Ѓубрето од Тетово ќе се носи во „Дрисла“

Централната власт очекува соработка меѓу челните луѓе на Тетово и на Гостивар
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Илјадниците тони комунален смет фрлени на дивата депонија среде Тетово ќе се пренесат во депонијата „Дрисла“, а акцијата стартува наредниот викенд. Но, ова е само привремен излез за депонирање на отпадот. Централната власт очекува соработка меѓу челните луѓе на Тетово и на Гостивар. За Тетово и за целиот Полошки регион единствено решение за ѓубрето е гостиварската депонија „Русино“, која и просторно и инфраструктурно целосно одговара на намените. Ново меѓуопштинско комунално претпријатие ќе има задача да понуди подолгорочно решение за отпадот што го создаваат Тетово и околните општини. Ова се основните пораки што се слушнаа вчера по средбата на министерот за екологија, Неџати Јакупи, и градоначалникот на Тетово, Сади Беџети.
„Полошкиот регион се соочува со мошне сериозен проблем, а најизразен е во Тетово. Изнаоѓањето решение за депонирање на комуналниот отпад е заедничка обврска на Министерството и, пред се', на двете поголеми полошки општини, Тетово и Гостивар. Потребен е регионален пристап. Овие општини треба да потпишат меморандум за формирање заедничко комунално претпријатие, чија определба ќе биде справување со сметот со евентуално давање под концесија или некое друго решение. Во сите региони во земјата има добра општинска соработка, а во Полошкиот регион овој проблем се јавува, пред се', како отпор од локалните власти во Гостивар“, вели министерот Јакупи.
Според Јакупи, Министерството за заштита на животната средина ги поканило градоначалниците на Гостивар и на Тетово на заедничка средба. Додека од Тетово одговор и разбирање за ваква средба веднаш биле дадени, градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи, се' уште не се произнел.
„Депонијата Русино е определена пред десетина години. Точно се знаело што треба да направи Гостивар, што Тетово, а што Министерството. Контактите на првите општински луѓе се клучни за евентуалните отворени прашања. Според нашите согледувања, единствена можна алтернатива за регионална депонија е токму Русино“, потенцира министерот Јакупи.
Околу тоа дали постои некоја алтернатива за регионална или општинска депонија, Неџати Јакупи вели дека тоа само би го пролонгирало решението за проблемот што тлее со месеци. „Русино е најидеалното решение. Депонијата се наоѓа на државно земјиште и има изграден пристапен пат. Се' друго е во функција на вистинска депонија. Затоа и инсистираме на оваа локација и на оправданоста за р��гионална депонија“, категоричен е министерот Неџати Јакупи.
И додека не се постигне соработка за депонирање на отпадот на „Русино“, тетовското ѓубре од идниот викенд ќе се празни на Дрисла. „Веќе се остварени контакти со надлежните од ’Дрисла‘“, додаде министерот за екологија. Моментно се бара начин како да се транспортира отпадот затоа што тетовските комунални возила ќе треба да минуваат низ центарот на Скопје.
Од Министерството за екологија се надеваат дека тетовци наскоро ќе здивнат од горливиот комунален проблем што ги мачи повеќе од три месеци. Имено, на 22 мај годинава возилата на ЈКП „Тетово“ беа сопрени од група граѓани пред депонијата „Русино“. Оттогаш сметот се таложи во населбата Борис Кидрич во градското подрачје и им создава главоболки на жителите кои се принудени да ја вдишуваат неподносливата реа.
|