Разговор
ТВ Алфа стартува со нова новинарска генерација
Љупчо Зиков, извршен директор и главен и одговорен уредник на телевизијата
Јасминка Павловска
Денеска, 3 јуни 2008 година, е денот кога ТВ Алфа, која и досега зрачеше во ТВ-етерот, стартува со својата нова ребрендирана програма. Најавите за освежувањето на оваа телевизија тргнаа речиси од почетокот на годината и се очекуваше тоа да стартува некаде во текот на пролетта. Но, конечно, денеска е денот што ТВ Алфа отсега ќе го смета за свој роденден.
„Првичните планови за стартување на новиот концепт на ТВ Алфа беа предвидени за мај“, искрено вели извршниот директор и главен и одговорен уредник на телевизијата, Љупчо Зиков. „Сепак, како што наближуваше мај, сфативме дека не сме подготвени за тој термин, иако веќе четири месеци интензивно работиме на подготовките - и технички, и кадровски, и програмски. Заклучивме дека почетокот на јуни е оптимално време за новиот почеток на една нова телевизија. Тоа што се совпадна со постизборната драматика, барем од наш аспект, сосема е случајно“.
Вообичаено за почеток - што е тоа што како концепт ќе го понуди ребрендираната ТВ Алфа?
- Кога се раскажува за концептот, би можело да звучи дека ТВ Алфа концепциски е поставена како класична телевизија, како неколку што зрачат во македонскиот ТВ-етер. Кога кажувам дека е вложено многу во информативната програма, но исто така забележително внимание и' е посветено на контактно-забавната програма, изгледа сувопарно и познато. Но за создавање добра телевизија, класичниот базичен концепт е најпрепорачлив. Ќе се трудиме на вестите да им дадеме наш карактеристичен печат, но некои стандарди мора да се почитуваат. Во секој случај, ќе инсистираме нашите вести да бидат неоптоварени од партиски влијанија. Многу напор и труд во овие четири месеци на тренинзи се вложени во консолидирање на новинарската екипа, која е клучна за добра и професионална информативна програма. Амбицијата на ТВ Алфа е лансирање нова генерација новинари. Во информативната програма работи екипа од 30-ина млади новинари, кои беа обучувани од Герман Филков и Сабина Факиќ. Младата екипа, секако, има своја поткрепа со некои веќе искусни новинари. Уредник на информативната програма е Искра Новаковска, уредник на економските вести - Ида Протуѓер, уредник и водител на вестите е Јасминка Аневска, а како водител на вестите ќе се јавува и Лазе Темелковски. Искусни новинарски имиња во информативната екипа се Зоран Фидановски и Милка Смилевска... Централните вести ќе се емитуваат во 17,30, а вечерниот термин е во 22 ч.
Велите дека имате многу вложено и во програмата, што не подразбира само информативност?
- Всушност, можеби многу повеќе инсистираме на контактните програми. Уште веднаш и секој ден попладне имаме контактна програма. Уредник на контактно-забавната програма е Ирена Спировска. Во овој подготвителен период работевме на многу емисии од културно-забавен карактер, во наша продукција, со кои секоја вечер сакаме да ја исполниме програмата. Многу е вложено во сценографијата на тие емисии. Од есен, по почетниот летен период кога ќе го бараме своето место во ТВ-етерот, планираме да започнеме и со магазински бизнис и политички емисии. Важно за нас е - денеска од „проби на суво“ почнуваме во живо да ја профилираме ТВ Алфа. |