Број 3645  понеделник, 01 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter
Македонија

Викенд во банкрот-држава

Должен како Грција, а богат како Грк

Живот во банкротирана држава, која должи над 400 милијарди евра

Ерол Ризаов

СОЛУН - Нашиот јужен сосед Грција веќе со месеци е топ-тема во светот. Европската унија се тресе како таа ќе го преживее евентуалното петто или шесто банкротство на славна Елада. Нејзиното галениче израснато и негувано на европски јасли со векови е тежок зависник. Лекувањето е вистински кошмар и за пациентот и за неговите родители. На денот кога европските лидери Меркел, Саркози и другите поддржани од Америка одлучија да му дадат уште една доза инфузија од 160 милијарди кубици (читај евра) на тешкоболниот Киклоп тргнав да видам што се случува кај комшијата, кај моите грчки пријатели. Одблизу да видам како се живее во банкротирана држава, која должи околу 400 милијарди евра. Како се справуваат Грците кога секој од нив должи близу 50.000 евра, како излегуваат на крај со големата мака што ги снајде. Сакам да бидам искрен, не ми е ќеф што им се случува ова на Грците, бидејки сите ја знаеме прикаската кога мечката игра кај комшијата, но помалку ми доаѓа како мелем на лута рана оти низ целата историја, особено, поновата, со помош токму на Европа божем се спасува лулката на европската демократија, Грците неправедно станаа најпривилегираната нација на Земјината топка. Се' некако чинам дека го излажаа и уште г�� лажат светот. Но, историјата подучува дека така и' годи и на Старата дама иако добро ги знае грчките марифети

Зошто Грција банкротираше

Историјата многу често се повторува како фарса. Светските весници и медиуми се преполни со интересни вистински стории - како и зошто оваа земја од нејзиното осамостојување до денес речиси постојано е во должничка криза и поради тоа банкротирала според едни извори пет, а според други шест пати. А има и такви кои тврдат дека Грција е во постојано банкротство. Се обидов да најдам поткрепа зошто во цела Европа и кај нас во Македонија уште се употребува поговорката „должен како Грција“. Во тоа ми помогна Историјата на Грција, но, сепак, најмногу разбрав од прекрасниот текст на хрватскиот проф. Дамир Грубиша. Поговорката почнува да се употребува 1893 година, таа влезе во историјата со реченицата на познатиот грчки државник и славен премиер во повеќе мандати Харилаос Трикупис, кој во грчкиот парламент извикал: „Дистихос, ептохефсамен“. За жал, банкротиравме.

Грција првпат банкротирала поради големи долгови направени во војната за независност и ослободување од Отоманската Империја во периодот од 1821 до 1827 година. Оваа војна ја финансирале тогашните европски големи сили, но со енормно високи камати. „Привремената грчка влада, кога завршила војната за независност во 1827 година, практично прогласила стечај и неспособност да ги враќа долговите искористени за купување на оружје“, вели проф Грубиша. Втората причина е падот на цените на сувото грозје, тогаш главен извозен производ на независна Грција. Третата причина е налудничавото и нерационално фрлање пари на ренесанса на еленската култура, антиквизацијата на Грција и трошењето големи суми во таканаречени капитални национални инвестиции - споменици, стадиони, музеи, обнова на Олимписките игри, меѓу кои најскапо е копањето на Коринтскиот Канал, кој повеќепати ги надминал предвидените вложувања. На крајот, Грците се откажале Коринтскиот да се гради по примерот на Суецкиот Канал во Египет.

