Број 2993  сабота, 23 мај 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Мислења

Мислења

Кирилица на Интернет

Филип Петровски

Од суштинско значење е колку ќе ја употребуваме кирилицата, особено сега со навлегувањето на Интернетот насекаде

Неделава во Градската библиотека се одржа Меѓународна конференција по иницијатива на амбасадата на Бугарија. Се дискутираше за улогата, значењето и начините како да се промовира, користи и да се заштити кирилицата на Интернет. Темата беше повеќе од интересна и затоа сметам дека дел од материјалот и дискусиите треба да се пренесат. Учеството беше широко, предводено од министерот за информатичко општество, како и од претставници на повеќе релевантни институции од државава.

Оваа тема е интересна за нас затоа што преку кирилицата ние и го изразуваме нашиот идентитет и посебноста. Иако е создадена пред десет века во Македонија, иако таа претставува официјално писмо на 300 милиони луѓе, кирилицата неправедно како да се подзаборава и во употребата го губи чекорот со латиницата. Приматот на латиницата во однос на кирилицата се гледа во сите сфери од животот, а посебно е изразен во Интернет-комуникацијата и во информатичката технологија. Ако сме сложни околу фактот дека покрај јазикот, кириличното писмо е едно од обележјата на нашиот идентитет, тогаш логично се наметнува прашањето: што правиме како држава и како поединци за да го зачуваме нашиот идентитет?

Како да се напредува во информатичката технологија, а притоа да се зачува кириличното писмо. Најпрвин треба да се одговори на прашањето колкава е употребата на македонската кирилица на Интернет? Пребарувајќи по македонските веб-портали, може да се заклучи дека Македонија се' уште нема доволна Интернет-понуда, која би ги задржала корисниците на македонските домени. Нормално е тогаш луѓето во потрага по соодветни информации, спасот да го бараат на веб-портали од нашите соседни земји или на портали од англиското говорно подрачје, кои навистина изобилуваат со веб-информации за сите можни потреби. Во Македонија денес освен онлајн-изданијата на македонските дневни весници, неколку Интернет–портали кои обработуваа специјални содржини и владините веб-страници, немаме друга понуда на информации на македонски јазик и на кирилично писмо. Тоа и се' уште нискиот процент на Интернет-корисници во Македонија (иако некои статистики сугерираат дека расне рапидно бројот на корисници) е главниот проблем на „слабото задржување“ на Интернет-корисниците на македонските веб-портали.

Вториот проблем е како да се усвои стандарден македонски тип кирилица за компјутерски фонт и да се употребуваат оригинални графеми наместо варијанти од други јазици. Од дискусиите кои можат да се прочитаат на македонските блогови, на корисниците најмногу им пречи следново: разликата меѓу кириличните Mac C Times наспроти Times New Roman и Аrial. Кириличните букви кои се напишани со Маc C Times се несразмерни во ширина и во висина меѓу себе; исто така, распоредот на кириличните букви на тастатурата е несоодветен и многу заморува при долго пишување; фонтовите Маc C Times, Mac C Swiss не доаѓаат со ниту еден оперативен систем и со тоа се нестандардни; непостоење компјутерски тастатури со македонско кирилично писмо…



