Баросо: Хрватска го охрабри Западен Балкан
Брисел - Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, изјави по состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ дека одлуката за пристапување на Хрватска кон Унијата, сите држави од Западен Балкан треба да ја гледаат како „многу охрабрувачки сигнал“.
„Цел Западен Балкан треба да ја гледа одлуката за Хрватска како многу охрабрувачки сигнал на подготвеноста на ЕУ да продолжи со проширувањето на Западен Балкан“, рече Баросо на прес-конференција по завршување на самитот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија држава претседава со ЕУ, рече дека „ќе стори се'“ процесот на проширување да продолжи и по влезот на Хрватска во ЕУ. Наесен на сеопфатен начин ќе разгледаме како да го продолжиме проширувањето на овој регион, рече Орбан.
Членот на Европскиот парламент, Јелко Кацин, ја поздрави одлуката на шефовите на држави и влади на ЕУ за завршување на преговорите со Хрватска за членство во Унијата, оценувајќи дека за сите земји од Западен Балкан постои јасна перспектива за членство во ЕУ.
„Ова е важен ден за Хрватска и за сите земји од Западен Балкан. Завршувањето на преговорите е најдобар доказ дека доследното спроведување на внатрешните реформи води кон членство во ЕУ“, се наведува во соопштението на Кацин.
„Јасна перспектива за членство во ЕУ постои за сите земји од Западен Балкан, чие приближување кон ЕУ зависи, пред се', од динамиката на спроведување на внатрешните реформи“, додаде Кацин. |