Големи лузни од кусата војна
По крвавата неколкудневна пресметка, Осетијците сега се колнат само во Русија
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
ЦХИНВАЛИ - Во каков крвав котел се најдоа на 8 август жителите на Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија, тешко можеше да долови која било слика или телевизиска репортажа. Видовме разурнати куќи, убиени и ранети, запалени тенкови, но не можеше да се сфати дека Грузијците со топови го гаѓаат градот, цивилните згради и куќи, главната болница и тоа од околните ридови.
Со минофрлачи ги гаѓаа позициите на бранителите од дворовите од соседните села, во кои живееја Грузијците до почетокот на оваа последна војна. Дури кога ќе се дојде во градот, кој беше во центарот на медиумското светско внимание, новинарот сфаќа каква натчовечка храброст имале оние кои не сакале да го напуштат Цхинвали.
Авторот на овие редови пристигна во Јужна Осетија со група новинари, меѓу кои повеќето од Запад. Целта на доаѓањето беше со свои очи да се уверат што направила армијата на грузискиот претседател Михаил Саакашвили. Иако раководството на Јужна Осетија, со голема помош на Русија, го нормализира животот, последиците од кратката, но сурова војна и натаму се видливи. Разурнатата зграда на парламентот и владата е покриена со зелени градежни мрежи, што е знак дека во блиска иднина таму би требало да започне обнова.
Ракетните системи „Град“ со кои Грузијците гаѓаа од Сталиновото родно место Гори, што се наоѓа на половина пат од Цхинвали до Тбилиси, ги урнаа не само покривите туку и внатрешните ѕидови на зградите. Тој што ќе ги обновува тие згради, всушност, ќе мора да направи се' ново, а да ги остави само старите надворешни ѕидови.
Да се дојде до Јужна Осетија не е нималку лесно. Таа нема аеродром и единствена врска со Русија е долгиот тунел со кој е пробиен планински масив и ги спојува Северна и Јужна Осетија. Од Москва пристигнавме во Северна Осетија со авион. Од аеродромот „Владикавказ“ што се наоѓа во близина на градот Беслан, каде што пред четири години се случи голема трагедија кога чеченските терористи убија ученици и наставници, до Цхинвали се стигнува со брзо возење за малку повеќе од четири часа. Низ клисурата води еден магистрален пат. Додека автобусот минуваше низ кањонот, ни стана сосема јасно зошто целта на грузиските генерали беше да се затвори тунелот со кој Јужна Осетија е поврзана со Северна, и на тој начин да се спречи да стигне руска помош. Тенкови не би можеле да поминат, а на Грузијците тогаш би морале да им се спротивстават десантни единици со поддршка на авијацијата. Северна и Јужна Осетија, особено оној дел каде што се соединуваат на високите клисури на Кавказот, многу наликуваат на Црна Гора. Стрмните гребени на кои раста�� борови и елки, и брзите планински реки, се идентични со оние во Црна Гора. Покрај патот што минува низ кањонот се забележуваат многу метеоролошки топови со кои се борат против лавините, кои во зима понекогаш знаат да го блокираат сообраќајот по неколку дена.
Уште додека минувавме преку територијата на Северна Осетија, покрај реката забележавме десетици руски топови, хаубици и „самохотки“. Јасно е дека тие се таму поставени во случај ако Грузија повторно да тргне во напад, брзо да стигнат во Јужна Осетија. И во Јужна Осетија има многу воени возила. Повеќето ќе се вратат во Северна Осетија, но дел ќе останат на местата каде што ќе има нови руски бази.
Јужноосетијците се' уште не веруваат дека се случи вистинско примирје, па не само раководството, туку и народот смета дека е добро Русите да останат уште малку за да не се повтори крвопролевање. Тој страв е разбирлив, бидејќи на територијата на Јужна Осетија се' уште апсат групи на грузиски специјалци. Непосредно пред влезот во Цхинвали ,патот поминува низ шест грузиски села кои се празни. Нема ниту една куќа што е здрава. Подоцна ни објаснија дека грузиските специјалци дошле во тие села и од нив ги гаѓале позициите на бранителите на градот.
Од платото пред руинираната зграда на парламентот се гледаат околните ридови од кои Грузијците го гаѓале градот со артилерија и тенкови. „Моравме да ги напуштиме тие позиции на ридовите, бидејќи Грузијците тргнаа кон нас со тенкови. Зазедовме нови позиции во градот“, вели средовечен Осетиец, кој се' уште е во воена униформа. Тој објаснува дека Грузијците биле неспоредливо подобро вооружени. Осетијците и миротворците имале само пешадиско оружје.
