МАГАЗИН
По презимето не познаваат во светот и во земјава
Браќата Тавитјан го сметаат концертот в недела за уште едно докажување и предизвик на кој му се радуваат
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Браќата Тавитјан, покрај како извонредни музичари, ги бие глас и на добро воспитани момци. Сите договори во врска со интервјуто беа исполнети максимално професионално, па на момент добивме впечаток дека се постари отколку што се. Како и да е, Дики и Гаро јуниор се креативни, стасани луѓе, наполно предадени на музиката и на константата (дадена како совет од татко им) дека никогаш не се знае се'. Концертот в недела беше директен повод за ова интервју, а попатно дознавме многу интересни нешта поврзани со нивните опсервации.
Велат, најтешко е докажувањето дома и сите големи музичари се среќаваат со таа приказна. Имате богато концертно искуство на бившите ЈУ-републики, ама и во големите светски метрополи, а што очекувате тука?
- Факт е дека за секој уметник голема одговорност и предизвик претставува изведувањето на свој терен, т.е. во средината каде што растел, се развивал и од каде што потекнува. Имаме над 300 концертни настапи, од кои околу сто се во Македонија. Но, сепак, музиката е професија што бара константно докажување и континуитет, на кои им нема крај.
Мислите ли дека само комерцијални работи се врзуваат за квантитет? Конкретно - на каква посетеност се надевате на концертот в недела?
- Не е реално да очекуваме дека на цела планета мејнстрим во одреден момент ќе биде исклучиво квалитетната музика, но реалноста во светот е дека за сите музички стилови постои одредена публика која е доволна за функционирање на уметниците што ја изведуваат. Такво ниво допрва треба да достигне и нашата земја. Што се однесува до нашиот концерт, искрено се надеваме на голем интерес и поддршка од љубителите на квалитетната музика, кои ги има многу.
Каква е публиката надвор? На што реагира таа, што сака? И - како на светската сцена се котира инструменталната музика? Кај нас е прилично запоставена...
- Секаде каде што настапувавме бевме топло пречекани. Најчесто наидуваме на воодушевена публика која по секој настап купува наши цедеа, се интересира за нашата земја и често ни упатува комплименти за изведбата. Од досегашните реакции на странската публика научивме дека доколку си искрен во тоа што го работиш, без разлика каде се наоѓаш на планетата, таа ќе го осети тоа и ќе реагира соодветно... Џезот и инструменталната музика во светот имаат значајно место. Почнувајќи од многубројните едукативни институции низ светот, потоа разни студија, специјализирани концертни сали, фестивали и клубови што се занимаваат претежно со врвна музика. Тие ја сочинуваат третината од светската музичка сцена. Во Њујорк, Лондон, Париз, Јапонија, Берлин итн. џезот е на високо ниво и претставува олицетворение на културниот престиж на еден европски, па и светски граѓанин, ако сакате.
Тоа што создавате и свирите заедно е поради уметничко совпаѓање или станува збор за за генетички сензибилитет што си го препознавте еден кај друг?
- Тоа е поради природата на нештата. Растеме заедно и ја анализираме музиката на сличен начин и генерално за флуидот меѓу нас не постојат зборови со кои би се објаснил. Пред се', музиката се свири, не се зборува или објаснува.
Како би ја опишале вашата музика? Точно ли е тоа дека по завршувањето на Академијата се надградува само техниката, а се губи креацијата?
- Нашата музика претставува начин на комуникација со себе, како и со креативниот дух на луѓето. Пред се', во нашиот музички израз најмногу е присутен џезот како принцип на работа, но честопати експериментираме со повеќе музички стилови, како што се рок, фанк, етно, електроника итн. Не се ограничуваме или етикетираме во одреден музички стил, бидејќи и за нас музиката глобално претставува средство за да кажеме нешто, а се' што ни е при рака за остварување на замислената идеја е во игра.
Дали и како влијаеше татко ви Гаро на вашата уметничка определба?
- Секако. Нашиот татко не' упати во тајните на музиката и од неговите позитивни и негативни искуства научивме многу. Денес ние ја продолжуваме и развиваме нашата 50-годишна фамилијарна музичка традиција со гордост.
Колку ви значи презимето Тавитјан?
- По него не' препознаваат во светот и во нашата земја. Многупати сме зборувале околу товарот и предностите на името. Со еден збор, апсолутно сме подготвени за сето она што ни го носи или одзема нашето име.
