Број 3425  сабота, 06 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Стил

Концерт

Атак на сите сетила!

Од концертите на Einsturzende Neubauten во Атина во рамките на турнејата по повод 30-годишнината од постоењето на авангардниот германски музички колектив

Никола Бурагев

Она што некогаш претставуваше стратегиски план за општо уништување на класичните форми - врзано за поимот на музиката или во случајот на Einsturzende Neubauten уште попопуларната архитектура - сега е исклучиво убаво спакувана врева. Neubauten уште од одамна претставуваа закана за концертните сали и арт-галерии, кои сведочат за изливот на бес од металниот отпад во рацете на овој ултимативен соничен состав. Веројатно се и „благодарни“ за трајното оштетување на слухот како вечен спомен на деновите кога „срушената новоградба“ беше оправдување за чинот на демолирање во (анти)уметнички цели. Во овој контекст треба да се напомене и примерот на нивниот заеднички настап со Џенезис Пи-Ориџ и Френк Тови во раните осумдесетти, во просторот на лондонскиот Институт за современа уметност (ICA) кога се урна цела една ѕидна површина како резултат на користењето на многубројните „инструменти“ со чија врева Einsturzende Neubauten имаа обичај да ги прекршуваат ��ите децибелни закони.

Култниот германски авангарден музички колектив оваа година слави јубилејни три декади на музичката сцена. EN како перформанс арт-дружина во 1980 година во Берлин го основаа Бликса Баргелд и Американецот Ендрју Чуди, алијас Н.У. Унру, кои како дуо имаа и наизглед необјаснив настап на берлинскиот автопат, каде што полуголи чукаа по конструкцијата на надвозниците. Einsturzende Neubauten, што во превод значи „новоградба што се урива“, набрзо го зголемуваат бројот на членови и пронаоѓаат свој начин на свирење, користејќи покрај вообичаените инструменти, и инструменти што ги креираат самите – разни објекти и конструкции од метал, кои со помош на електронските помагала и алати стануваат нивни заштитен знак и совршено средство за создавање музика. Иако звукот на EN на почетокот беше изразито бучен и неслушлив (карактеристична врева на гитарата, изобличен вокал и различни метални звучни конструкции), бендот многу брзо со својот оригинален израз успеа да се издигне од авангардните темели и интелигентно балансирајќи меѓу вревата и тишината на изразито софистициран начин да ги артикулира емоциите.

По повод 30-годишнината, неконвенционалните берлинци во овој период се на славеничка турнеја низ Европа и низ Северна Америка, која вкупно опфаќа 16 градови во кои одржуваат по два концерта. Едната вечер е класичен концерт, додека другата претставува еден вид дружење со членовите на бендот, изведба на одредени песни што досега ретко ги свиреле, филмови за групата и презентација на различни соло-проекти на музичарите од EN. Европскиот дел на турнејата почна во Амстердам на 14 октомври и завршува во Брисел на 19 ноември, додека северно-американските настапи почнуваат од Лос Анџелес на 1 декември и ќе траат до 15 декември во Њујорк.

Екипата на „Стил“ имаше ретка можност за присуствува на двете вечери во Атина, во интересниот клуб Fuzz на 30 и на 31 октомври. Просторот, иако нудеше индустриско катче на студен и гол бетон, сепак, личеше и на голема удобна соба со акустика достојна да ја издржи металната какофонија. Култните берлинци поминаа импресивен и далечен пат од неслушливи, (авто)деструктивни звучни експериментатори до софистициран колектив на професионални музичари што сега буквално си поигруваат со секој можен реквизит, без проблеми пронаоѓајќи ја инспирацијата, односно идеалниот звук. Иако секогаш одново изненадуваат со своите самокреирани инструменти, меѓу најнеобичните моменти од овој настап, секако, беше манипулацијата на Н.У. Унру со парчињата стиропор што произведуваа чуден звук сличен на шумолење или духовитиот призор на употреба на вибратор на басот на Александар Хаке или Јохен Арбајт на електричната гитара.

Neubauten во живо се' уште ја изнесуваат својата индустриска импровизација на виделина, ни малку не заостанувајќи со енергијата. Настапот на елегантниот фронтмен Бликса Баргелд сега е повеќе кабаретски и подложен на баладични обиди, додека чкарт-металот во комбинација со класичната, на моменти и поп-мелодија со спонтан шепот, попримаат малку апсурден облик – тука сега доминира авторската зрелост, која не е нужно и предност, бидејќи Einsturzende до пред некоја година можеби беа и инфлуирани од ангажманот на Бликса во Bad Seeds на Ник Кејв. Од друга страна, на виделина повремено излегуваа и оние груби моменти на неговиот, помалку покровителски однос кон одредени членови на бендот - како и специфичното формално обраќање до публиката, со што Бликса и конкретно покажа дека нема некоја посебна почит кон верното слушателство во Атина. Можеби и бидејќи публиката во Fuzz демонстрираше одредена статичност, која придонесе во првиот дел на концертот да не се создаде очекуваниот флуид со бендот.

