Што прават денеска
Јасмина Гуњова
пејачка
Денеска се подготвувам за утрешното снимање на новогодишна програма за една телевизија. Освен подготовката на стајлингот, имам и кондициски подготовки на домашните фитнес-справи. Имам испланирано и време за учење за испит од постдипломските студии на Технолошкиот факултет. На крај од денот ги носам децата на тенис-тренинг.
Ранко Рангелов
хуморист
Во 10 ч. имам средба со продуцентите од Ниш, со кои летово снимав една серија, каде што глумев „Тито меѓу народот“. Денеска треба да ми ја предадат работната верзија на ДВД и да се договориме за промоциите во Србија и евентуално во Македонија. Од снимениот материјал е подготвена и филмска верзија.
Билјана Беличанец-Алексиќ
актерка
Веќе сме на прагот на новогодишното лудило, па полека фаќам залет за обврските што ме очекуваат. Во театар речиси секојдневно имам претстави, но денеска, за чудо, сум слободна. Па ќе го испористам денот да завршам некои други обврски, а од утре почнувам со „Кинегонда во Карлаленд“, па „Сомнително лице“, „Демонот од Дебар Маало“, „Последните Македонци“... И така натаму секој ден. |