Нема средба на децата-бегалци во Лерин
Во Здружението на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија велат дека нема планирано никакво организирано патување за Грција: од една од средбите на Егејците во Трново
Грчкиот печат шпекулира дека Скопје прави нова провокација преку средба на Егејците во Грција
Димитар Чулев
Никаква средба на деца-бегалци, кои годинава одбележуваат 60 години од прогонот од Егејска Македонија, нема да биде одржана годинава во Грција. Грчкиот печат вчера нашироко шпекулираше на оваа тема, информираше дека, наводно, „на тајно советување од пред еден месец" била потврдена намерата на Скопје за организирање средба“. Грчката страна, како што пишува весникот „Та неа“, знаејќи за овој план се одлучила на овој настан да му даде мало значење.
Извори на „Утрински весник“ од Лерин велат дека тамошните националисти преку весникот "Стохос" веќе обвинија дека платеници од Скопје со сепаратистички намери имаат за цел да дојдат и да испровоцираат немири. И "Та неа" пишува дека "ситуацијата во северна Грција е таква што можело да дојде до инциденти", а од политички причини Министерството за надворешни работи на Грција стои на ставот да не и' дава никакво значење на средбата за да не им се прави реклама.
Во Здружението ��а децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, кое денес треба да има официјална прес-конференција на кој и официјално ќе биде соопштен начинот и содржината на средбата што ќе се одржи од 18 до 21 јули во Скопје, велат дека нема планирано никакво организирано патување за Грција. Имало намера да се посети селото Овчарани, каде што традиционално се одржува панаѓур во чест на Илинден (кој по новиот календар во Грција се слави 13 дена порано). Меѓутоа, поради актуелната ситуација и затегнатите односи заинтересирани, особено од прекуокеанските земји кои ќе допатуваат на средбата на децата-бегалци, се откажале од оваа намера.
Според Ѓоко Доневски од Здружението, тридневната прослава на средбата во Скопје, инаку четврта по ред по онаа во 1988, 1998 и 2003 година, ќе почне на 18 јули во новата Спортска сала "Борис Трајковски" каде што на децата-бегалци, кои денеска живеат во Македонија, во поранешните земји од источниот блок и во прекуокеанските земји, ќе им се обрати претседателот на Собранието, Трајко Велјановски. Првпат оваа манифестација ќе има и политичка содржина и извесна поддршка од владата, со оглед на тоа што е поставено прашањето за државјанствата на некогашните протерани деца, а сега луѓе во длабока трета доба, и за прашањето за имотите.
Од МНР вчера не сакаа на никој начин да ги коментираат шпекулациите на пишувањето на грчките весници, меѓу кои "То вима" и "Та неа". "Та неа" пишува дека "барањето на Скопје е да се признае постоење на македонско малцинство во Грција и потоа да им бидат вратени имотите". Од министерството (за надворешни работи) забележуваат дека станува збор за деца-бегалци од Граѓанската војна по потекло од грчка Македонија кои се сместија во тогашната југословенска република Македонија, и станаа Југословени, потоа "Македонци" и се распрскаа по други држави низ светот, како Канада и Австралија. Според овој весник, македонската влада потрошила големи суми за да може "егејските Македонци" да дојдат во Лерин со цел, како што коментира весникот, прашањето за малцинствата да се вклучи во преговорите за спорот со името.
Од Виножито вчера категорично отфрлуваат каква било организација или намера за организирање манифестација поврзана со децата-бегалци која се одржува во Скопје. "Тоа се злонамерни провокации од грчките весници, но и дел погрешно информирање на некои македонски гласила", вели Воскопулос. Она што е вистина е дека на традиционалниот панаѓур по повод Илинден во село Овчарани годинава по покана на Културното друштво од ова село ќе гостува македонскиот национален ансамбл "Танец". Манифестацијата во Овчарани, објаснува Воскопулос, има особено значење зашто на крајот на 80-тите години тука првпат беше обновена традицијата да се пеат и да се играат македонски песни и ора и покрај строгата забрана од грчките власти. По пробивот што го направи ова село, по истиот пат тргнаа и селата Забрдани, Карпешина, кои исто така сега организираат слични манифестации на кои се собираат припадниците на македонското малцинство од Грција. На 21 мај беше одржан панаѓур во Забрдани, на 20 јули ќе се одржи во Овчарани, кога специјален гостин ќе биде КУД "Танец", а на 6 август во Карпешина. Вчера, на пример, панаѓур со македонски песни и ора и во амбиент што го одразува македонскиот културен идентитет во Грција се одржа во малото село Битуша во близина на Лерин.
Во врска со вчерашното писмо на премиерот Никола Груевски упатено до неговиот грчки колега Костас Караманлис, од Виножито сметаат дека "...не само на Караманлис туку писмо со таква содржина треба да се напише до сите европски претседатели и до претседателот на Европската унија во кое ќе бидат информирани дека една земја-членка на Унијата се' уште толерира легислатива која не признава постоење на јазично и на национално малцинство, а поддржува расистички закони слични на оние од Јужна Африка кон крајот на минатиот век". |