Слушајќи ги во живо, еден друг факт останува непобитен. И покрај доминацијата на Бликса и стриктното водење на бендот, без импресивната палета на перкусивниот отпаден материјал (дупчалки, брусалки, импровизирани инструменти од метал и гума, пластични цевки, пружини, федери, синџири, пневматски чекани, воздушни компресори и слично) со кој Н.У. Унру и неговиот колега, најмладиот член Рудолф Мозер создаваат толку моќни полифонични структури, рецитациите на Бликса и неговите груби вокални манипулации без оглед на перфекционизмот што го покажува, веројатно не би оставиле таков автентичен впечаток.

Металната естетика поради која EN се' уште уживаат култен статус, кај публиката и натаму ја поттикнува скриената желба за некаква реконструкција на двете можеби најпопуларни парчиња врева - „Tanz Debil“ или „Yu-Gung“. Но, групата повеќе прибегна кон класичен компромис, изведувајќи само неколку теми од првичните изданија повеќе посветувајќи се на нешто попопуларните парчиња од поновата фаза (албумите „Silence is Sexy“, „Perpetuum Mobile“ и „Alles Wieder Offen“), распоредени во состав на регуларниот дел од настапот и двата биса. Концертот стартуваше со етеричната „The Garden“ од албумот „Ende Neu“, а од истото издание ќе остане да се памети и еклектичната изведба на „Installation Nо.1“. Албумот, кој претставува вовед во втората фаза од опусот на EN „Tabula Rasa“, имаше претставник во моќната „Die Interimslibenden“, а апсолутен хајлајт на вечерта беше енергичната „Let's Do It A Dada...“ посветена на дадаистите. Со својот ритмичен аранжман многу видливо повикува на легендарниот „Yu Gung“, а кај оваа изведба групата на духовит начин верно приближи делче од атмосферата на изворните дадаисти. Моментот во кој Н.У. Унру настапи во костим сличен на оној што го носеше Хуго Бал, останува еден од најимпресивните моменти од настапот, притоа изведувајќи соло-рецитал по примерот на легендарната неартикулирана дадаистичка „фонетска поезија“.

Покрај тоа, позитивниот и енергичен господин Унру во секоја од композициите изведуваше некој нов ефект, од спуштање на метални линеарни плочки од контејнер од висина од некои 3-4 метри до чудесната металуршка таблатура, која ја обложуваше со синџири, ткаенини и произведуваше неверојатни звуци. Втор битен фактор во составот е тапанарот Рудолф Мозер, кој беше опкружен со отпад од метални удиралки, долго оптегната пружина, до класични тапани што се состојат само од fuzz чинели, метализиран барабан и неколку крајно необични чинели и бас тапан кој произведува несекојдневни звуци. Иако се во фронт план, басистот Хаке и гитаристот Арбајт се во малку поспоредна улога, иако за нивниот придонес за звукот на Neubauten нема што да се приговори. За клавијатурите е задолжен Еш Венсдеј, кој доста придонесе за амбиенталниот и хармоничен звук. Австралиецот изведуваше и движења со рацете во воздухот, бидејќи цело време беше вклучен некаков фреквенциски звучен објект сличен на теремин, кој работи врз принцип на прекршување на радиобранови.

Втората вечер беше малку поинаку конципирана и почна со проекција на филмови од 30-годишното работење на бендот. Потоа групата имаше 45-минутен настап, изведувајќи шест композиции што досега ретко ги свиреле во живо, а специјалниот сет заврши со бис и фантастичната „Total Eclipse Of The Sun“. Во продолжение следуваше перформансот „Говор“ (Rede/Speech) на Бликса Баргелд, при што харизматичниот фронтмен остана сам со својот микрофон. Во духовит стил говореше за лошата архитектура во грчката престолнина, атинскиот маратон што се одржа тој викенд, а искажа и незадоволство од храната што му била понудена во рестораните за време на престојот на бендот во Атина. Сето тоа многу вешто го имплементираше во перформансот, а потоа низ ехото на сопствените вокални манипулации, притискајќи на еден педал репетираше фрагменти од снимените крици, при што креираше полифонична моќна структура. Доколку само го слушавме перформансот, а не го гледавме, ќе помислевме дека на сцена е присутен цел оркестар со дузина инструменти, а не дека тоа е креација на вокалот на еден човек. Уште еден цврст доказ дека Баргелд буквално од ништо знае да создаде врвна уметност. Финалето на вечерта им припадна на тапанарот на EN, Рудолф Мозер и Кристијан Маер (електроника, гитара), кои на сцената во Fuzz го презентираа проектот MoserMayer.


#
Статијата е прочитана 1886 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Стил
Бразил во срцето, Македонија тука и сега
Внимавајте што сонувате, може да снимаат
Пушачи со намалени плати
Петте лава на Метро Голдвин Маер
Киргистанка на мисија во Македонија
Вокменот замина во техноисторијата






Croatian citizens sceptical of EU membership, poll reveals.
Bulgaria and Russia expected to sign gas pipe agreement
One third of cigarettes in Bulgaria are 'illegal'