Број 3340  петок, 23 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Магазин

Site Meter
Свет

Партнери можеби, но не и пријатели

Поделбата меѓу Париз и Берлин останува длабока,
но тие се принудени да соработуваат

БРИСЕЛ - Бурата на пазарот околу судбината на еврото се смири од актуелните ветришта, но во Брисел се чувствува значителна нервоза поради економската состојба на Шпанија, влијанието на штедењето врз долгорочниот развој и постојаните разлики меѓу Франција и Германија околу економската насока на Европската унија.

Францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел се ослабени од финансиската криза и незадоволството на јавноста, и двајцата маневрираат за нивните економски концепти за Европа. Меркел бара стабилност, фискална строгост и Европска централна банка фокусирана на одржување ниска инфлација, додека Саркози се залага за полабава дисциплина, со простор за стимулативно трошење и поголема концентрираност на унапредување на економскиот развој. За да биде уште покомплицирано, тие се обидуваат да го решат тоа во нова структура на Европската унија, што се' уште е конфузна и во зародиш.

Според Лисабонската спогодба, новиот европски претседател на советот на национални лидери, Херман Ван Ромпуј, кој е економист и поранешен белгиски премиер, дејствуваше побрзо од другите за да формира силна екипа. Со оглед на итноста на економската криза и потребата за одлуки од националните лидери, тој успеа да го „претседателизира“ донесувањето одлуки, намалувајќи го влијанието на Европската комисија, националните министри за финансии и Еврогрупата предводена од Жан-Клод Јункер, што ја одредува економската политика за земјите кои ја користат евро валутата.

Преговарачката вештина на Ван Ромпуј, исто така, го засени Жозе Мануел Баросо, претседателот на Европската комисија, кој не понуди многу во кризата заснована на долгови и буџетски дефицити на владите во 16-члената еврозона.

Уште полошо, Франција и Германија испратија релативно слаби комесари на работа во Брисел, а посебно Германија е непопустлива во одбивањето да отстапи какви било нови економски овластувања на Комисијата. Меркел, исто така, инсистираше Ван Ромпуј, а не Баросо, да предводи оперативно тело што ќе препорача реформи во еврозоната.

Во исто време, новиот висок претставник за надворешна и безбедносна ��олитика, Кетрин Ештон, едвај направи бранче. Таа се концентрираше на замена на нејзиниот кадар и преговарање со Европскиот парламент и со нациите околу изгледот и персоналот на новата Служба за надворешна акција (со околу пет илјади дипломати) дипломатски тела на ЕУ со намера да дополнуваат и координираат, но не да заменуваат, национални дипломати.

Баросо, сепак, веќе создаде бранови поставувајќи го неговиот поранешен шеф на кабинет, колега Португалец, Жоао Вале де Алмеида, во новата европска амбасада во Вашингтон без да ги консултира земјите-членки. Таа позиција е една од најважните за пополнување, покрај оние во Москва и во Пекинг. Ештон, исто така, се обидува да го реши француско-германскиот јаз и смета дека актуелниот француски амбасадор во Вашингтон, Пјер Вимон е најпогоден извршен директор на новата служба, со заменик Германец, можеби Хелга-Марија Шмид, која го води политичкиот тим на секретаријатот на Советот.

Меѓутоа, додека Европејците бавно ги градат новите институции, а бирократите се борат да доминираат во нив, француско-германската поделба останува длабока, велат европски и национални дипломати.

Саркози и Меркел знаат дека мора да соработуваат ако сакаат Европа да функционира, а нивните кадри и министерствата треба вредно да работат за да се координираат. Француско-германската спогодба е „неопходна, но не доволна“, вели Баросо.

Во секоја криза, вообичаено по колебање од Германија, двете страни наоѓаат компромис. Но, двајцата лидери се се' понепопуларни, при што Саркози се бори со министерски и свои скандали, а Меркел само што успеа да го протурка нејзиниот избор за церемонијалната германска претседателска функција. Двајцата лидери се повлечени во различни насоки од нивните електорати. Германците не сакаат да ги финансираат другите во Европа и бараат штедење, додека Французите се незадоволни од промените на пензискиот систем и од претстојните, иако се' уште нејасни, буџетски намалувања. „Тие ги измазнуваат работите“, вели висок европски претставник. „Се координираат, но поради потреба, толку незаинтересирано, а не поради избор или убедување“.

Покрај нивните разлики околу политиката за развој, Саркози сака „економска влада“ на ЕУ што ќе ги координира фискалните политики во еврозоната, подобро да ја притиска Европската централна банка да биде пофлексибилна за каматните стапки. Меркел ја прифати француската терминологија за економска влада, но инсистира дека сите 27-членки на ЕУ треба да го ублажат француското влијание. Саркози сака економска влада за да има сопствен секретаријат, што досега Меркел успеваше да го отфрли, додека Германците сакаат строги санкции, вклучувајќи ја и можноста за исклучување од еврозоната за земјите кои флагрантно ги прекршуваат правилата.

Во основа, Германија сака останатиот дел од Европа да се однесува како што се однесува таа - следејќи политика на ниска инфлација, речиси балансирани буџети и развој предводен од извоз - и не гледа причина за промени. Но, Франција смета дека без поголема германска потрошувачка, што би го дополнувала поголемото штедење и конкурентноста од другите, трговската нерамнотежа во еврозоната ќе ја потопи.

Во напис објавен во „Ле монд“, поранешниот француски министер за надворешни работи, Ибер Ведрин истакна дека француско-германските односи имаат итна потреба од нова, јавна дебата за да се најде синтеза. „Франција и Германија ретко имаат исти почетни позиции за прашањата“, пишува тој. „Сега на некој начин има многу несогласувања. Но, сепак, нема алтернатива во Европа за француско-германската антанта“. (Интернешенел хералд трибјун)


#
Статијата е прочитана 739 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Светот го очекуваше расплетот за Косово
Косово ја доби битката во Хаг
Црни сенки на специјалните врски на Британија и на САД
На Мубарак му предвидуваат уште неколку месеци живот
Пронајден уште еден Стоунхенџ
Принцот Алберт ќе се жени идната година