Број 3318  понеделник, 28 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Мислења

Мислења

Доста е!

Ана Павловска-Данева

Состојбите во правосудството и јавната администрација се само капка во морето на беззаконие и неодговорност

Се прашувам остана ли човек во државава кој се' уште верува во објективноста, стручноста и непартизираноста на работењето на Судскиот совет, има ли некој кој во него гледа сериозен гарант за независноста на судството? Не верувам дека такви се' уште постојат, ниту меѓу граѓаните на нашава држава, ниту пак меѓу странците кои се задолжени да ги следат состојбите кај нас и да известуваат за нашата земја.

Најпрво, би потсетила на резултатите од минатогодишната анкета направена од ОБСЕ во која како испитаници се јавиле 421 од вкупно 650 судии. Според анкетираните судии дури 66% од нив сметаат дека Судскиот совет не ја исполнува својата функција и не се грижи за заштита на независноста на судството. Истиот процент на испитаници (66% или 278 судии) сметаат дека Судскиот совет не е независен орган. Дополнително, огромно мнозинство од судиите (70%) веруваат дека изборот на членови на Судскиот совет е пристрасен. Цели 74% од испитаниците сметаат дека Министерот за правда не би требало да биде член на Судскиот совет, а 48% сметаат дека изборот на судиите кои се членови во Судскиот совет бил направен на нефер и нетранспарентен начин. На крајот, 60% од судиите сметаат дека дисциплинските постапки и постапките за разрешувања на судии овој состав на Судскиот совет не ги спроведува на објективен начин, а пак, 67% од судиите сметаат дека и изборот и разрешувањето на судии се врши под притисоци.

Дека oва не е само перцепција на мнозинството судии, туку наша тажна реалност, зборува и изборот на последниот член на Судскиот совет во македонското Собрание. Станува збор за дипломиран правник. И толку, ништо повеќе и ништо помалку. А, за да се биде член на ова тело треба да се биде многу, многу повеќе од дипломиран правник. Да се има искуство во правосудната практика или пак во науката. Да се биде звучно име не само во фелата, туку и пошироко. Да се има зад себе оставено трага, не во партијата, туку во општеството. Не му е лесно на човекот, во тоа сум сигурна. Кому би му било лесно со таков скромен бекграунд да мора веднаш да ја докаже лојалноста и подобноста пред своите избирачи преку членување во дисциплинска комисија која треба да ја одбележи судбината на долгогодишни судии, лица со искуство и авторитет, имиња добро познати во целата македонска јавност? Никому, но долгот си е долг!

За кое начело на транспарентност зборуваме ако претседателот на Судскиот совет после разрешувањето на двајца истакнати судии на новинарските прашања одговара со „да“, „не“ и „не би можел да одговорам“? На јавноста се' уште не и е јасно како е возможно за донесена едногласна одлука на кривичен совет кој брои петмина суди да се разрешат како нестручни и несовесни само двајца од нив. Во теоријата, а и во практиката затоа се разликуваат два вида на органи – инокосни (кога со органот раководи и одлучува едно лице) и колективни (кога телото го раководи и одлучува колективитет со поделена одговорност).

Во последниот случај на разрешување на судии од страна на „независниот“ Судски совет, беа разрешени двајца од петмината судии кои заеднички донеле одлука. За едниот од нив, иницијатива за разрешување поднесе лично Министерот за правда, оној што требаше да биде отстранет од учество во работата на Судскиот совет на барање на Претседателот на Владата кој подоцна се испишмани по однос на прашањето, бидејќи сфатил дека не можело лесно да се смени Уставот!?

Министерството за правда, под притисок на европската заедница реши да пристапи кон законски измени, со цел да го ублажи влијанието на политиката во судството. Се разбира, ова не се истакнува како причина, туку измените на Законот за судови се најавуваат како продолжување на реформите кои треба да доведат до зголемување на ефикасноста на судството. И, пак, едно исто. Измените се држат во тајност (согласно со начинот на практикување на принципот на транспарентност во нашите институции), а само одредени поединци ги имаат информациите.

