Тетово по примерот на Скопје
ТЕТОВО - Градот Тетово во иднина да функционира како Скопје, предлага ВМРО-Народна партија. Наместо сегашната територијална поставеност, една општина со дваесетина села, Тетово со над 100.000 жители да има три локални самоуправи. Според иницијаторите, централниот дел на Тетово да биде една општина, во рамките на втората да бидат опфатени сите селски населби што порано припаѓаа на општините Џепчиште и Шипковица и двете населби Дреновец, а третата општина да ја сочинуваат неколкуте месни заедници на десниот брег од реката Пена заедно со Мала Речица и Голема Речица.
Иницијаторите сметаат дека на ваков начин во една од трите општини градоначалникот ќе биде Македонец. „Ќе се обезбеди поголемо заедништво меѓу Македонците и Албанците, ќе се релаксираат меѓуетничките односи и ќе се придонесе луѓето да не се иселуваат од селските средини. Во најскоро време до Собранието ќе поднесеме предлог за нова територијална организација во земјата“, рече Марјан Додовски на трибината на ВМРО-НП што се одржа во Тетово.
„Тетово како втор универзитетски центар во Македонија и со добра инфраструктура заслужува да биде со градска управа, со три општини и со издвојување на руралните средини од урбаните “, додава Додовски.
Сретен Коцевски вели дека идеја за поинаква територијална поставеност на општините во тетовскиот крај имало уште пред шест-седум години. „За таа иницијатива ги информиравме политичките партии, ОБСЕ, медиумите, но не наидовме на поддршка. Не знам што се изменило во овој период и сега се повторува нашиот предлог“, вели Коцевски.
Меѓу жителите на Тетово има различни мислења околу евентуалната нова територијална поставеност и, главно, со спротивставени аргументи. Едни ја поддржуваат идејата, меѓутоа многумина сметаат дека „не треба да има натамошно раслојување, да нема нови поделби, особено не на меѓуетничка основа. Политичарите треба да градат односи за вистински соживот, за тоа што не' зближува, а не што не' разединува“.
Се смета дека односите треба да се градат во месните заедници каде што се одвива животот на луѓето, таму да се дадат поголеми ингеренции и средства за да можат овие основни клетки на самоуправата да станат вистински носители на животот. Како и да е, поведена е една нова вистинска дебата од која се очекува да понуди решенија. За да се обезбеди се бара и поинакво однесување на политичките партии што мора да се свртат кон граѓаните, а не само кон личните и партиските интереси. (Г.Е.) |