Кој го компромитира лидерот на ДУИ?
Сопартијците на Ахмети не веруваат во она што го пишува за него во „дворските документи“
Светлана Унковска
Кој го компромитира Али Ахмети, не само со досиејата што се лиферуваат во јавноста и, наводно, се однесуваат на него, туку и со наводите во овие документи, каде што лидерот на ДУИ се претставува како „личност со хомосексуални и педофилски склоности“? За ова, како што се наведува во досиејата, постоеле компромитирачки материјали, а во досието „Ибар“ дури е претставено и цело сценарио дека материјалите што ги поседувала Службата за државна безбедност биле искористени со цел тој да се согласи на соработка. Дали ваквите наводи во лиферуваните досиеја откриваат една сосема поинаква личност на лидерот на ДУИ, или, сепак, како што велат од неговата партија, станува збор „за уште еден од низата ниски и срамни удари од ДПА“? Ахмети вчера не беше достапен да даде коментар за обвинувањата што од неговата партија ги отфрлаат како невистинити и како обид што повеќе да се дискредитира личноста на нивниот лидер.
„Тоа е идиотска работа. Ме интересира зошто на толку низок начин го обвинуваат. За жал, се гледа многу транспарентно дека ваквите бесрамни обвинувања доаѓаат од нашиот опонент ДПА, поточно од Мендух Тачи, кој без никаков срам вади вакви глупави теми што немаат никаква врска со реалноста“, вели Муса Џафери, министер за локална самоуправа и член на високото раководство на ДУИ. Ниту тој, а уверува дека и другите членови на партијата не веруваат во обвинувањата дека за Ахмети постојат такви компромитирачки материјали, туку дека, како и за се' друго, станувало збор исклучиво за фабрикувани лаги на ДПА.
Но, и покрај тоа што и во двете досиеја за него се вели дека постојат компромитирачки материјали (за кои, освен тоа што до овој момент е наведено, не постои конкретен доказ), Ахмети досега ниту еднаш не излегол да ги демантира овие податоци.
„Ахмети не сака да излегува, бидејќи ним тоа им е цел - да излезе и да се брани со нивниот безобразен уличен жаргон, но тоа нема да им успее. Тие сакаат да постигнат некаков конфликт и да го искомпромитираат и него и институциите“, вели министерот Џафери.
Лидерот на ДУИ, инаку е семеен човек, оженет и има две деца. неговата сопруга многу ретко ја има во јавноста, а живее во родното место на Ахмети, Зајас. Ќерката веќе завршила факултет и сега е на постдипломски студии, а синот завршил гимназија во Кичево и сега е прва година на факултет.
Прашавме и во МВР дали некогаш имало каква било пријава за педофилија против Ахмети, но оттаму велат: „Станува збор за податоци од личен карактер. Сепак, МВР за сите поднесени случаи и за сите преземени мерки, соодветно ја информира јавноста во согласност со законот“, ни изјави Иво Котески, портпарол во Министерството.
Надлежните институции и Комисијата за лустрација веќе го прогласија досието „Ибар“ за фотокопија што не ги исполнува стандардите, а третман на „фабрикуван-плагијат“, најверојатно, ќе добие и „Вихор“, бидејќи целата документација, исто така, се фотокопии. Овие досиеја, наводно, потекнуваат од белградските и од хрватските тајни служби во кои лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се претставува како хомосексуалец и педофил.
„Службата, исто така, располага со одредени компромитирачки материјали, меѓу кои имало и такви што ги потврдувале неговите ’хомосексуални и педофилски склоности‘. Иако првично Ибар сето ова го негирал, по разговорот со луѓето од СДБ, сепак, се согласил на компромис и соработка. Договорот бил Службата да ги уништи компромитирачките материјали, а тој да биде осуден на симболична казна затвор“ се наведува во првото досие за Ахмети под псевдоним „Ибар“, кое Комисијата за лустрација веќе го оцени за невалидно, бидејќи станува збор за фотокопија. И во последното досие со псевдоним „Вихор“ лидерот на ДУИ повторно се претставува како хомосексуалец, кој, наводно, имал врска со свештено лице од Косово, со што, всушност, и бил врбуван за соработка со тајните служби. (Св.У.) |