Мора да се признае дека во последната година „Мајкрософт Македонија“ прави посебни напори во промовирањето на кириличното писмо во информатичката технологија и „инсистирање“ дека кирилицата е „убава, применлива, отмена, грациозна, прогресивна, читлива и модерна, па затоа и да се употребува секогаш и секаде каде што е можно“. Иако, наведуваат тие, кирилицата и македонскиот јазик не се новитет во продуктите на „Мајкрософт“, сепак, многу луѓе не ги користат, малку поради неинформираност, но и од страв од комплицирани инсталации и додатни компликации што би можеле да настанат. Со помош на јазичната меѓуврска на македонски, последните две верзии на Windows и Office успешно ја користат кирилицата и во самиот интерфејс, но и како внесен текст во Word, Excel, PowerPoint и Outlook. Сепак, кога станува збор за „Мајкрософт“, мора да се нагласи дека тие се' уште за нас ја користат кратенката ФИРОМ, со што ги навредуваат чувствата на македонските граѓани. Треба да се потсетиме дека САД ја признаваат Македонија со нејзиното уставно име. Веднаш по одлуката на претседателот Буш, повеќе американски компании започнаа да го применуваат нашето уставно име, следејќи ја својата администрација. За жал, тоа на глобално ниво се' уште не го стори и „Мајкрософт“. Затоа еден од заклучоците на конференцијата е дека нашето Министерството за информатичко општество треба и официјално да се обрати на оваа корпорација со барање таа веднаш да го промени својот курс и наместо кратенката, да започне да го користи уставното име. Веруваме дека ако се случи официјално обраќање, кое ќе содржи соодветна аргументација, „Мајкрософт“ нема да го одложува решението на проблемот.



Следното нешто на кое треба да инсистираат луѓето од струката, како и државата (преку Министерството за информатичко општество), е тоа да се побара од Интернет-корпорацијата за имиња и адреси регистрација на Интернет-домен на кирилица (тоа веќе го имаат побарано Бугарија и Русија во 2008 година). Би било убаво имињата на сајтовите да си бидат на нашето писмо. Уште еден проблем е посебно изразен. Нема создавање нови содржини на организирано ниво. Несоодветно мало, споредено со сите наши соседи е поставувањето нови содржини на нашето писмо на Интернет. На „Википедија“, која е еден од главните извори на информации (слободно поставување податоци) на кирилица, бројот на поставените статии е многу мал. Моментно се прават напори да се промени тоа. Тим ентузијасти го прави тоа волонтерски. Но, време е и тука да се вклучи државата, затоа што пласирањето на содржините е лесно и брзо, а е и ефикасно. Ако финансиски ги поткрепи групите и евентуално институциите кои создаваат содржини што се поставуваат на „Википедија“, за кратко време би можеле да постигнеме многу поголема препознатливост на Интернет.

Бидејќи во државата се јавува проблем на надлежност, односно не постои институција која би ги координирала сите овие активности, таква или треба да се создаде или да се искористи некоја која веќе постои. Односно да и' се додели надлежност да ги координира сите напори поврзани со пенетрацијата на кирилицата на Интернет, како и со поголема дигитализација. Ќе потсетам дека излезе од печат огромна збирка на македонски дела од познати македонски писатели (над 130 книги). Меѓутоа, таа не е поставена никаде на Интернет и со тоа нејзината достапност и корисност е далеку помала во ерата на брзите комуникации.

Каков заклучок може да се даде за крај? Од суштинско значење е колку ќе ја употребуваме кирилицата, особено сега со навлегувањето на Интернетот насекаде. Најдобро ќе ја заштитиме со продуцирање содржини на кирилица. Зашто ако ја нема, таа ќе биде во опасност од маргинализирање, па колку и да ја сакаме.  

(Авторот е магистер по меѓународна политика)