Мегало иедеЈа - мегало цена

Грчката влада, на чело со Трикупис, веќе не можела да ги отплаќа долговите, па така управувањето со работите околу Каналот поминало во рацете на конзорциум на странски банки. Со голем банкрот завршило тоа модернизациско и ренесансно задолжување. Но, тоа не пречи истовремено Грција да ја зафати силен бран еуфорија со националистичката мегали идеја за создавање голема Грција со враќање на Константинополис, Солун и Македонија, кои тогаш се во рамките на Турската Империја. Грција во периодот од 1879 до 1893 година се задолжува со силно темпо, земајќи десетици големи кредити. Нормално, мегали идеја има и мегали цена. Новата војна со Турската Империја 1897 година завршува со пораз на Грција, па таа мора да потпише мир што го наметнале Австрија, Франција, Германија, Англија, Италија и Русија, тогашните големи сили уплашени дека целосниот пораз и распад на Грција ќе ги однесе во неврат и големите долгови. Грција, згора на тоа, принудена е да потпише дека ќе и' плати обесштетување на Империјата од 95 милиони златни франци. Западните пријатели на Грција, кои ја осоколија да му објави војна на Османлиското Царство, кое иако ослабено, се' уште било моќно за да ги заштитат своите пари, формираа Меѓународна контролна комисија со седиште во Атина.

Целта на оваа меѓународна економска комисија, пишува проф Грубиша, беше да го осигура враќањето на грчките долгови со тоа што ги презеде приходите од грчкиот државен монопол на солта, тутунот, нафтата, кибритот, таксените марки , приходите од царината во Пиреја и од картите за играње комар. Ингеренциите на оваа Меѓународна економска комисија за брзо време се прошириле и на контрола на државната управа. За тоа Грција добила нов кредит од 170 милиони златни франци. Но, дури ни таа Комисија не успеала да ја спаси и оздрави грчката економија, па и тие 170 милиони златници завршиле во ветер. Она што и денес шокира е сознанието дека работата на таа Комисија траело до 1978 година, значи цели 80 години. До пред 30-ина години цигарите, кибритите, солта во Грција се продавани и пакувани со посебна бандерола на која пишувало ДОЕ - приходот оди во полза на Меѓународната економска комисија. Во меѓувреме, Грција уште двата пати прогласува неможност да ги враќа заемите. Тоа се случува 1921 година, а четврти пат Грција прогласила стечај 1932 година. Петтиот банкрот се' уште се спречува од Европската унија со нови заеми. Според светските економисти, тоа нема да ги реши проблемите без одлучни структурни реформи во самата Грција.

Ете накусо кажано од каде доаѓа реченицата - должен како Грција. Тоа се вечни долгови што се протегаат со векови. Навистина членството на Грција во ЕУ и' донесе благосостојба со поддршка на многубројните фондови преку кои Грција доби најсовремени автостради, модернизирана железница, современи пристаништа, комплетно нова компјутеризирана инфраструктура и уште една Олимпијада. Сето тоа, нели, силно потсетува на грчките модернизации уште пред 100 и 200 години и обновата на првите современи Олимписки игри, што ја направи Грција влијателна земја во светот.

МилениЧе на Европа

Второто клучно прашање е какви се денешните банкротства на државите. Дали тоа подразбира дека во банкротираната држава живеат сиромашни луѓе. Кога некој ќе стави катанец на врата, а нема да ги врати долговите, тоа се смета за најголем срам. Во Јапонија за тоа секоја година 30.000 деловни луѓе вршат самоубиство. Кај нас на Балканот си прогласуваш стечај, ја затвораш фирмата, не ги враќаш долговите, си отвораш нова фирма и продолжуваш да земаш заеми што не ги враќаш. Дали така може да се однесува и државата. Банкротирана држава, а богати луѓе. Дали е тоа можно. Да, можно е. Грците живеат над своите можности со децении. Поточно, Грците беа многу сиромашни додека не влегоа во Европската унија, на мала врата, без исполнување на ниту еден критериум, повторно ѓоамити како спас на наследникот на античка цивилизација опкружена од непријатели. Грчката приказна, која Европа ја голтна, е дека е опколена од сите страни со непријатели. Од една страна, Турција вековен непријател, од друга страна - злогласниот комунистички режим на Енвер Оџа, од трета страна - Варшавскиот пакт претставен од Бугарија, а од север Титова Југославија и Македонија со тазе неизлечени рани од Граѓанската војна 1948 година, која ги има сите релевантни докази на класичен геноцид врз македонското население. Европа ја прифати оваа добро напумпана грчка трагедија и ја прими на врат на нос Грција во редовно членство 1981 година. На ист начин подоцна тоа го направи само со грчкиот дел на Кипар.