Првата новина е формирање на нов суд – Виш Управен суд. Изборот на нови судии од страна на овој состав на Судскиот совет, сигурно ќе биде гарант за поефикасно судство во Македонија! Ништо чудно и некој член на Судскиот совет да пројави интерес да биде судија на новиот суд. Ако ништо друго, ќе бидеме единствена држава во светот со ваков модел на управно судство. Два Управни суда и двата со седиште во Скопје, и двата со иста територијална и функционална надлежност, едниот првостепен, а другиот второстепен!

Втората новина што се предвидува е уште потрагична. Сите судии во иднина ќе мора да го познаваат англискиот јазик отприлика на ниво на мајчин јазик! Од нив ќе се бара да се здобијат со меѓународен сертификат со одреден број освоени бодови за познавање англиски јазик (TOEFL, FCE), а тоа значи течно активно познавање на англискиот. Бидејќи никој од подготвувачите на Законот не се има здобиено со овој сертификат, ниту пак полагале ваков испит, најверојатно и не знаат дека полагањето чини исклучително висока сума на пари. Исто така, се сомневам дека знаат дека едниот од овие сертификати има ограничена временска важност. Се поставува прашање, кој на судиите ќе им плаќа за полагањето на овие испити и дали тие ќе полагаат секои две години, односно после секое истекување на рокот на важење на сертификатот? Ако е така, пола судски буџет ќе отиде на плаќање испити по англиски јазик. Интересно е и да се чуе кое компаративно искуство било користено при подготовката на овој „реформски“ зафат, зашто во науката ваков метод за зголемување на ефикасноста на судството не е познат.

Дали овие решенија навистина ќе најдат свое место во измените на Законот за судови останува времето да покаже. Од друга страна, времето веќе покажува какви се ефектите од брзоплетото и насилно донесување на небулозни законски решенија. Целата експертска јавност во 2008 година ја критикуваше измислицата наречена „молчењето на администрацијата значи одобрување“. Но, бидејќи ова чудо мораше да се стави на хартија зашто беше употребено како предизборна кампања, се случи една од најголемите лаги да биде преточена во закон.

Во Законот за општата управна постапка се вели дека „молчењето на администрацијата значи одобрување“ е само исклучок од правилото „молчењето на администрацијата значи одбивање“. Во кои случаи ќе се применува овој исклучок ќе требало да се утврди со посебни закони. Еве, поминаа две години, такви исклучоци со ниту еден закон не се утврдија. Затоа пак, остана во етерот сто пати изречената лага, која за оние кои не читаат закони станува вистина. Имено, пред некој ден Министерот за образование и наука обелодени дека Државниот инспекторат за образование при вршењето на надзорот утврдил незаконито работење на еден струшки приватен универзитет. Ако не го усогласи работењето со Законот, универзитетот ќе бил затворен.

На новинарско прашање зошто Инспекторатот не реагирал кај еден друг приватен универзитет кој врши упис на студенти на Факултет за стоматологија иако не е акредитиран, одговорот од министерството (парафразиран од новинар) бил дека согласно со начелото „молчењето на администрацијата значи одобрување“ можело да се смета дека решението за акредитација е добиено! Кога ова би било вистинито, би било трагично.

Министерот за образование и наука ќе мора итно да ги прочита одредбите на Законот за општата управна постапка, а потоа уште еднаш темелно да го проучи Законот за високото образование за да види дека во него нема никаква законска пресумпција според која кога Одборот за акредитација молчи, ќе се смета дека високообразовната установа е акредитирана. Не сум сигурна дека надлежните ќе ме разберат што сакам да им кажам, уште помалку дека ќе се вдадат во темелна анализа на легислативата, па затоа еве еден пластичен пример за да им доловам каде води нивното паушално, лаичко и аматерско толкување на законските одредби: според измисленото правило „молчењето на администрацијата значи одобрување“ доколку утре Правниот факултет поднесе барање за отворање на студии по Атомска физика, а Одборот за акредитација не одговори на ова барање во рок од неколку дена, веќе летово Правниот факултет ќе може да почне да врши упис на студенти по Атомска физика на кои наставата ќе им ја изведуваат доктори по правни науки!? Ете, ова е владиното „молчење на администрација значи одобрување“.

