За што се собираат пари со тендерите за струја?
Распишаниот втор тендер за увоз на струја од страна на ЕЛЕМ е обид на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да манипулира со граѓаните и многу подобро би било средствата за овој увоз наместо за предизборни цели да се искористат за пакет-мерки за справување со енергетската сиромаштија, реагираше вчера опозицискиот СДСМ. Според него, планираниот увоз е обид да се овозможи некој од владејачката партија да остварува огромни профити без постоење на ниту еден контролен механизам, а сето тоа да се прави под закрила на измените во Законот за енергетика.
„Само три месеци по стапувањето во сила на овие измени ЕЛЕМ распиша втор тендер за увоз на струја. Првиот тендер ЕЛЕМ го распиша во ноември со кој, според нивните тврдења, ќе се обезбеделе сите потребни количества струја за исполнување на законските обврски. Пред неколку дена, ЕЛЕМ, без се' уште да ги објави резултатите од првиот тендер, скандалозно распиша нов тендер во кој не се наведени количествата струја кои ќе се набавуваат“, обвини Јани Макрадули.
Тој потенцираше дека, според тврдењата од ЕЛЕМ, вториот тендер е за набавка на таканаречена хавариска струја, потребна при големи отстапувања на планираната потрошувачка, а такво нешто не би требало да се случи.
„Владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ заедно со ЕЛЕМ станаа шампиони за сомнителни тендери во енергетскиот сектор. ЕЛЕМ се надмина во манипулациите и тврдењето дека последниот тендер е за набавка на хавариска струја, иако според Законот за енергетика, единствено МЕПСО може да набавува хавариска струја, како што е случајот во секоја земја- членка на ЕУ. Таму преносните систем-оператори, како што е кај нас МЕПСО, се исклучиво одговорни за набавка на системските услуги, вклучувајќи ја и таканаречената хавариска струја“, објасни Макрадули.
Според СДСМ, во првиот тендер во точка 2.6 е наведено дека ЕЛЕМ има право да користи отстапувања на бараните количества од плус- минус 20 отсто, што значи дека нема потреба од нов тендер за набавка на струја, бидејќи во земјава во последните 20 години никогаш немало поголеми отстапувања на потрошувачката од тој процент.
Од ЕЛЕМ ги демантираат овие наводи потенцирајќи дека тендерот за увоз е транспарентен и ако нема потреба нема да се реализира. Заради подобрување на снабдувањето со електрична и топлинска енергија �� намалување на увозот, вчера ЕЛЕМ најави нова инвестиција во вредност од 2,7 милиони евра сопствени средства за реконструкција на турбоагрегатите во „Енергетика“. Подружницата „Енергетика“ се предвидува да произведува годишно до 160 гв-часови електрична енергија, со истовремена можност за производство до 200 гв-часови топлинска енергија. Оваа инвестиција се очекува значително да ги намали трошоците за производство на топлинска енергија, а истовремено да ја зголеми ефикасноста на агрегатите при производство на електрична енергија. „Алстом“ ќе треба да ја заврши планираната реконструкција пред почетокот на идната грејна сезона, односно најдоцна до средината на октомври 2009 година кога двата турбоагрегата ќе треба да испорачуваат електрична и топлинска енергија за ЕЛЕМ. (Ек.Р.) |