Стрелачот Биндра до прво поединечно злато за Индија од Олимпијада
Во последната серија Индиецот испука 10,8, оставајќи го во солзи Кинезот Жу Чинан
Абхинав Биндра и' го донесе првиот златен медал на Индија од олимпијадите во поединечна конкуренција со триумфот во стрелање со воздушна пушка од 10 метри по неверојатен пресврт. Биндра беше четврти во квалификациите, но во финалето пукаше брилијантно. Индиецот погоди речиси совршени 10,8 во последната серија, што го искачи пред дотогаш водечкиот Хенри Хакинен од Финска, кого лошиот завршен истрел го спушти на третото место. Киксот на Хакинен го искористи Кинезот Жу Чинан, бранителот на титулата и голем фаворит, за да побара утеха за делумниот неуспех во освојувањето на сребрениот медал. Жу неконтролирано се расплака на подиумот, а потоа и на прес-конференцијата.
„Не можам да опишам колку сум среќен“, секогаш смирениот Биндра изјави пред новинарите. „Ова ми е животен успех. Тешко е да се опише, но, едноставно, ми успеа. Бев четврти, но работите тргнаа во моја полза“.
Жу имаше мал пад на концентрацијата во квалификациите, кога беше принуден побрзо да ги реализира преостанатите истрели за да не го пречекори временското ограничување, што го чинеше пад на второто место пред финалето, зад Хакинен.
„Бев под огромен притисок и во тој момент се чувствував навистина вознемирен“, рече Жу пред да се искачи на пиедесталот, по што не можеше да ги задржи солзите. „Се обидов да го дадам најдоброто од себе“.
Неколку минути подоцна, на средбата со новинарите, Жу плачеше уште посилно.
„Имав многу тешки моменти и пролеав многу солзи во последниве четири години. Имаше и успеси и неуспеси“, изјави тој. „По 2004 мојата главна цел не се промени. Многу посакував да станам шампион на Олимпијадата во Пекинг. Во последни две серии направив неколку грешки бидејќи ја искористив целата моја физичка и ментална енергија��.
Од друга страна, Биндра, кој беше критикуван поради тоа што не го оправда својот голем талент пројавен како дете, изјави дека не размислувал за пишувањето на историјата на Индија со првиот поединечен златен медал. Во суштина, како што рече, не размислувал за ништо.
„Само се обидував да се сконцентрирам на пукањето“, појасни тој. „Заостанував два поена зад водечките.“
Неговите 10,8 од можни 10,9 во последната серија предизвикаа бучна прослава од група навивачи од Индија во гледалиштето. Хакинен, кој беше пред Биндра пред да истрела скромни 9,7 во последниот круг, изјави дека клучниот истрел го почувствувал како деветка пред да пука.
„Едноставно, не беше мојот ред“, објсани тој. „Тоа покажува дека стрелаштвото е спорт од првиот до последниот истрел. Секој се брои“.
Рандир Синг, генерален секретар на Индискиот олимписки комитет и поранешен стрелач, кој беше присутен на местото на големата драма, имаше напад на нервите како што натпреварувањето достигнуваше кулминација.
„Во животот толку не сум се молел. Во претпоследниот круг се израмнија, а потоа Биндра испука 10,8. Не можеше подобро“, изјави тој за Индиската телевизија. |