Репрезентацијата одлета по бодови во Рејкјавик
Митрески: Фаворити сме против Исланд, но нема да дозволиме тоа да ни удри в глава
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалската репрезентација на Македонија го напушти ведрото и сончево Скопје и по нешто повеќе од четири ипол часа пат се вкотви во студениот Рејкјавик каде утре во 18 часот по локално време (20 ч. по македонско време) ќе одигра натпревар со Исланд во квалификациите за СП 2010. Од скопските 21 степен целзиусови наиде на само 4 во исландската престолнина, дожд и ветар, услови кои ќе бидат актуелни и во среда, па дури и нешто понеповолни, од причина што прогнозите велат дека температурата во Рејкјавик на денот на одигрување на мечот ќе биде за 2-3 степени пониска од вчерашната. Меѓутоа, како што вели селекторот Среќко Катанец, тоа не треба да претставува пречка за добра игра, добар натпревар и, на крајот на краиштата, атак на трите бода затоа што фудбалерите се професионалци и треба да се навикнати на секакви временски услови.
„Во мечот влегуваме како фаворити. И според резултатите и игрите на стартот на овие квалификации и според моментниот ранг на листата на ФИФА. Но, нема да дозволиме тоа да ни' удри во глава. Ако одиграме како што и работевме на тренинзите, максимално ангажирано и професионално, може да се надеваме на победа во Рејкјавик“, ни' изјави дефанзивецот на бундеслигашот, Енерџи Котбус, Игор Митрески, кој за противникот и условите во кои ќе се игра натпреварот на „Лаугардалсволур“, дополни:
„Исланд не е наивна репрезентација. Нејзина основна карактеристика е колективната игра затоа што освен Еидур Гудјонсен нема друга ѕвезда. Треба да бидеме внимателни, играме на гостински терен, и да се сконцентрираме на нас и нашата игра. Најважно ќе биде како ние ќе се однесуваме на теренот. Сепак, нашата мисија во Рејкјавик е кристално јасна. Одиме на победа и три бода“.
Репрезентативците се свесни за значењето на утрешниот дуел со Исланд. Исходот од мечот во Рејкјавик во голема мера ќе го диктира нашето однесување и амбиции во натамошните натпревари во деветтата квалификациска група. Евентуална победа ќе не' одведе веднаш зад лидерот, Холандија, на која ќе и' гостуваме на први април наредната година во Амстердам и воедно ќе ги зголеми македонските фудбалски апетити во квалификациите за мундијалот по две години. Со успех утревечер, на „Лаугардалсволур“, уште повеќе на значење ќе добие нашиот септемвриски триумф над Шкотска, еден од конкурентите за втората позиција во групата. Покрај добрите партии на македонскиот национален состав во претходните два меча во прилог ни' одат и резултатите од саботните дуели во Глазгов, каде Шкотланѓаните и Норвежаните ремизираа без голови, и во Ротердам каде „лалињата“ очекувано го совладаа Исланд со 2:0. Шансата е тука, а дали ќе ја искористиме зависи од нас. |