За време на нашиот престој во Цхинвали, денот беше сончев и одлично се забележуваа блиските ридови. Домаќините ни предложија пеш да поминеме низ градот каде што добро се гледаат урнатините. Во улицата „Телман“, каде што сите куќи се направени од непечена тула, што е доказ дека таму живеат сиромашни, грузиската артилерија ги претворила во купови од глина. Од таа населба не е далеку зградата на парламентот. Токму во тој реон, кој претрпе многу штета, грузиските специјалци се обидоа да се пробијат, но ги дочекаа заштитниците на Цхинвали и се случи вистинска кланица. Осетијците јуначки ги бранеа своите позиции, но кога престана огнот, никој не сакаше да собере десетина убиени Грузијци. Дури со посредство на Црвениот крст, мртвите тела на грузиските војници беа отстранети.
Повеќето странски дописници поставуваа исто прашање: зошто Русите со авиони го нападнаа Гори? „Грузијците од околината на Гори не' нападнаа со системите ’Град‘. Гори е оддалечен само 26 км по воздушна линија. Тие одлично ги знаеја нашите координати, бидејќи во близина беа нивни миротворци. Затоа, со својата артилерија и злогласните ’градови‘ од длабочините на Грузија ги гаѓаа прво важните згради и позициите на руските и осетиските војници. Грузијците знаеја дека Осетијците немаат со што да им одговорат“, објаснуваат руските и осетиските офицери.
На домаќините повеќе пати им беше поставено прашањето зошто се разурнати грузиските села недалеку од Цхинвали. Видливо оти некои куќи биле запалени поради одмазда. Во тие села нема ниту една куќа со покрив. Се е празно и нема никој, сите побегнале. Домаќините ни објаснуваа дека таму се собирале единиците на грузиската армија и специјалците. Затоа по тие села било пукано од тешко оружје. Забележавме дека во грузиските села куќите се поуредени од оние во осетиските.
„До војната тие добро живееја со нас. Се занимаваа со трговија и градежништво. Оваа војна никому не донесе добро“, вели Ирина Јурјевна Гаглуева, раководител за информирање на Јужна Осетија, која е домаќин на групата новинари. Таа, како и претседателот Едуард Кокојти, истакнува дека сите кои не војувале можат да се вратат. Категорички велат: нема да им дозволиме само на оние кои пукаа на нас.
Сите со кои разговаравме многу се лути на Запад, а особено на Америка. Освен претседателот на Јужна Осетија, Едуард Кокојти, многумина им поставуваа исто прашање на новинарите: зошто Запад не реагираше во првите осум часа, кога Грузијците најмногу не' напаѓаа и да не се вмешаше руската армија којзнае што би се случило. Многумина се сомневаат дека Запад сакал, како во случајот со хрватската „Бура“, да замижи и да биде глув некое време додека Грузијците го расчисти теренот, па дури тогаш би се кренала врева дека треба да се воспостави примирје. Тие се лути и на Украина, посебно на кумот на Саакашвили, Виктор Јушченко, кој ја вооружуваше Грузија.
Обичните луѓе се обидуваат да го организираат животот и сега воопшто не се занимаваат со прашањето дали Запад ќе ги признае или не. Нив им е најважно тоа што Русија ги спаси од истребување. „Ние сме само 70.000 и не сме закана за никого. Но, мора да се знае дека не сакаме да исчезнеме како народ“, вели претседателот Едуард Кокојти, кој решително ни рече дека ни случајно не сака да седне на преговарачка маса со Саакашвили, на кого местото му било на суд.
Осетијците ги потсетуваат новинарите дека на Запад никој не се измачува тоа што во последните 18 години Грузијците уништиле дури 117 осетијски села. Посебно не погоди тоа што дознавме дека Грузијците започнале војна од нивниот генерал кој раководел со грузиски миротворци.
Во Јужна Осетија хорски повторуваат дека само воен сојуз со Русија е единствена гаранција да ја сочуваме не само слободата, туку и својот народ. „Од што ќе живеете како самостојна држава“, го запрашаа новинарите Кокојти. „Ако има мир, ќе стигнат и инвестиции. Ние имаме многу дрвја. Геолошките истражувања укажуваат дека овој регион е богат со руди од скапоцени метали, особено олово и цинк. Покрај тоа, нашата вода е одлична па би можеле да ја извезуваме“, вели претседателот на Јужна Осетија.
Додека поминувавме крај урнатините на Цхинвали, цело време од разгласот се слушаа детски гласови и песни. Првачињата тргнаа на училиште, а во сите градови на поранешниот СССР тоа се смета за празник на децата и нивните родители. На главниот плоштад на Цхинвали сепак немаше многу деца. Ни рекоа дека сите бегалци не се вратени, а животот не е целосно нормализиран. Шокот што го преживеаја само 20-тина дена пред почетокот на учебната година многумина ќе го запаметат за цел живот, а особено оние на кои им загинал некој близок.
Враќајќи се повторно во Северна Осетија забележавме како руските војници во студената клисура покрај реката палат оган и се топлат покрај нивните тенкови. Иако немаше можност да се разговара со нив, јасно е дека сите се среќни што се вратија живи од краткотрајната, но многу сурова војна на Кавказот. |