиските на Ангела? Каква несреќа му се случило на девојчето? Дали диви животни или змии биле кобни за Ангела?
Во прилепското Обвинителство тврдат дека случајот се' уште е отворен, но признаваат дека немаат никакви индиции за разврска на истрагата.
„Во очекување сме на нови податоци за да можеме да го завршиме случајот. Засега немаме ниту вербални ниту материјални докази за нечија вина“, ни изјави обвинителот Томе Неделковски.
Пред десетина месеци на повторен распит во Обвинителството беа повикани сите оние што ја виделе Ангела дента кога таа исчезна. Меѓу нив беа и родителите на девојчето. Тогаш прилепското Обвинителство поднесе предлог за одделни истражни дејства против непознат сторител. Според нив, постоело основано сомневање оти е сторено кривично дело повреда на семејните обврски, односно запоставување на детето, кое не можело само да се грижи за себе. Мајката на Ангела беше дадена на психијатриското вештачење во болницата во Демир Хисар. Надлежните очекуваа до почетокот на минатото лето да се расчисти случајот и конечно да заврши мистеријата за смртта на девојчето.
Ангела Ѓорѓиоска исчезна на 23 јули 2009 година. Со својата 20-годишна братучетка била на гости во селото, по што сама тргнала да си оди дома. Исчезнала во близина на селската црква, чиј пат воопшто не води од куќата каде што била на гости до куќата во која живеела. По речиси шест месеци, остатоци од детски скелет беа пронајдени во блискиот рид. Мештаните и ловџиите тврдеа дека детските коски биле пронајдени на непристапен терен, по кој е невозможно да се движи шестгодишно дете. Обдукцијата не успеа да го утврди точното време, како и начинот на кој настапила смртта, бидејќи вештаците имале многу малку материјал за анализа.
Полицијата се' уште не соопшти како нејзините коски завршиле таму и зошто не бил пребаран теренот на ридот, кој е веднаш зад црквата во чија близина исчезна девојчето. |