Што научивте музички од „Леб и сол“ во периодот додека татко ви беше дел од него?
- Од мала возраст сме на турнеи со тој бенд и научивме многу работи. На прво место, како треба да изгледа еден концертен бенд, професионалноста, посветеноста, разни проблематики и што треба да се избегнува. Но, за жал, сето тоа што го споменавме не е случај и денеска. За нас, а верувам и за сите вистински познавачи на групата, вистинската „Леб и сол“ заврши со турнејата по повод 30-годишнината во 2006 година. Инаку, многубројните патувања, случки и нивната музика имаа одредено влијание на нас како музичари. На пример, Дики си го доби првиот белег како мал кога падна од комбето за време на една нивна турнеја во Хрватска. Или, пак, често се случуваше некој од нас да се изгуби и на крај целиот бенд да се растрча во потрага по нас додека ние седиме со некои добри Холанѓани кои ни купиле сок. Имаше многу дружење во тие периоди и многу интересни згоди и незгоди.
Денес можеме со сигурност да посведочиме дека „Леб и сол“ беше еден од најпрофесионалните и најрепрезентативни брендови на нашата земја. На секое појавување имаше капацитет од минимум три полни центри „Сава“ едноподруго, на пример. Се' потоа претставува сквернавење на макотрпната и долгогодишна работа на сите членови што го градеа овој бенд.
Кои совети од Гаро ги сметате за вистинско благо?
- Ги има многу, еден од нив е: никогаш не знаеш се'. Често неговите изјави се поврзани со Бога, бидејќи тој е голем верник како и ние.
Еден совет што се совпаѓа со нашите карактери и што го прифативме, а го добивме од него е да бидеме искрени во тоа што го работиме и никогаш да не се предаваме.
За вас во музичките кругови се зборува дека сте мајстори на своите инструменти. Како реагирате на комплиментите и од кого ви се особено драги?
- Секој искрен комплимент ни значи, бидејќи за нас тоа е неопходна поддршка, како и фидбек што не' стимулира и ни помага. Инаку, секој ден ни носи нови предизвици во музиката и свесни сме дека имаме уште многу да учиме.
Верувајте, на тоа усовршување му нема крај.
Со кого разменувате идеи тука на нашите простори? И, незаобиколно, сакам да ве прашам што мислите за нашата музичка (естрадна) сцена?
- Соработуваме со многу музичари од нашата сцена. Низ годините со групата „Парамециум“ и со „Тавитјан брадерс“ сме работеле со повеќето квалитетни и реномирани музичари и пејачи. Секогаш сме отворени за размена на идеи и соработка. Музиката треба да ги сплотува луѓето и да ги прави посреќни, а не да ги дели или да им го полни егото.
Инаку, нашата сцена изобилува со разни аномалии на кои не им е местото во медиумите и заземаат простор (ова го велиме бидејќи на друго место и не можат да се видат, а за некои од нив концертен настап како поим претставува бауч или настан од фантазијата). Мораме да ја избалансираме сцената со квалитетни продукти и музичари, инаку ни се заканува траен дебаланс и културен мрак што ќе резултира со тотално исклучување на младите генерации од светската култура. Ние сме свесни за ова, а вие?
Дики и Гаро јуниор приватно. Што, покрај музиката, ви е љубов, страст...
- Имаме многу интереси - сакаме да погледаме добар филм, уживаме во спортски активности и често практикуваме пешачење на планина или на кејот на Вардар. Исто така, не' интересираат и добра книга, Интернетот, како и сликарството. Уживаме во добра кујна и големи гурмани сме. Често посетуваме ресторани, но, сепак, најдрага ни е домашната кујна, а исто така ги сакаме и ерменските специјалитети кои се многу вкусни. Карактерно сме различни и различно реагираме на работите, но, се разбира, со понекоја заедничка особина и слична идеологија и вредности за животот поради кои, веројатно, толку добро се согласуваме.
Сепак, сигурно знаете и да „заискрите“!?
- Конфликтите многу ретко се случуваат меѓу нас и секогаш ветреат многу бргу. Најчесто тоа се полемики на професионално поле или размена на различни ставови, но во животот треба да се бориш за се' и да бидеш искрен, па и за лојалноста на најблиските. Ништо не е здраво за готово. Инаку е лажно. |