Се одржаа Деновите на словенечка храна, музика и вино
Ивона Саздовска
Од 26 до 29 јуни хотелот „Александар палас“ беше домаќин на оваа манифестација, која се организира на иницијатива на големиот пријател на Македонија, поранешниот словенечки амбасадор г. Марјан Шифтар.
„Македонија е прекрасна земја и јас сум вистински вљубеник во неа. Искрено се радувам на почетокот на оваа соработка, со која уште еднаш се докажуваат пријателски односи кои ги негуваат овие две земји. Ние во Словенија, во февруари присуствувавме на презентацијата на македонската кујна, музика и вино, каде што имавме вистинска прилика да уживаме“, рече Шифтар.
За потребите на презентацијата, директно од Словенија допатува и мајсторот на словенечката кујна, Бранко Чашар, кој во својата земја ужива реноме на еден од најдобрите готвачи и работи во еден од тамошните најпознати ресторани „Ловењак“.
Неговата љубов кон готвењето датира уште од 1973 година, а денес зад себе има три книги рецепти, од кои најпозната и најпопуларна е книгата „Добар апетит“ , награди и признанија. Француската и германската кујна му се слабост, додека за македонската вели дека е богата и слична со словенечката поради големата употреба на месо, но од друга страна различна и автентична како и самиот народ.
„Секаде каде што патувам, единствен впечаток ми остава народот. Каков е народот и неговата култура, таква е и кујната. Вие сте гостопримлив народ, а кујната ви е извонредна. Го сакам вашето тавче-гравче, македонската тава и црните вина, бидејќи имаат специфичен вкус“, додава Чашар.
Олга Белец, директор за угостителство и туризам на компанијата „Рото“, во чија сопственост е ресторанот „Ловењак“, не можеше да ја скрие возбуденоста од посетата на нашата земја.
„Првпат сум тука, но сигурно ќе се вратам повторно. Вие сте толку смирен народ, никаде не брзате, а тоа многу ми се допаѓа. Значи, знаете да уживате во животот и избегнувате да живеете стресно, што не е пример со Словенците. Кујната ви е одлична, и ако треба да изберам, тоа е селското месо, полнетите пиперки со урда и црните вина, кои се навистина одлични. На Деновите на македонската кујна беа толку добро подготвени, што уште го чувствувам нивниот вкус. Од таа причина убедена сум дека соработката во иднина ќе се интензивира“, појаснува Белец.
Наредната година постои веројатност манифестацијата да се одржи во Охрид.
„Можно е и таа опција да дојде во план, но затоа ќе почекаме до идната година. Важно е дека оваа пријателска соработка сакаме да потрае и да стане еден вид традиција, преку која двете култури ќе имаат шанса да се претстават во добра светлина“ , вели Горан Ташков, помошник-директор во хотелот „Александар палас“. |