Во такви протекционистички околности, Грците станаа милениче на Европа. Штедро се отворија европските славини кои итрите Византијци ги одвртија докрај. За само неколку години сиромашна и тоталитарна Грција се претвори во рај на Балканот. Почнаа да течат пари од сите страни. Бедните рибарски села станаа современи туристички центри. Песокливите и суви неродни ниви покрај морето преку ноќ се претворија во големи градилишта. Грција многу одамна стана туристичка велесила каде што на црно, што легално секоја година влегуваат неколку десетици милијарди евра само од туризмот. Извозот на неколку големи светски брендови, зејтин, маслинки, сирењето фета, узо, вино, коњак, текстил и кожа и' носат на Грција секоја година над 100 милијарди евра приходи. Младите се школуваат на најдобрите светски универзитети. Стекнаа извонредни позиции во светските бизнис-елити. Многу богати и влијателни луѓе во светот се Грци, кои не се само емотивно врзани со својата татковина. Грчките земјоделци успеаја со помош на државата да го модернизираат земјоделството, го кренаа производството на храна на високо светско ниво. Затоа земаат големи износи пари како субвенции од европската каса. Сепак, и натаму Грците живеат на повисока нога од она што реално го работат и сработуваат. Одат во пензија најмлади во Европа. Добиваат по 20-30 последни плати како испратнина што често изнесува по неколку десетици илјади евра. Со тие пари отвораат нови бизниси. Но, има, исто така, релевантни мислења дека Грција дебело ги платила и ги плаќа своите долгови.

Жива сиромаштиЈа

Убаво паметам кога првпат отидов во Грција некаде 1967 година како тинејџер. Што да ви кажам - жива сиромаштија. Стари лозјенца на сува песоклива земја, милијарда муви во таверните, валкани кампови, измрсени маси без чаршафи, лиго узо, грчка салата, голема порција гавроси, лиго трагудија, бузуки, сиртаки, многу странци, одмор бадијала. За 200, 300 долари еден куп драхми што не можеш да ги потрошиш ако не купиш некои партали од текстил и кожа на пазарите и продавниците каде што Грците, не можев да разберам зошто, врескаат на српски и на македонски и тегнат за ракав, ела, ела, само да купиш нешто. Некаде на крајот од летото се вратив со воз полн со Грци и Турци што одат во Германија на печалба, кои не можев да ги разликувам додека не прозборат.

Првата сегашна моја станица е Поликастро, првото гратче по Гевгелија. Одам право кај Вангели во неговата меана во центарот. Тука се собираат македонските спортски риболовци. Јадат бамји, кокошки, грчка салата и пијат узаки и рицина, а најмногу се лажат меѓу себе како минатиот пат ги утепале рибите. Се' крупни крапови, мрени, кленови, попадики, бојници, штуки и по некој сом. Овој пат водата била голема и матна, па нејќело да пипне. Затоа кај Вангели постојано гризе. Тука е и Јорго, пензиониран наставник по француски јазик, мој пријател, стар и ценет муштерија на Вангел. Гледа Тур де Франс. Место здраво, веднаш опнав една провокација. „Јорго, велам, пак лапнавте 160 милијарди евра од Европа. Не ве остава Европа да рикнете“. Одмавнува со раката и се смее. „Дојди, Турко, да ти кажам што е работата. Ние, Грците, секогаш должиме пари. Поарно е ти да должиш отколку некој тебе да ти должи. Ја знаеш ли приказната кога некој чесен човек бил должен на комшијата. Не можел да спие оти немал пари да ги врати. Се вртел, се сучел, се туфкал, офкал по цели ноќи. Како да му ги вратам парите на човекот. Една вечер жена му го отворила прозорецот и извикала: комшија, комшија, нема да ти ги вратиме парите. Немаме ни за живот. Го затворила прозорецот и му рекла на мажот. Легни и спиј раат, сега тој нема да спие. Ние имавме мака му баравме на заем, што мака имаше тој да ни дава пари. Ете така, Турко, и ние направивме со Европа, зедовме пари на заем со купишта, уште пред 200 години, божем ќе ги победиме Турците и ќе го вратиме Константинопол. Потоа и' викнавме на Европа: немаме да ви ги вратиме парите. Така направивме едно пет-шест пати. Тие сега не спијат, бараат чаре како да не' спасат нас, за да се спасат себе, да можеме да им ги вратиме парите. Оти ако не вратиме, ако банкротираме и тие ќе го јадат стапот“.