#
Статијата е прочитана 2683 пати.

Испрати коментар

Од: Toronto
Датум: 23.05.2009 03:36:50
Kako direktor na Biblioteka te razbiram deka sakas da kirilica bide ramnopravna so latinica, ama postojat tehnicki uslovi koi ne dozvoluvaat zaradi slednoto: - Kako na Google ce baras nesto napisano na kirilica? - Kako ce ispacas Word dokumenti ako se napisani na kirilica? - Kako ce gi pisusav stranite zborovi koj se koristat kaj nas: Majkrosoft, hardver, softver, eksel, harddrajv, maus, skajpi, chat...pejdzer,.. Kinezite koristat angliski da gi razbere cel svet, a nie se gradime vo naseto trlo
Од: mene
Датум: 23.05.2009 07:34:19
Кога секојдневно се зборува за зачувување на идентитетот, па крајно време е да се направат и поголеми чекори за негово зачувување. Ја поздравувам иницијативата и реализацијата на оваа трибина, иако мислам дека не беше соодветно медиумски покриеана. Секојдневно при барање на некој податок на интернет, се соочуваме да го има на многу јазици (и од соседни земји), а го нема на македонско кирилично писмо или не има под ФИРОМ. Време е да се поработи за поголема застапеност на македонското кирилично писмо, но не само од волонтери, туку и од Министерството за информатичко општество, кое сериозно треба да поработи на оваа тема.
Од: Limitiranost
Датум: 23.05.2009 09:45:41
Mora da se priznae deka kirilicata e limitirana vo pogled na nejzinata uoptreba vo odnos na latinicata. Mnostvo literatura, termini, naucna i strucna literatura e iskljucivo napisana na latinica, koja e sirum rasprostraneta niz svetot, pa cesto se javuvaat i problemi pri prevod na nekoi termini. Kirilicata se uoptrebuva vo sest zemji vo Evropa i e vo upotreba kaj nekoi jazici od bivsiot Sovetski Sojuz i Mongolija. Duri nekoi narodi koi porano ja uoptrebuvale , se otkazale od nea i preminale na latinica( Hrvatska , Bosna i Hercegovina i dr)Ranata kirilica ja stvoril sv. Kliment Ohridski( bugarite go spomnuvaat i Konstantin Preslavski) na osnova na glagolicata od sv. Kiril i vo negova cest e narecena kirilica. Istata imala34 znakovi. Pokasno taa se transformirala i adaptirala vo zavisnost od specificnosta na jazicite na narodite koi ja uoptrebuvale. Istata e nastanala vo 9 vek, znaci pominale skoro 11 veka, a ne osum kako sto tvrdi avtorot
Од: Sbepot
Датум: 23.05.2009 10:33:15
Наместо со законска регулатива (и казнени одредби, се разбира!) да се залага за заштита на кирилицата Владата на Р.М. сам си дава автоголови! Како еден пример (ова не е анализа, туку спомнувам нешто што прво ми доаѓа на ум) е интернет адресата на Државната изборна комисија. Ако ја барате на dik.gov.mk нема да ја најдете - ама на SEC.gov (сиц!!!) - YES!
Од: ввв
Датум: 23.05.2009 12:30:29
Законот за употреба на кирилицата со кој сите фирми, натписи треба да се на кирилица одамна е донесен. Но нема кој да го почитува, а уште помалку кој да го спроведува, иако некој во државава зема големи пари за да спроведува закони.
Од: Mene do Vas
Датум: 23.05.2009 12:48:41
Ako e crno zosto e crno - Ako e belo zosto e belo. Stara i nova pesna na poedinci koi ne se teraat ni vodat. Samo da se protiv. A ona poslednoto so dik.gov.mk - bash se naodja so istata kratenka. Ostanatite varianti se lagi i istoto vazi kako za gornite pljukadzii.
Од: Mizi Asan
Датум: 23.05.2009 16:26:56
Najbitno e da se sozdade moznost da se komunicira ispravno i nedorazbiranjata da se svedat na minimum minimorum. Koj jazik i koe pismo ke se koristat apsolutno ne e vazno. Problemot ovaa ili onaa pismo toj ili onoj jazik da se standardizira da bide poveke od tehnicka priroda i e potrebno sto pomalku da se politizira. Jazicite vo denesen smisol na zborot se recidivi na burzoaskiot nacionalizam. Moe licno mislenje e prvo da obrnes vnimanie na sebe i okolinata i da se vklopis bez cuvstvo na alienacija jas kon sredinata i sredinata kon mene
