Работа
Пушачи со намалени плати
Пушењето пред фирмите одзема еден час дневно. Британците пресметале дека тоа е речиси една и пол плата годишно
Треба ли на пушачите да им се намали платата за износ што им ја плаќа работодавецот додека тие се на пуш-пауза? Навистина ова прашање се' уште не стигнало до македонскиот парламент и не им е дотурено како сол на раната, на самосожаливо расположените „дискриминирани пушачи“, но треба да се биде подготвен и на таква идеја. Кога тргнал муабетот во Велика Британија, со некаков европски „бенч марк“, може многу брзо да стигне и кај нас.
Всушност, во последниве денови во Велика Британија се разви жестока расправа зашто три години по примената на забраната за пушење во јавни простории и на работното место, работодавците сфатиле дека одењето на пушачки паузи го успорува работниот процес. Тие пресметале дека најмалку еден час дневно ги плаќаат своите вработени за да чадат на влезовите во деловните згради наместо да работат. За стотина вработени во Советот на реонот Норфолк од пред 4-5 дена, тоа е реалност зашто пушачкото уживање ќе им се одбива од платата.
Се очекува истиот тренд да ��родолжи и кај другите работодавци во британскиот јавен, но и приватен сектор. Оние што пушат ќе можат и натаму да го прават тоа, но само на сопствена сметка! Имено, закоравените пушачи што не можат да се откажат од цигарите нити за време на работа, ја користат не само вообичаената дневна пауза за ручек за да ја задоволат зависничката криза туку и дополнителни минути во текот на работниот ден. Британците, очигледно, заклучиле дека оние што ќе тргнат на пуш-пауза, треба да ги удрат своите картички, а работодавецот секој месец да им ја намали платата за одреден износ, со оглед на тоа дека за тие 15 минути пауза на секој час или два, не биле на работното место.
Дека пушењето е скап спорт, кој ги чини и пушачите, и работодавците и државата, илустрира една груба пресметка. Повеќето пушачи во Македонија месечно трошат од 3.000 до 8.000 денари за својата зависност и годишно пушат околу 9.700 цигари. Пушењето им одзема околу 39.000 минути, или речиси еден месец живот, или 2,5 работни недели. Работодавците би можеле да пресметаат колку трошат на еден пушач ако му плаќаат еден час дневно пуш-пауза.
Во САД, пак, каде што е главниот фронт во војната против цигарите, тие дилеми ги нема. Додека се работи, нема ни пушење, ни пуш-паузи, па ниту проблеми со неплаќањето. Всушност, во таа земја и пред забраната за пушење, во огласите за работно место како услов се истакнуваше - непушењето. (Ј.П.) |