Приоѓа Поликсена, ќерка му на Јорго, исто така, наставничка, уште задоена со мегали идеја. Ја прашувам како се одразува банкротот на нејзиниот живот. „Мораме“, вели, „да се бориме со сите сили долговите да не ги платат само посиромашните слоеви, како и при сите досегашни банкротства на Грција. Некои луѓе страшно се збогатуваат од овие заеми, а други треба да ги враќаат. Политичарите зајмат за да ја зачуваат власта, за да градат свои задужбини и споменици додека се живи, а потоа нивните глупости треба да ги плати народот“. Огорчена е што платата од 1.500 евра и' е намалена на 1.200. § велам кај нас наставничка зема околу 300 евра. Смртно навредена, ми одврати. „Никогаш не се споредуваме со вас. Вие сте најсиромашната и најбедната земја во Европа. Ние се споредуваме со најбогатите европски држави. Каква ти е таа дрскост да ги споредуваш Скопје и Грција“. Јаваш јаваш, Поликсена, вистина е тоа дека сме посиромашни, но ние си го простираме чергичето колку што ни се нозете, добро де и малку повеќе. Вие изгледа многу сте аздисале со туѓи пари. „Не е точно, возвраќа Поликсена, се' сме вратиле, многу повеќе отколку што сме зеле. Крваво сме ги вратиле европските пари. Таа нивна солидарна помош секогаш е дебело наплатена. Ние го знаеме тоа. А ќе го научите и вие“. Да, и' велам, веќе го научивме, со нивната солидарност кон Вас ние не можеме да дишеме. Не' спречувате да се европеизираме. Отсекогаш низ историјата, со омраза сте гледале кон негрчките народи и соседи. Сменете го името, ми возвради дрско. Македонија е тука, а не таму. Да, Македонија е и тука и таму и уште во две држави, но само една држава во светот се вика Република Македонија, но добро, добро, дали Европа или кој било е виновен за лошото управување на вашата земја. „Да, со тоа се согласувам“, призна, конечно, нешто Поликсена. „Грција одамна нема големи лидери и умни луѓе што ќе ја водат. Многу се краде и лаже“.

Кој да одработи за македониЈа

Го оставаме Поликастро, тргнувам накај Солун. Некогаш далеку, недостижен и неосвојлив за Словените и по седум опсади, сега е поблиску отколку што Европејци патуваат секој ден до своите работни места. Солунско Поле, житницата и хранителката на Грција обработено како тепсија е опсипано со вештачки дождови од водите на Вардар кои кај нас со милениуми течат залудно. Се' е зелено. Последните години Грците удриле на ориз. Во Солун веќе не важи позната поговорка - у Солуна грош сомуна, до Солуна сто сомуна. Во Солун, главниот град на географска Македонија, се стасува за час. Ама сомунот не е еден грош. Сега веќе поговорката може да гласи - грош до Солуна, сто гроша за сомуна. На „Игнација“ и „Цимиски“ пак се главни Србите и Македонците. Солунските трговци велат дека посетеноста е добра, ама прометот опаѓа. Признаваат: ако не се Македонците и Србите, го обравме бостанот. Ги гледам цените. Има стоки за секој џеб, во зависност од квалитетот. Нашите уште во Солун купуваат невестински и матурски руби, чевли, патики, автоделови, лекови, кожени виндјакни, патуваат преку солунскиот аеродром „Македонија“ и трошат задолжително уште стотина евра за фришоп. Храната е поскапа отколку кај нас, квалитетното месо достигнува и до 7 евра за килограм, ама може да се најде и за 3-4 евра. Лебот од 600 грама е 60-80 центи. Пиперките и доматите по едно евро килограм. Лубениците 15 центи за килограм. Килограм морска риба во зависност од квалитетот и колку е тазе од 7 до 30 евра, се разбира, во рибарница. Има и поскапи видови. Бензинот е 1,70 евра за литар безоловен, а нафтата за 1,40 евра за литар. Грците што живеат во близина на македонската граница полнат бензин кај нас и купуваат храна на нашите пазари. Да, и играат комар кај нас. Во казино „Фламинго“ ( Гевгелија), читам на големите билборди низ Грција, џек-пот е два и пол милиона евра. Фантастична бројка за збогум на сите проблеми.

Петок попладне одиме накај грчките краци и познати летувалишта за масовен туризам. Огромна непрегледна колона во три ленти, се' нови возила течат накај морето. Милиони Грци одат на викенд. Жешкото сонце е поопасно од банкрот. Кому му е гајле на 50 степени колку е должна Грција. Илјадници викендички, луксузни куќи, студија, кампови, хотели, преполни се со туристи од целиот свет. Грците што работат се викендаши. Семејствата, главно, жените и децата, остануваат цело лето покрај морето на плажите, а мажите доаѓаат на продолжен викенд. Апартманите се издаваат по цена од 40 до 60 евра на ден, каде што може да престојува цело четиричлено семејство. Должничката криза ги спушти цените на становите, на апартманите, на вилите и на земјиштето. Во Грција мора да купите најмалку 4.000 квадратни метри земја за да можете да градите своја куќа. Сретнавме повеќемина наши кои веќе си купиле земја, станови, но и такви што изградиле прекрасни куќи. Македонците купуваат и скапи вили на престижни места. Деновиве една прекрасна вила од соништата купи еден наш познат бизнисмен и еден од скопските градоначалници за над 400.000 евра. Мислам дека е добро граѓаните од Македонија, имотните луѓе, да купуваат недвижен имот во Грција, па дури и да инвестираат во разни бизниси. Грчките бизнисмени направија убави пари во Македонија. Зошто да не биде и обратно, иако во Грција е ѓаволски тешко Македонец да се јави како инвеститор.

Се враќаме недела навечер во Македонија заедно со граѓаните на банкротираната држава. Тие во Солун, ние во Скопје. Цело време ме прогонува една мисла. Ако Грција е банкрот-држава и ако моли за помош, зар Европа ако сака не може да ни помогне да се разреши еден сериозен регионален проблем, како што е ирационално наметнатиот спор од Грција со нашето име. Нема подобар момент за тоа отколку кога се даваат стотици милијарди евра за спас на Грција. Веројатно ова само одсебе не се завршува. Некој треба тоа да го одработи. Во Македонија нема кој. Милиони светла на автопатот кажуваат дека банкротството на комшијата не сме го разбрале. Си велам, прво треба да станеме богати, па да можеме да банкротираме. Нема што да изгубиш кога ништо немаш. Затоа не е можно да има фалименто кај сиромаси. Сиромавиот нема што да загуби. Можеби затоа македонски министер единствен во светот тврдеше дека нас нема да не' погоди економската светска криза, дури нешто и ќе ушиќариме од неа. Боже пази, ќе испадне дека човекот е во право.