Од: Зоран
Датум: 23.05.2009 17:04:33
@Toronto: Прво, пребарувањето на google.com на кирилица е технички можно. Впрочем, на било кое писмо е можно. Доколку не ми веруваш, обиди се, пребарај! Второ, доколку не си се обидел, Word документите без проблем се печатат на кирилица, и со поддршка, и со фонтови. Трето: не е „maus“, туку е „глувче“; не е „harddrajv“, туку е „тврд диск“, не е „folder“, туку е „папка“. За многу „странски“ зборови има совршено добри македонски зборови кои одбиваме да ги користиме оти ни звучат чудно. Но, зошто да ни биде чудно? Ако на Американецот не му е смешно да вика „mouse“, зошто нам да ни биде смешно да викаме „глувче“? Си можел барем коментарот да го напишеш на кирилица. Знаеш, пишувањето на македонски јазик со латиница е слично на пишување на ѕид со фекалии: се разбира што е напишано, ама грдо е за читање, зар не?
Од: Од Мене
Датум: 23.05.2009 19:46:06
Причината зошто поголемиот број на владини интернет страници (како SEC.gov.mk) се на англиски е тоа што владата (без разлика која партија ја формирал) до сега им се обраќа најчесто на странците, а не на сопствените граѓани. Тоа се нарекува комплекс на „Така вели меѓународната заедница“ - изговор кој сите влади до сега го користат за да протуркаат некоја своја идеја.
Од: Тој што се разбира
Датум: 24.05.2009 01:50:05
За жал авторот не ја познава материјата за која зборува, а се обидува да брани правилна теза. Со неговите непознавања само одмага во процесот. Фонтовите Mac C Times, Mac C Swiss и слични глупости, се латинични фонтови визуелно преправени да изгледаат како кирилица, значи не се во македонска кодна страна, односно со македонска поддшка каква што имаат стандардните Виндоус фонтови како Times New Roman, Аrial... кај кои проблемот се јавува со неколку букви кои се бугарски, особено во курзив.
Од: Б.Никодиновски
Датум: 24.05.2009 08:25:51
Би сакал лично да го замолам Г-дин Филип како директор на Градската библиотека да ми одговори(можи и како фуснота во наредното негово пишуванје во Утрински)дали библиотеката става на интернет електронски изданија на литература и како моѓам да пријадам до нив.Со пчит Б.Никодиновски
Од: Болен М. Дојчин
Датум: 24.05.2009 09:17:32
Се повторува приказната во Македонија од типот секој знае сè. Авторот навлегува во тематика за која, освен од блоговите, изгледа не е доволно информиран. Фонтовите што тој ги наведува се неупотребливи, лошо кодирани и се исклучиво за Локална употреба. Изработени се од информатичари, или лаици (луѓе со инвентивен недостаток), без соработка со Графички Дизајнери, па затоа и изгледаат толку лошо. Дури и сајтот на авторот (fp) и на библиотеката се ужасно изработени и естетски неиздржани. Има малку професионални автори во Македонија (веб и графички дизајнери) кои се и наградувани за естетскиот изглед, како Бабагинин и др. (изработуваат дури и фонтови) но се реткост. Вебот (како и фонтовите) ги изработуваат луѓе кои се неупатени во Дизајнот, па ги изработуваат со темплејт (шаблони) и ги сервираат како нивни. Википедија е слободна енциклопедија, па е Непримерно текстовите во неа да ги финансира државата. Текстовите на Македонски се пишувани од Апсолутни Непознавачи на енциклопедиското знаење.
Од: petar
Датум: 25.05.2009 09:41:28
Kakvi se glupavi komentari ce se nacita covek, ocigledno lugjeto se totalno tehnicki nepismeni.Site komentiraat tehnicki ne bilo izvodlivo, ha, ha,ha.Kako e tehnicki izvodlivo za Kinezite, japoncite, Rusite i da ne redam.Samo nepismena raja moze da dava vakvi kometari.Sto mislite deka svetot ce zaboravi na svoite jazici zaradi angliski na internet, sekako ne.Pozdrav na site od New Zealand

Најди! во Утрински
Мислења
Германски јубилеи