МЕРИДИЈАНИ
Нема безбедни валкани пари
Кристин Лагард и Нгози Оконџо Ивеала
Кога корупцијата ќе ги погоди партнерите со голема силина, исто така, ве погодува и вас
Глобалната финансиска криза послужи да покаже дека денес има мала толеранција за луѓето што мамат. Oд почетокот на кризата земјите од Г-20 - со Франција (и САД) како движечки сили - притискаат за подобра регулатива, управување и одговорност. Нема безбедни засолништа за даночното затајување. Нема безбедни засолништа за перењето пари и финансирање тероризам и нема безбедност за „пријатни финансиски регулативи“. Јасно е дека овие начела се она што луѓето во развиените земји сакаат да видат дека се спроведуваат. Во тешки времиња како овие парите се од голема важност.
Светската банка заедно со Канцеларијата на ОН за наркотици и криминал работат на иницијативата враќање на украдените средства (СТАР) за гонење на корумпираните гиганти и да се помогне поттикнување акција за враќање на ограбените средства на нивните легитимни сопственици: луѓето во погодените земји во развој. Франција, Обединетото Кралство, Австралија, Шведска, Норвешка и Швајцарија ја поддржуваат оваа ургентна агенда и се согласуваат дека неказнувањето на овој тип глобален криминал повеќе не може да се толерира. Злоупотребата на јавните функции за приватни добивки не е прифатливо.
Прашањата за даночни раеви, ограбени фондови, мито и корупција се во врска со ургентната потреба за негување транспарентност во финансиските трансакции и обезбедување одговорност на глобално ниво. Сега е време да се создаде импулс и да се испорачаат трајни резултати. Корупцијата во секоја форма или пригода е рак што ги парализира економиите на развиените и земјите во развој. Таа го поткопува економскиот раст. Таа е криминал што произведува особено штетни последици во земјите во развој.
Според пресметките на конзервативците, секоја година околу 20 до 40 милијарди долари се крадат од земјите во развој преку мито, проневери на фондови и коруптивни практики. Загубените можности се огромни. Во земјите во развој 20 милијарди долари би можеле да финансираат 48.000 километри двонасочни асфалтирани патишта или да обезбедат лекарски третмани за 120 милиони луѓе заболени од ХИВ/сида за цела година.
Успехот е возможен. Швајцарија врати 684 милиони долари од парите на поранешниот претседател Фердинанд Маркос на Филипините, 700 милиони долари од фондовите на генералот Сами Абача на Нигерија и на други држави, му врати на Перу повеќе од 120 милиони долари украдени од поранешниот владин официјален претставник Владимиро Монтесинос. На средбите на светските лидери на самитот на Г-20 и други форуми ќе се дискутира за економската криза, стимулативните планови, финансиските регулативи и развојот, а борбата против корупцијата треба да остане составен дел од мултилатералната агенда. Меѓутоа, не сите земји од Г-20 го имаат ратификувано УНКАК, Конвенција на ОН против корупцијата, која обезбедува рамка за земјите да донесат сопствени закони со кои ќе се спречи употребата на безбедните засолништа за криминалците, кои крадат од земјите во развој.
Г-20 побара поенергична акција против корупцијата. Сега мора да отидеме подалеку. Земјите што не ја потпишаа Конвенцијата треба што поскоро да го направат тоа. Оние земји, пак, што ја потпишаа и ратификуваа УНКАК, сега треба да ја имплементираат. Финансиските институции, исто така, не треба да соработуваат со некооперативни јурисдикции - области во кои не се почитуваат правилата. Граѓанското општество треба да агитира за акција и за одговорност. Борбата против корупцијата е од витално значење не само, бидејќи тоа е правилно нешто што треба да се прави, туку ако тоа не се направи ќе не' погоди сите нас.
Сега живееме во различен свет каде што земјите во развој се фундаментален извор на раст, како и увезувачи на капитални добра и услуги од развиените земји. Кога корупцијата ќе ги погоди партнерите со таа силина, исто така, ве погодува и вас.
(Кристин Лагард е министерка за економија, индустрија и вработување во Франција, а Нгози Оконџо Ивеала е генерален директор на Светската банка и пишуваат за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |