ЕДИТОРИЈАЛ
Ветар в грб
Гордана Дувњак
Македонија имаше среќа со комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. Гостинот од Финска допатува во Скопје во добра здравствена кондиција, оптимистички настроен и внимателен кон својот изглед. Му успеа дури и да се зачешла пред почетокот на прес-конференцијата. Босанските власти останаа покуси за неговите коментари, бидејќи поради неговата здравствена состојба вчерашните средби во Сараево беа откажани, а неговата мини-балканска турнеја - прекината.
Што ни порача евродипломатот, кој своевремено ни ги кинеше нервите со неумесните анегдоти што ни ги кажуваше во Брисел?
Традиционално воздржаниот дипломат, кој беше во проштална посета на балканските земји, бидејќи се збогува од функцијата, прво, великодушно не' пофали за визната либерализација. Вели бил импресиониран од квалитетот и од брзината на направените реформи во оваа сфера, што ќе значи сме заслужиле да патуваме без визи во ЕУ. Не заборави да не' охрабри во останатите 50-тина дена до пишувањето на извештајот за напредокот на Македонија да продолжиме со остварувањето на реперите. Еден е целосно исполнет. Изборите поминаа без инциденти и во рамките на демократските процедури. Сепак, детектираше каде најлошо стоиме во исполнувањето на „домашните задачи“, посочувајќи ги трите најслаби точки од осумте критериуми.
Судството, затоа што и натаму е неефикасно и бавно, изложено на силни политички притисоци. Јавната администрација, затоа што е трома, партизирана и без донесена законска рамка. Борбата против криминалот, бидејќи се' уште е декларативна и не ги дава вистинските ефекти. Големите корупциски скандали завршуваат со укинувачки одлуки пред Врховниот суд, бидејќи во желбата по секоја цена да се добие судска завршница, често се прават крупн�� пропусти. Меѓу обврските што се останати за завршување се и донесувањето на законите за Собранието, за финансирање на политичките партии, исполнувањето на Охридскиот договор. Колку парламентарното мнозинство и да се труди да ја убеди јавноста дека најбитно е да се донесат „европските закони“, а не и како тоа се прави, без да се постигне консензус со опозицијата, сепак, не може да се игнорира политичкиот дијалог. Особено, затоа што тој претставува еден од условите кои се потребни за добивање датум за преговори. И не случајно, уште првиот ден по неговото заминување, премиерот Никола Груевски свика лидерска средба на која ги покани традиционално четирите релевантни политички партии и Нова демократија на Имер Селмани, како засилување. Набрзо ќе се види дали оваа нова неформална сеанса во Клубот на пратеници ќе даде некакви резултати, или, пак, повторно ќе биде „пазар на лидерски суети“.
Оли Рен уверуваше дека крајниот учинок ќе зависи од ангажираноста на Владата, која доколку сака да успее во својата намера, ќе мора да се фати за работа и во овие летни месеци. Зашто времето е кусо! Доза на оптимизам внесоа неговите зборови дека шанси постојат и оти ќе се цени само постигнатото, а билатералниот спор нема да биде пречка во конечната одлука. Сепак, тој потсети дека за започнување на преговорите е потребен консензус во Советот на ЕУ. Едногласна одлука на сите 27 земји-членки, од кои едната е, да не заборавиме, Грција.
Можеби Оли Рен не беше толку сликовит како високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, но пораката беше иста. Пред една седмица нашиот долгогодишен шпански пријател рече дека „планетите се така наместени“, уверен е дека сега е вистинско време да се реши долгогодишниот спор за името. Оли Рен не се повика на астрологијата и на ѕвездите, но искажа речиси идентичен став.
Македонската политика, колку и' да има поволен ветар в грб, не смее да ги остави работите на случајност. Слично како и на Самитот на НАТО во Букурешт, да очекува дека некој друг ќе ни ги реши проблемите. Потребна е посветеност, но и мудрост за донесување вистински одлуки!
|