„Скендер-бег“ преку „Гоце Делчев“ до МНТ
Општината одлучи да не гради нови споменици на новиот плоштад, освен една модерна фонтана и повеќе зеленило
Деспина Трајковска
На површина од дваесетина илјади квадрати, без нови споменици, со модерна фонтана премостен преку булеварот „Гоце Делчев“ до МНТ и Филхармонијата. Вака дефинитивно ќе изгледа плоштадот „Скендер-бег“ за чиј изглед во изминативе два месеца Општина Чаир организираше дебата за заинтересираните да дадат предлози и сугестии за проектот по прикажаната првична верзија. Генерално, како што изјави градоначалникот Изет Меџити, прифатени се предлозите плоштадот да има повеќе зеленило, урбана опрема како и да се изгради фонтана.
„Останува во опција втората варијанта за изгледот од двете што беа во игра. Нема да градиме нови споменици, само една модерна фонтана. Плоштадот ќе се протега кон МНТ, односно ќе го премостува булеварот. Паркирањето ќе се изведе подземно“, изјави вчера Меџити, кој најави дека до март е планирано за идејното решение да се изработи изведбен проект, а до почетокот на новата градежна сезона тој да ги мине сите фази и напролет да почне изградбата на терен. Засега за реализација на проектот, Општината има на располагање 40 милиони денари, пари обезбедени од државата. Според Меџити, плоштадот како проект кој има целосна поддршка од Владата од секој аспект, дополнително се очекува да добие финансиска поддршка и тоа во оној момент кога ќе се заокружи потребната финансиска конструкција врз основа на изведбениот проект.
Изработката на идејното решение е доверена на четворица архитекти од проектантската куќа „Инженеринг архинггруп“ од Тетово. Генерално, постојната површина кај споменикот на Скендер-бег ќе се прошири, ќе се добие дополнителна површина, која практично ќе ги помине границите на општината Чаир и ќе влезе во јадрото на слободниот простор помеѓу МНТ и Филхармонијата. Овој дел од плоштадот со преостанатиот ќе се поврзе со премостување на булеварот „Гоце Делчев“.
Идејата на Општина Чаир да изгради плоштад беше правдана со три причини. Првенствено, оти на Скопје му било потребен уште еден плоштад, втората причина е отворање на уште еден влез кон чаршијата, а третата со пробивање сообраќајница зад стоковната „Илинден“ да се овозможи сообраќаен пристап со што ќе се елиминира сегашната појава на влегување со автомобили во стариот дел од градот. Плоштадот „Скендер-бег“, всушност, ќе биде централен плоштад од левата страна на Вардар, опкружен со повеќе културни и образовни институции, како што се Тетовскиот универзитет, кој ќе биде сместен во стоковната куќа „Илинден“, потоа МНТ и Филхармонијата. Првичните идеи се плоштадот да се поплочи со коцка или травертин, кој би се вклопил во постојниот амбиент на чаршијата. |