ЕДИТОРИЈАЛ
Треба кампања за мирни и фер избори
Соња Крамарска
Политичките партии како и многу пати претходно, пак ја започнаа предвреме кампањата за следните избори. Иако до нивното следно соочување во битката за освојување на градоначалнички места, советници во општините и како шлаг на тортата заземање на претседателската функција остануваат четири месеци, тие наголемо се веќе меѓу граѓаните и во медиумите. ВМРО-ДПМНЕ и Владата оставија речиси се' на страна и се упатија низ селата и градовите, а опозициските социјалдемократи ја засилија својата активност во парламентот и со прес-конференции.
Но, речиси како сите да подзабораваат еден многу важен момент, а тоа се предупредувањата од Брисел и од Вашингтон дека Македонија веќе не може да си дозволи ниту еден кикс на изборите. Изборниот процес мора да биде демократски и, што е уште поважно, да помине во мирна атмосфера, а не во услови на „воена“ состојба, како што беа јунските предвремени избори.
Независно што главната причина за напнатоста на изборите беа двете албански партии - Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Демократската партија на Албанците (ДПА), македонскиот дел од политичкиот кампус има своја одговорност за таквите состојби.
Најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ ги држи сите лостови на власта, вклучително и полицијата, која треба да реагира спрема потенцијалните закани за изборниот процес, и посредно судството, кое треба да изрекува санкции против прекршителите. Поради фактот што е власт, владејачката партија има и други инструменти на располагање да влијае врз етиката на албанските партии.
Опозицискиот СДСМ, пак, иако не може директно да влијае, сепак, преку своите релации со одредени партиски структури од албанската етничка заедница може ако сака да придонесе кон подобрување на амбиентот и подигање на свеста за мирни и демократски избори. Нивните врски не се толку видливи, но се чувствуваат речиси кај секој поголем политички процес во земјава.
Новина во амбиентот сега е фактот што албанското политичко милје е збогатено со уште една партија - Нова демократија на поранешниот министер за здравство од ДПА, Имер Селмани. Во неговата партија преминаа и други истакнати членови од ДПА, а со оглед на неговите пријателски односи со Груевски, јасно е дека постои мотив и на двете страни за Нова демократија да стане повлијателна политичка сила меѓу Албанците. Тоа, пак, ќе го усложни дополнително и без тоа напнатиот амбиент во албанскиот кампус.
Но, најважно од се' е што нашата земја е под зголемено набљудување ��а претстојните избори кои станаа деветти и клучен критериум во процесот на зачленувањето во ЕУ, а иако тоа не се спомнува во НАТО- критериумите, јасно е дека квалитетот на изборите ќе има влијание и на имиџот на Македонија во очите на Алијансата.
Затоа е потребна широка кампања за предочување на сите последици со кои може да се соочи младата македонска демократија ако се повтори јунското сценарио при одржувањето на вонредните парламентарни избори. Укажувањата на меѓународната заедница, очигледно, не се доволни сами по себе да го истакнат значењето на овој момент за Македонија.
Потребно е премиерот Груевски и неговите соработници при нивните посети на градовите низ земјата, на трибините и средбите што ги одржуваат со граѓаните, постојано да апелираат за воздржување од провокации спрема политичкиот противник или предизвикување инциденти.
Такви апели треба да упати и СДСМ, бидејќи одговорноста за иднината на земјата е кај сите граѓани, но првенствено кај политичките фактори независно кој е на власт а кој во опозиција, бидејќи тоа се менува.
Но, клучно и над се' е да се направи „машки“ договор со Албанците кои најчесто ги генерираат најголемите проблеми при изборите. Без таков договор попусти се посетите на селата и градовите, митинзите, прес-конференциите. |