#
Статијата е прочитана 6041 пати.

Испрати коментар

Од: Betoven
Датум: 01.08.2011 00:31:18
Gledajte kako bankrotirame nie, neka ne ve interesira Grcija. Samo analizi pravite kako, zosto, kolku dolzela grcija. Tie si zavrsija rabota, a ako treba pak ke im pomognat. Nego, sto ke pravime nie so " ovaa nasava" UMRENA DRZAVICKA?
Од: Трпе
Датум: 01.08.2011 00:52:30
Неколку пати го имам поставувано прашањето,дали во РМ има криза или нема криза.Со овој текст го добив одговорот како нашата влада не лаже со илузионистички престави.Во РМ гарант нема криза,затоа што неможе да бидеме посиромави.Плата како социјална помош но и таа многу пониска од другите земји.Открив и дека точно е дека нашиот ни премиер е егеец.Затоа ужива во историја,споменици и музеи.Ама ужива и во многу сопствени пари.Државата му е презадолжена а тој е богат како грк.Октааааа.....
Од: nikolce nz
Датум: 01.08.2011 03:21:20
Ne samo sto igraat komar kaj nas nego i kupuvaat nasi zenski na kilogram a kogo toa go boli neka si stavi na ranite malce ajvar i tursija piperki .
Од: Od Melburn
Датум: 01.08.2011 03:59:34
Ovaa statija bi trebalo da se prenese vo svetskite vesnici!!!
Од: Aleks
Датум: 01.08.2011 05:16:51
Odlicna analiza Erole.Iako povekjeto pati ne se soglasuvam so vasite kolumni sepak mora da kazam deka ovaa kolumna vi e cista 10'ka.Pozdrav
Од: Jovan
Датум: 01.08.2011 07:55:02
Dobar tekst, za zal Evropa nisto ne nauci i pak Grcija ke se izvlece, pa samiot premijer rece Grckata kriza e Evropskiot problem
Од: dejan
Датум: 01.08.2011 09:15:16
bravo za statijata
Од: Istocna Makedonija
Датум: 01.08.2011 10:05:51
Na nas golem hendihep i zalost,ima uste pozastrasu- vacka komparacija:Dolzen kako Makedonija,siromasen kako Makedonec!
Од: Tina
Датум: 01.08.2011 10:54:58
Nesto ne mi e jasno za 1820 i 1827 koga Grcite se borile protivu Otomancite i taka na tamo so site na balkan, sepak nesto ne e jasno oti istorijski Grcija ne postojala oficijalno se do 1820, i so Evropskata pomok se borese za toa ime i opstanok, oti Evropskite rojalisti im padnalo na um da si napravat utopija od Atinskite istorijski znaminja i da si imat mesto za igra i po praviloto na Olimpiskite Bogovi, pocnale da planirat za golema ili po, golema Grcija. Resto se znae sto stana so zemjata na Makedoncite od kako Evropa im pretila na Tucite i so nijno povlekuvanje im teknalo da ja rascepat Makedonija i napravat golema Grcija, od taa malecka Atinska peninsula. Asasinacijata na vrz nasite reprezentativci koji odele do Evropa, im ja oleknele rabotata za podelbata na zemjata. A sega sakat da go promenime imeto? a? I tuka e zabunata vo istorija za nekoja Grcija po antikata. Se vika taka zbog Makedonija. Grcija ne postojase pred 1800 a Atinjanite ne se domorodci na taa
Од: Македонец
Датум: 01.08.2011 11:23:09
Одлична статија, штета ако не се пренесе во Европски печат, та да го Види Европа курназлукот грчки во поинаква слика.
Од: Goran
Датум: 01.08.2011 12:25:56
Турко, само една забелешка за новинарска недоследност: Ако Солун е Солун, тогаш „Поликастро“ е Ругуновец, а ако Ругуновец е „Поликастро“, тогаш Солун е „Тесалоники“ нели?
Од: Станко
Датум: 01.08.2011 12:56:34
