Работник почина по пад од осумкатница во Скопје
фото: A1
Фатмир Лика (30) бил ангажиран за надградба на стан во населбата Тафталиџе
Нова несреќа на градежни работници се случи вчераутро во Скопје. Триесетгодишен маж загина по пад од потпокривот на осумкатница во населбата Тафталиџе. Работникот бил ангажиран од еден станар во зградата поради надградба на станот во кој живеел. Пред неколку дена, 55-годишен работник падна од северната трибина на стадионот во Скопје и се' уште се бори за живот.
Несреќата на улица „Атинска“ во Тафталиџе се случи вчера околу 8 часот. Фатмир Лика (30) и неговиот 27-годишен колега биле најмени за изградба на стан во потпокривот на зградата број 21. Според станарите во зградата, Лика згазнал на напукнатиот покривен прозорец и почнал да паѓа. При падот се удирал од оградата на скалите.
„Се слушаа удари, но никој не помисли дека паѓа човек. Мислевме дека станува збор за железо за или некој друг предмет“, раскажуваа шокираните станари.
Работникот, без знаци на живот, со Брза помош бил донесен во Ургентниот центар, каде што бил реанимиран.
„Но, во многу тешка состојба бил пренесен на Клиниката за неврохирургија и набрзо починал“, потврди проф. д-р Александар Чепароски за Макфакс. Станарите раскажуваат дека работници работеле на потпокривот веќе петнаесетина дена. Тешките конструкции не можело да се внесат во лифтот, па често пешки ги качувале по скалите. Според дел од станарите во зградата, Лика и неговиот колега биле ангажирани за поправка на оџакот.
Во понеделникот се случи слична несреќа при што работник од фирмата „Бетон“ падна при изградба на северната трибина на скопскиот стадион „Филип Втори”. Неговата здравствена состојба и натаму е критична. Тој падна од монтажно скеле високо 14 метри и се здоби со тешки повреди на главата. ��рудовата инспекција најави кривична пријава што ќе биде поднесена откако ќе се изготви записникот. (Г.А.) |