Наведените состојби во правосудството и јавната администрација се само капка во морето на беззаконие, арбитрарност, нетранспарентност, неодговорност и неотчетност на нашите управувачи. Крајно време е да се каже: Доста е!

(Авторката е професорка на Правен факултет)


#
Статијата е прочитана 2410 пати.

Испрати коментар

Од: месар
Датум: 28.06.2010 01:00:29
многу е лесно да се собере дека 1 и 1 се 2, ама штосот е во тоа што оваа портокалова револуција во позадина е всушност масивно описменување на вмро-овците. тоа значи дека сега на 50 години ќе завршуваат факултети, ќе учат англиски итн., и ќе си се изнаместат на позиции и оди после смени ги. Ама еднаш неписмен, цел живот неписмен, тешко нас.
Од: ivo
Датум: 28.06.2010 03:08:52
E, sto predlagate ako e pravniot sistem navistina vakov i ako postapkite se tolku nebulozni?! Ako na ova, gi dodademe i "sporot" so imeto, materijalnite zakoni , danocnite zakoni, i se drugo sto znaci praven sistem, togas ne ostanuva nisto drugo, tuku site dosegasni vladini i nevladini eksperti da gi zamenime so nova ekipa! Megjutoa, takvi tesko se naogjaat bidejki ni eksperti od tipot na Hickok, Agata Kristi, Akiro Kurosava, Carpenter , ili volsebnikot Merilin, ne bi mozele da se snajdat vo nebuloznosta ili magicnosta na nasiot praven sistem.A mozebi i ne se vinovni ni ekspertite ni vladata , ni pratenicite! Honorarite i platite im se redovni i verojatno dale se od sebe da go "stokmat" pravniot sistem! Moze tolku znaat ?!A dali im e dosta od plati i honorari i dali se zadovolni, toa niv da gi prasate!
Од: Mitre od dolnodupeni
Датум: 28.06.2010 04:45:06
Знаете она глуп народ силна држава? Овие на власт мислат дека е тоа -тоа.Инаку за да ја запоседнат ЦЕЛАТА ДРЖАВА со партиски војници кои немаат грам школо под итно измислуваат факултети по села, знаењето е моќ, образувај се, а всушност не ги признаваат образованите туку олавуваните - читај оние со партиски книшки со лавче.Тие сакаат целата држава да ја претворат во ДПМНЕ и партискиот суд и закон да е ннад законите.Сакаат да ја кастизираат државата - каста( виша) ДПМНЕ и останатиот народ нижа каста.Е тоа нема да им пројде - па колку и да се заведени и наведени.
Од: Pavel
Датум: 28.06.2010 07:11:48
Главно ладно но вистинито се отсликани горливите состојби во македонското правосудство. Но, во поглед на ’потребата‘ од формирањето на Виш управен суд не сме осамени во Европа ниту во Светот. (Прошетката до Парис и до Консеј д’ета ќе не увери во спротивното). Секако, со отворање на ваков суд нема да се стопира корупцијата во судството и особено во управата. Од друга страна од ден на ден ќе се зголемува бројката на нерешените управни а со тоа и судски предмети. (’Што повеќе забрани тоа повеќе прекршоци, што повеќе правила тоа поголем хаос во земјата..., што повеќе закони се поголем број на крадци и разбојници‘-Лао це-Размислувања 57-500 г. п.не.). Затоа секој штом ќе се увери дека сосотојбите во земјава во секој поглед и не само во правосудството навистина ни се безнадежни веројатно резигнирано ќе си замолчи како што тоа денес го чинат многу.
Од: Dara Buba Mara
Датум: 28.06.2010 09:03:38
Im kazavme dosta e vcera profesorke.Ako uste ne im e jasno i ako uste ne videle sto za niv misli narodot nivni problem. Jas velam gotovi se . ja s vidov DPMNE propagja, a toa mi se dopagja.
Од: Andrana
Датум: 28.06.2010 09:44:15
"In corrupta civitate-multae leges" ( Vo raspadnata drzava ima mnogu zakoni),rekol eden mudar Rimjanin.
Од: Jane
Датум: 28.06.2010 10:15:00