Ерол имал многу пријатели во грција? Ете од каде доаѓале неговите текстови за промена на името.
Од: читател
Датум: 01.08.2011 14:06:09
Ерол,не си искрен кога велиш дека Европа „голтнала“ некаква „грчка приказна“.Самиот знаеш дека Европа не „голта“ничии приказни,туку се води од сопствени интереси.Сепак им честитам на владите на Грција за се она што успееја да го направаат за својот народ и својата држава.Успеале максимум да извлечат од лихварите од Европа и светот.И тоа не само денес,туку уште од 19 век.Со секое „банкротирање“,Грција стануваше се`побогата.Денес Грција е изградена како современа европска земја, и во таа „банкротирана“Грција се живее многу поубаво од многу земји во Европа.За тоа грчкиот народ ќе мора „скапо“да плати,како на пример учителката која од 1500 евра ќе мора да се задоволи со плата од 1200,со цени слични како во Македонија.Камо таа среќа и кај нас да се живее како во „банкротирана“ Грција!
Од: Tome
Датум: 01.08.2011 14:36:10
Браво Ероле!! Секоја чест за статијата, анализата и описот на ситацијата во Грција.
Од: toni
Датум: 01.08.2011 15:03:35
CESTITAM. mNOGU DOBAR NAPISAN TEKST SO DOBRA ANALIZA. BI BILO DOBRO DA NAPRAVITE PO EDNA EKSKURZIJA I VO DRUGITE SOSEDNI DRZAVI, PA DA VIDIME NIE POSLE SO KOJ SOSED DA SE SPOREDIME. GRCITE SE MNOGU DALEKU OD NAS.
Од: Ајван Доктор®
Датум: 01.08.2011 15:48:49
Ех,Ероле!Некако во истите години започнав да одам во Грција!Да,имаа едно тесно патче што минуваше низ Евзони сè до Солун.Да,драхмата вредеше 10 парички!Но,голема лага е дека камповите им биле нечисти!Каде ли си одел?!Од вецеата никогаш немаше реа,дури и ѓубрето во камповите го изнесуваа 3 пати дневно,потоа ги миеа со детергент и кантите и поклопецот!Имаа топла вода на тушевите во секое време,чешми за миење садови,чешми за пиење,место за пеглање!Куќите ги варосуваа,по секое врнење и секаде куќите блештеа од белило!Мораа да вратат кусур до најситната пробушена паричка (10 лепта)!Сè уште во македонските кампови не можам да пријдам до вецеата,топла вода може да ја сонувам,а реата се шири низ околината!Нивните куќи сè уште се бели,а годинава посетив село в планина (на Лефкада)на кое скопјани може да му завидуваат!Чисто како солза,со улици без дупки!На моето„од Скопје“одговараа со насмевка:„ден ехи провлема-од Македонија си“!Нашите преку-ноќ збогатени патриоти,не случајно купуваат куќи таму!
Од: Mudrec
Датум: 01.08.2011 16:21:54
Do koga ke kukas deka nema vo Makedonija koj da 'odraboti'? Od edna strana kazuvas deka neracionalniot problem e nametnat od grcija, a od druga strana baras nekoj da 'odraboti' vo nivna polza?
Од: Читател
Датум: 01.08.2011 21:29:23
Ова е текст на вистински професионалец. Вака пишуваат искусни новинари неоптоварени со партиска или било која припадност. Некои партиски војници и новински апологети одамна работат да го замолчат Ризаов или да го испратат во пензија. Нам, кои сакаме да уживаме кога читаме овој автор, и неговите текстови ни требаат како кислород. Да го поживее Господ. Уживав во Репортажата за банкрот државата и богами научив нешто.
Од: citatel
Датум: 01.08.2011 23:02:16
Vo vrska so grcite i nivnata cesnost vo biznisot.Evreite imaat pogovorka "Koga ke se rodi eden Grk dvajca Evrei placat".

Најди! во Утрински
Македонија

"""