Кич-митологии
Политиката и затворите
Венко Андоновски
Политиката кај нас скоро ќе умре: никој, нормално, не сака да оди во затвор
Минатата седмица висок политичар беше осуден (иако не дефинитивно; се чека одлуката на Апелација) – на казна затвор. Во оваа колумна нема да споменувам имиња на обвинети, за да не се вклучам во плукање луѓе пред завршна судска реч. Но, јавноста добро знае дека полека ама сигурно се соочуваме со една интересна појава – врвни политичари да се соочуваат со обвиненија, а некои од нив да завршат и во затвор (дури и во странски). Најчесто се тоа министри, а еве, во последниов случај станува збор и за некогашен премиер на Република Македонија. Секој ќе рече: работата на судството е да суди, па ако некој бил виновен за нешто, треба да биде и осуден. Во ред. Но, за мене е симптоматично тоа што политиката се' повеќе станува главен „регрутен центар“ на затвореници. Нешто тука чкрипи: до неодамна, регрутен центар за затворите беа луѓе без јавен рејтинг, без работа, без пари и занает, без посебно образование. Сега, тоа стануваат дури и доктори на науки, врвни специјалисти, луѓе со пари (еден од нив имаше одличен имот во соседна земја пред да се соочи со две обвиненија).
Од каде едно такво радикално поместување на казнените дискурси и казнените институции кон друга „целна група“?
Јас не ја бранам тезата дека богатите или образованите не можат да бидат криминалци. Но, интересно е дека свртувањето на интересот на казнените институции кон „елитата“ влезе во мода од неодамна, поточно откако се закопаа сите можности за национално помирување на двата политички табора кај Македонците – левиот и десниот. Тоа наведува на помисла дека полицијата и судството се заинтересираа за политичарите како „потенцијални затвореници“ не по природен пат (затоа што тоа им е иманентна должност), туку „однадвор“, или, поточно речено „одозгора“. Што ќе рече – под влијание на некои политички сили или – власти.
Ако власта и казнените институции се сврзливи садови, како што тврдеше Мишел Фуко, без разлика колку ќе ја дрдориме демократската бајка за „независно судство“, тогаш произлегува дека овој интерес за казнување има политички предзнак. Односно, укажува дека има најмалку две власти, кои се менуваат наизменично. Кога е едната на власт, затвореници стануваат оние од првиот политички табор; кога е другата на власт, затвореници стануваат оние од вториот. Се разбира, одвреме-навреме, за да се произведе ефект на „илузија на праведноста“, некоја од двете власти ќе осуди и понекој припадник на сопствениот табор. Тоа е најчесто некој „непослушен“, „проблематичен“ примерок на видот или „ислужен“ поданик од кој политичката гарнитура веќе нема никаква полза.
Фуко, во две свои предавања посветени на казнените институции вели дека преминот од среден век во модерно време подразбира: „премин од системот на ОДМАЗДА кон системот на казнување; премин од практиката на ОБВИНУВАЊЕ кон практиката на истрага...; од донесување одлука за доказ, до судење врз основа на докази“. Ако има вистина во исказот на последниот обвинет, тогаш ние не сме поминале од среден век во модернитет. Тврдењата на обвинетиот, имено, се токму тврдења за одмазда и обвинување без докази: партиско судство кое донесло одлука врз основа на партиски притисок, но и партиско-медиумски „суд за виновност“ уште пред да се почне со истрага.
Едно друго прашање гласи: како е можно политиката, од традиционален благороден залог за општ благодат на заедницата, да се претвори во полигон од кој ќе се регрутираат криминалци? Дали тоа значи дека: а) политиката е поле на сериозни искушенија да посегнеш со раката по пари; б) ако е така, зарем таа не е тогаш „дебело“ фискализирана област и монетарна, наместо управувачка дејност; в) тогаш, во какви врски се наоѓа политиката со оние кои прават баснословни суми пари; г) а ако се знае дека баснословни богатства не се прават чесно преку ноќ, дали тоа значи дека политиката соработува со криминалци; д) ако е така, како може тоа што се потпира на криминал, да суди за криминал? Кругот е затворен и апсурден, затоа што се темели на почетна лажна претпоставка: дека политиката е зона на чесноста. Тоа ,пак, не значи дека во политиката нема чесни луѓе. Но, од нив се бара да поддржуваат нечесна практика. А што ако не ја поддржат? Тогаш одат во затвор, како и оние што претерале во „поддржувањето“! Или, пак, со нив се игра играта „плашење со затвор“, како еден вид јавно жигосување. Мишел Фуко, во „Казнено општество“ разликува четири вида казни низ историјата: 1. прогонство (античка казна); 2. откуп (надоместување на штетата, идеал на германските општества); 3. жигосување, сакатење, мачење, бележење на телото со знаците на власта (среден век); 4. затворање (модерна доба).
Сетете се на некои претходни судски случаи, па ќе видите дека кај повеќето четвртата казна се замени со првата или втората, што покажува дека ние претпочитаме среден век пред модернитет. Некои (дури и министри) самите заминаа во прогонство во други земји; некои беа осудени да ја надоместат штетата. Но, третата казна, ЖИГОСУВАЊЕТО, е главната поента на секое наше судење. Поважно е да се обележи обвинетиот со жигот на срамот, отколку да заврши во затвор; второво, ако се случи, е поен плус! Тоа се случува секој ден; на пример, кога завчера Иво Котески како портпарол на МВР вели дека министерката Јанкулоска, по 50 страници тужба се откажала од тоа да ја тужи Шекеринска за клевета, затоа што народот веќе доволно ја казнил на изборите – тој жигосува без судски процес, па уште го става и народот, без хонорар, во ситуација на порота. Кога г. Бичиклиски, како мегафон на владејачката партија ги кара сите што го бранеле господинот професор, израмнувајќи ги и нив со криминалци, тој жигосува, оти не ја почекал „конечната“ од Апелација. Жигосувањето е секојдневна партиска активност за која се добиваат поени. Се заборава дека со тоа трајно се втиснува печат на туѓо чело. Ако навистина одлуката за тоа е судски поткрепена, независна и точна – во ред. Но, што ако не е? За тоа, во случајов треба да се почека, а тогаш - ќе биде предоцна. Жигот не се брише.
Ќе се случи ли наскоро ПОСАКУВАНАТА политикофобија, односно – никој да не сака да оди во политика, оти под убавиот костум, често се наѕираат црно-бели риги? Е, тоа допрва ќе биде лошо: натпревар без никаков противник!
(Авторот е професор на Филолошки факултет) |