Некој рече дека најголема реформа е разрешување на министерот Маневски. Но, авторката заклучува од последицата кон причината и затоа е во заблуда за управниот суд.Имено, Уставниот суд и неговото незнаење е причина за нова глупост;второстепен управен суд.На пример;Словенија има 3 или четири управни суда и против одлуката на управниот суд нема право на жалба, туку право на ревизија до Врховниот суд. Најголем проблем во судството е неписмениот Уставен суд, а на второ место е министерот Маневски.Првиот треба да се одстрани со Закон за Уставниот суд и со избор на најдобрите правници во Македонија во овој суд, а Меневски треба веднаш да се разреши од страна на Груески.
Од: вераг
Датум: 28.06.2010 11:45:13
Навистина е застрашувачко она што се случува со судството-скоро цело е пид влијание на власта,а тоа значи под Груевски. Пред некој ден имаше коменатар од еден од ДПМНЕ дека поради Уставниот суд државата има поголеми трошоци (поради некое решение) а во заграда значеше не треба да постои тој суд Уште Уставниот суд не под целосна колтрола на Груевски,а веќе почнал да влијае на некои судии. Така слишнавме критика од еден судија од тој суд дека иницијативата на Арх.Грчев има политички мотиви.Зарем е работа на овој суд да ги испитува мотивите? Зарем не треба да го интересира само правниот аспект? А и со веронауката во образ. систем,двапати печаваше за истото и му требаа десетина месеци,а и сега ако има иницијатива за етиката во религиите ќе ми треба цела учебна година. А кој паметен од ДПМНЕ решил дека на судиите им треба познавање на англискиот јазик? Уште една глупост,од стоте глупости во преродбата.
Од: kaktus
Датум: 28.06.2010 11:52:51
Кај нас судството е, за жал, легализатор на неправото и носител на правниот релативизам(правото и неправото е иста работа, зависно кој како гледа на тоа). Такво е заради две причини; 1. не подлежат на реизбор; и 2. при изборот на судии нема објективен критериум. Воведувањето на судскиот совет, како што е овај сега има задача само да ја штити пре-привилегираната положба на судиите и да именува (многу ретко и да разрешува) судии по нарачка на извршната власт и според сопствените интереси
Од: Карокан-гамбит
Датум: 28.06.2010 20:20:34
Коментар за судството од некоја си професорка на правниот факултет.Ајде ти се молам! Да ја прашаш сигурно веќе заборавила кога била во средно училиште и кога го завршила (после толку наобразба потоа). Друг пат по повод такви писанија,јас да и го истопорчам г-динот Александар Николовски спроти неа па нека пишува и зборува .Тогаш да ја видам!!! Нека спори со таков "експерт" ако и држи.!! До пријателот Јане: А кој да го состави тој уставен суд и кој да го разреши Министерот?????????????????????????i
Од: Alpha +
Датум: 28.06.2010 21:32:40
Site novoizbrani sudii i javni obviniteli od doaganjeto na VMRO na vlast vo 2006 pa do denes,se 99% cisto partiski vojnici i vmroovski tkn.kadri,a ostatokot se licnosti koi si ja prodadoa dusata na gavolot samo za da dojdat na funkcija.BEZ ISKLUCOK.Prasajte gi pretsedatelite na sudski i sovetot na obviniteli kako go vrsea izborot na sudii i obviniteli.A za izborot na Uskovski za clen na sudski,nemam zborovi,od nego i obicen strucen sorabotnik e postrucen i pospremen za sudska funkcija.I toj treba da kontrolira sudii so iskustvo i so znaenje steknato vo tekot na 20-30 godini.Smesno.Zalno.Pozboruvajte malku na angliski so Uskovski.Sigurno ke blee kako koza.Zatoa dokolku BC saka glasovi na izborite,koga i da se slucat tie,ke treba da napravi preispituvanje na izborot na site sudii i obviniteli posle 2006 godina,i na generalen reizbor da se izberat lisnosti koi si ja zasluzile funkcijata so rabota a ne so partiski angazman i zasluga.Vo sprotivno nikogas nema da glasam za SDSM

Најди! во Утрински
Мислења
Нема безбедни валкани пари