Регионална лидерска средба во Охрид
Охрид - Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, вчера и денеска во Охрид е домаќин и своите колеги од Албанија - Бамир Топи, од Црна Гора - Филип Вујановиќ и од Косово - Атифете Јахјага, учесници на Регионалната лидерска средба – „Охрид самит 2011“. Од лидерскиот самит, трет едноподруго во овој формат, по средбите во Валона 2009 и Призрен 2010 година, се очекува да произлезат иницијативи за нови регионални проекти, особено во инфраструктурното и енергетското поврзување. Претседателот Иванов ќе предложи листа на можности за јакнење на регионалната соработка и ќе апелира да се одредат приоритетите на кои ќе се фокусира соработката во периодот до следниот состанок. Во Охрид, шефот на македонската држава ќе иницира и предлог доколку се појави ургентна потреба, по примерот на земјите-членки на ЕУ, претседателите од регионот да се среќаваат почесто, а не само еднаш годишно.
На своите колеги од регионот Иванов им подготвува прошетка со брод по Охридското Езеро, по што ќе приреди официјален ручек, а сите заедно ќе при��уствуваат на свеченото отворањето на 51. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Топи, Вујановиќ и Јахјага се сместени во хотелот „Инекс – Горица“, веднаш до официјалната резиденција на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, вилата „Билјана“. Поради лидерскиот самит, Охрид од вчера е под посебен режим на сообраќај, при што на одредени патни правци привремено е ограничено движењето и се исчистени од моторни и од друг вид возила, како што е булеварот „Туристичка“ по целата должина и дел од улиците во стариот дел од градот, каде што претседателите и членовите на делегациите ќе посетат дел од културно-историските знаменитости на Охрид. (В.М.) |