Во домовите немало илегалци, само странци
Студентски легла имаат стотина стипендисти на Владата и странци, примени надвор од конкурсот
Жаклина Ѓорѓевиќ
„Со сета одговорност тврдам дека во домовите нема државни службеници или илегалци“, тврди првиот човек на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, пренесувајќи ги заклучоците од контролите на студентските домови што се најдоа под лупа откако медиумите алармираа дека студентски легла добиле вработени во обезбедување и во државни институции. „Ги претресовме сите досиеја, прегледувавме досие по досие и од она што го имавме на увид можам да потврдам дека од објавените информации во медиумите апсолутно ништо не е точно“, дециден е Арсов, кој вели дека прегледале вкупно 3.088 места во шест студентски дома. Пред извесно време медиумите објавија дека во домовите, место студенти, спијат вработени во државни институции и агенции за обезбедување, а најчесто се спомнуваа разни министерства, меѓу кои оние за надворешни работи и за земјоделство.
Сепак, инспекторите нашле странци што добиле студентски легла надвор од конкурсот. „Има 37 стипендисти на Владата, кои се надвор од овој конкурс, потоа 16 студенти што ги финансира Владата од странство, но со македонско потекло, а се примени годинава, и уште 25 постари вакви студенти. Студентски легла имаат и деца на бранители, потоа раселени, што заедно ја надминува бројката од стотина примени по разни основи, а кои се финансирани од Владата или од министерствата за образование или труд и социјална политика. Претпоставувам тие создаваат недоумици“, нагласува првиот инспектор. Но, тој не ја исклучува и можноста во домовите да има и вработени студенти, што нашле работа откако се вселиле во домот. Проблем, според него, е што овие случаи никој не ги пријавува во раководството на домот, така што нема кој да преземе мерки и да ги исели тие студенти. Затоа Арсов ги повикува студентите да ги пријават овие студенти во инспекторатот.
„Ние не може со сигурност да утврдиме кој е вработен, а кој не е. Тоа е задача на студентскиот дом. Студентите имаат уредна документација за вселување, но можеби некој некаде се вработил“, појаснува Арсов.
На студентските домови ќе им биде дадена забелешка да ја зајакнат контролата за влез и за излез од објектите за да нема илегалци.
Арсов вели дека уште како студент поминал четири години во домови и знае дека тогаш, но и сега, веројатно има илегалци. „Познавам двајца, сега еминентни луѓе, што додека беа студенти спиеја во соби таму каде што имаше празни кревети. Некои се гордеат со тоа, а не дека немаат пари“, вели тој. |