ЕДИТОРИЈАЛ
Го разбира ли Владата својот мандат
Соња Крамарска
Во Македонија дојде до драматична смена на приоритетите. Членството во НАТО и во ЕУ останува само декларативна заложба. Не се прават никакви политички потези што ќе доведат до забрзување на интеграциите. Македонија се движи кон ЕУ и НАТО, но никако да потрча, како што тоа го направија другите држави од регионот.
Покрај проблемот со името, втората причина за тоа се односите меѓу двете клучни македонски партии и меѓу двете клучни албански партии, кои го достигнаа најниското можно ниво. Напнатоста меѓу партиите доживеа кулминација во предвечерјето на два важни настана што ја отсликуваат надворешно-политичката цврстина на Македонија: извештајот од Европската комисија и самитот на НАТО. Како да постои невидлива сила што намерно ја врти дискусијата во друг правец. Кој колку украл додека владее(л), чија совест е (не)чиста, кој кодошел, кој им мисли добро, а кој лошо на граѓаните.
Поразително е што повеќе никој не зборува за фијаското во остварувањето на надворешно-политичките приоритети на Македонија. Или подобро речено, стратегиските приоритети. Тие не им се важни на политичките фактори во земјата, бидејќи се зафатени со меѓусебни напади и девалвирања. Но, всушност, ја девалвираат сликата за Македонија и за себе.
Партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека не е способна да постави внатрешно-политичка агенда што ќе ги апсорбира сите засегнати страни во конструктивна дискусија. Партијата во опозиција, СДСМ, покажува загрижувачка неспособност да го смени курсот на политичкото дејствување и да воспостави своја стратегија наместо да ја копира стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Резултатот од недостатоците на двете главни партии во државата е обесхрабрувачки. На Владата и' се случува драматичен пораз во надворешната политика и застој на внатрешно-политички план, а опозицијата не успева тоа да го искористи за промовирање на својата политика и зацврстување на својата улога во општеството.
Впечаток е дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, која победи со убедлива предност, а ниту СДСМ, која доживеа дебакл, не ја разбраа правилно пораката од граѓаните. Владата на ВМРО-ДПМНЕ дома направи многу компромиси со политичките партнери, со земјоделците, пензионерите, со бизнис-заедницата, но на надворешен план не успеа да го постигне најважниот компромис што е неопходен за напредок на државата. Опозициските социјалдемократи и покрај сигналите од граѓаните дека не се атрактивна политичка опција, не покажаа чувство за потребата да ја менуваат стратегијата.
Но, она што е навистина потребно во овие моменти е Владата, прва, да ја смени супстанцијата на својата политика. Време е да прекине со етикетирање на сдсмовски функционери во партијата и во Сорос, и доколку има докази за финансиски злоупотреби нека му ги предаде на јавниот обвинител. Само така ќе им поверуваме дека работат за доброто на државата (нивното мото), а не за свое добро.
Во интерес, пак, на амбиентот во земјата и нејзиното демократско „здравје“ Владата треба со поголема ширина да ги прима нападите од опозицијата, а откритијата од „Бихаќска“ 8 за злоупотребите на владини функционери да ги слуша внимателно и одговорно. Во спротивно, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат дека не ја разбираат современата политика.
Подобрувањето на политичкиот амбиент во едно конфликтно општество, какво што е македонското, не е лесна работа. Меѓутоа, премиерот Груевски треба да биде свесен дека мора да покаже дека ги разбира својот мандат и потребите на својата држава. Граѓаните даваат власт за да добијат за возврат подобри услови за живот и поуспешно лидерство над земјата. Македонската јавност, во име на тие барања, ги предаде парламентот и владата во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. И сега чека. |