Челичната индустрија во агонија - власта без одговори
Кризата ја урна оваа индустриска гранка, а Владата не презеде системски решенија за да се ублажи ударот
Соња Маџовска
Кризата ја урна челичната индустрија, а власта не презеде системски решенија за да се ублажи силниот удар, што резултираше со драматичен пад на производството. Бизнисмените од овој клучен сектор во домашната економија велат дека кризата во металната индустрија толку силно се чувствува, што ќе треба да поминат две до три години за да застанат на здрави нозе. Ова го потенцираа претставниците на металната индустрија во земјава, кои со странски експерти ги разгледуваа последиците од рецесијата.
Првите луѓе од „Макстил“ сметаат дека ако зад нив не стои моќниот „Дуферко“, најверојатно последиците од кризата ќе беа многу повидливи и за нивната фирма и за државата. Митко Кочовски, еден од директорите во оваа фирма, не е оптимист дека заздравувањето ќе оди брзо, но за тоа вина гледа и кај Владата, која не даде соодветни одговори на рецесијата.
„Останаа неисполнети нашите очекувања за измени на одредени системски решенија, кои имаат судбинско влијание врз челичната индустрија. Познати се и нашите барања за намалување на цената на електричната енергија и на цената на гасот и намалување на трошоците за транспорт. Сметаме дека отсуствуваат соодветни одговори на рецесијата и на ваквиот интензитет. Бевме оптимисти дека на крајот на годината ќе има постепен излез од кризата, но, за жал, се' уште се соочуваме со последиците“, вели Кочовски. Според него, во компанијата нарачките се' уште се на ниво помало од нивните производни можности, а се смета дека тоа нема да се промени и следната година. „Би биле задоволни кога би го задржале ова ниво на производство, особено што на влезната страна се чувствуваат некои дополнителни трошковни удари, кои не се соодветно следени со цените на финалните производи, а тоа се старото железо, феролегури, а најверојатно и струјата во четвртиот квартал“, објаснува Кочовски.
И првиот човек на рудникот „Саса“, Максим Прохоров, вели дека нема место за оптимизам. Иако цената на обоените метали на светските берзи порасна, сепак, тој смета дека ризици се' уште постојат. „Кога куќата се руши тоа брзо се случува, но кога треба да се изгради тоа не оди така брзо. Сигурно ќе треба да поминат две-три години за да почнеме да излегуваме од кризата, без разлика на движењата на цената на металите“, изјави вчера Прохоров.
И додека едни велат дека е многу рано за оптимизам, претседателот на Македонската асоцијација на рударите, Николајчо Николов, смета дека секторот излегол од кризата, но не очекува цените на металите и натаму да се зголемуваат, туку само да се стабилизираат. „Поголем раст на цените на металите не очекуваме, туку нивно стабилизирање. Развојот на гранките каде што се трошат металите има свое влијание, па може да има и пад на цената. Сепак, се очекува стабилизирање на цените“, вели Николов.
Од Синдикатот, пак, велат дека Владата воопшто немала слух за проблемите со кои се соочила металната индустрија. „Со мерките што ги предложи Владата се покажа дека на ниво на држава таа немаше слух за проблемите, па моравме сами со работодавците да ја докажуваме правилноста на аргументите. Некаде имаше разбирање, ама таму каде што се затворија капацитетите целосно, не успеавме да најдеме безболно решение за вработените“, изјави Пеце Ристевски од СМЕР.
„Во последниот период ситуацијата се подобрува и се очекува дека доколку движењата во развиените економии продолжат во позитивна насока, тогаш тоа може да се одрази и во Македонија. Но, останува да видиме и, генерално, како ќе се развие економијата во другите земји каде што нашата метална индустрија е еден од главните извозници“, смета министерот за економија, Фатмир Бесими.
Според странските експерти, и покрај надежите за подобрување ова лето, се чини дека ќе треба да поминат уште две години за побарувачката да се врати на претходното ниво. „Ќе има одредено економско закрепнување, но економскиот пораст нема да оди рамномерно во светот. Побрзо ќе заздравуваат Азија и Кина, а Европа многу побавно. Сепак, се надевам дека најлошото помина“, истакна директорот на „Еуро стратег консултантс“ од Велика Британија, Шајн Ример. |