Лидерите на Г-20 договараат нови мерки за контрола на финансиите
Со новите правила треба да се зголеми контролата на пазарите и да се намали ризикот при инвестирање Политичките асови на 20 земји со најсилни економии во светот (Г-20) вчера се собраа во американскиот град Питсбург, за да присуствуваат на дводневниот самит на оваа група, а главна тема е расправата за глобалната економска криза.
Утврдувањето на нови и поефикасни мерки за регулирање на меѓународниот финансиски систем и усвојувањето на одлуките за тоа кога владите ќе треба да ја намалат потрошувачката во рамките на пакетот за стимулирање на стопанството, спаѓаат меѓу големите предизвици со кои групата на најбогатите земји и помалку развиените земји ќе се соочат на новиот, трет самит на Г-20, во град кој некогаш беше центар на американската индустрија за челик, забележува „Глас на Америка“.
Учесниците на постојниот самит на Г-20, со своите изјави и толкувања ќе настојуваат да го потврдат постигнатиот напредок во зајакнувањето на светското стопанство и да поттикнат расправа за новите правила, кои треба да ја зголемат контролата на работата на пазарите, да го намалат ризикот при инвестирањето и да ја спречат идната финансиска криза.
Министрите за финансии на Г-20, кои на почетокот на септември се состанаа во Лондон, тогаш соопштија детали од договорот со кој од банките се бара да ги зголемат паричните резерви, поради евентуално лошите кредити и инвестиции.
Европските министри за финансии, меѓу кои е и француската министерка Кристина Лагард, бараат поодлучни мерки во регулирањето на работата на пазарите и особено во инвестициите. Укажувањата се однесуваат на построгите ограничувања во исплатата на огромните банкарски бонуси.
„Одлучни сме многу внимателно да ја следиме состојбата, затоа што не сакаме да изгубиме контрола. Финансиската регулација е премногу важна, бидејќи бонусите се прилично големи и поради тоа не можеме да дозволиме да продолжи досегашната практика“, рече Лагард, со напомена дека самитот во Питсбург е „реален предизвик“, поради многу проблеми кои постојат во глобалната економија.
Франција и Германија решително бараат да се ограничи износот на бонусите, додека американските лидери, иако во основа го поддржуваат тој став, сепак, се повоздржани околу реализацијата на таа идеја во практиката, оцени германското радио Дојче веле, во текстот посветен на самитот на дваесетмината во Питсбург.
Економските експерти, меѓу нив и минатогодишниот добитник на Нобеловата награда, Пол Кругмен, пред собирот во Питсбург оценија дека светското стопанство зајакнува, но оти процесот до целосна стабилизација ќе биде бавен.
Кина е една од малиот број земји која и оваа година, наспроти глобалната криза, бележи висока стапка на стопански раст, но лидерите во Пекинг предупредија дека се' уште не треба да се размислува за прекинување на мерките за поттикнување на економската активност, во рамките во кои владите на најразвиените земји, вклучувајќи ја и кинеската, до сега вложиле билиони долари. Меѓутоа, учесниците на самитот на Г-20, сепак, ќе мора да го разгледаат и начинот на функционирањето на глобалното стопанство и националните стопанства во периодот кога ќе престане практичната примена на стимулативните програми. Доколку во блиска иднина се укинат мерките, економистите наведуваат дека светското стопанство повторно може да западне во рецесија. Премногу долгото задржување на стимулативните пакети, исто така, е опасно, бидејќи, меѓу останатото, би придонело за нагло зголемување на надворешниот и на внатрешниот долг во многу земји и ќе ја зголеми опасноста од брз раст на инфлацијата. Од останатите прашања што ќе ги разгледуваат земјите на Г-20 на самитот, секако, треба да се укаже на залагањата на Кина, Русија, Бразил и на Индија, кои ја сочинуваат групацијата БРИК, за праведна поделба на квотите и на гласачките права во Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.
Лидерите на дваесетте најголеми економии на планетата ќе се соочат со предизвиците да му покажат на светот дека ги научиле поуките од економската и од финансиската криза, во период кога се наѕира крајот на рецесијата.
Државите од Г-20 (Аргентина, Австрија, Бразил, Велика Британија, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, САД и Европската унија), заедно опфаќаат 80 отсто од глобалната економска активност и во нив живее две третини од светското население.
Самитот на Г-20 во Питсбург ќе биде трет состанок на тоа ниво, откако претходните два беа одржани на 15 ноември 2008 година во Вашингтон и на 3 април 2009 година во Лондон. Четиринаесет активисти на еколошката организација „Гринпис“ беа уапсени во Питсбург, во пресрет на дводневната средба на врвот на Г-20. Деветмина од нив биле приведени затоа што распространиле огромен транспарент на мост, 25 на десет метри, на кој била напишана паролата „Опасност! Уништување на климата однапред“.
(Според агенциите)
|