Што прават денеска
Катица Траковска-Абјаниќ
новинарка
Денешниот ден го почнувам со утринска света миса во Спомен-куќата на Мајка Тереза, а веднаш потоа - на работни обврски во Македонската телевизија. Подготовка за монтажа на документарната емисија за познатиот македонски писател Петре Бакевски, како и подготовка за емисија од религиската култура. Вечерта ќе ја поминам во разговор со ќерка ми Ена и заедничко гледање филм по нејзин избор.
Горан Наумовски
музичар
Иако немам посебни обврски, по навика станувам доста рано, околу 7,30 часот го пијам утринското кафе, проверувам е-мејл, вести и, секако, „Фејсбук“. Попладнето ќе поминам неколку часа во телевизија Алфа на снимањето на „Зајди, зајди“ заедно со мојата колешка од „АР’ЕН’СИ бенд“, Ана Мицковска, и нашиот пријател, извонредниот оперски пејач Владимир Саздовски. Вечерта е посветена на мојата внука Теона и гледање на некој филм од Волт Дизни.
Лени Партикова-Ременска
музичарка
Штом ќе станам, го почнувам денот со утринско кафе со моите колешки во оперското бистро, па продолжувам со работа на сцената на МОБ. По работа, конечно, имам време и за моето семејство од кое се полнам со позитивна енергија. Значи, некоја лесна вечера, малку телевизија и, секако, играта со моите две внучиња. |